1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
УметностИталија

Биенале на уметноста во Венеција: „Странци насекаде“

Штефан Деге
20 април 2024

Во Венеција денеска (20.04) започнува јубилејното 60-то Биенале на уметноста. Актуелните вооружени судири во светот, во прв ред војната во Појасот Газа, оставаат своја трага и во Венеција.

https://p.dw.com/p/4eybZ
Израелскиот павилјон на Биеналето во Венеција нема да биде отворен додека не дојде до прекин на огнот во Појасот Газа
Израелскиот павилјон на Биеналето во Венеција нема да биде отворен додека не дојде до прекин на огнот во Појасот ГазаФотографија: Colleen Barry/AP Photo/picture alliance

Уметничката Рут Патир, која го претставува Израел на прочуеното уметничко Биенале во Венеција, не сака да го отвори павилјонот на нејзината земја за јавноста додека не се договори прекин на огнот во војната во Газа. Видео-инсталацијата насловена како „(Т)атковина“, всушност требаше да биде претставена во сабота во павилјон во италијанскиот град. Сепак, Патир во вторникот најави дека нејзиното уметничко дело ќе остане покриено.

Со оглед на актуелните дискусии за учеството на Израел на Биеналето во заднина на војната во Газа, уметничката на Инстаграм објасни дека таа и кустосите Мира Лапидо и Тамар Маргалит сега станаа вест, а не уметност. „А, кога ќе ми се даде таква извонредна бина, сакам и тоа да се смета.“

Тие „затоа одлучија дека павилјонот ќе биде отворен само кога ќе бидат ослободени заложниците од страна на Хамас и кога ќе има прекин на огнот“. Тековниот конфликт повеќе не може да се издржи, вели. Таа е дел од голема група во Израел која „повикува на промени“.

Со оваа порака уметничката Рут Патир и кураторите објаснуваат зошто е затворен израелскиот павилјон
Со оваа порака уметничката Рут Патир и кураторите објаснуваат зошто е затворен израелскиот павилјонФотографија: Luca Bruno/AP Photo/picture alliance

Војната во Газа веројатно ќе биде една од доминантните теми во Венеција оваа година, која во наредните неколку месеци (од 20 април до 24 ноември) повторно ќе стане центар на меѓународниот уметнички свет. Пред две години, повеќе од 800.000 љубители на уметноста отидоа на аџилак во тој лагунски град изграден на потпорници, од кои две третини од странство. Тоа беше нов рекорд.

Политичка ориентација на Биеналето

Најстарото уметничко Биенале во светот веројатно сега е уште повеќе политички ориентирано, но и сè повеќе меѓународно. За првпат, на пример, павилјони имаат Источен Тимор и Панама. Сè поприсутен е и африканскиот континент. Гана и Мадагаскар првпат учествуваа во 2019 година, а потоа Уганда, Камерун и Намибија во 2022 година. Новодојденците од Африка на овој - заедно со Документа во Касел, Германија - најзначајниот уметнички спектакл во светот, се и Етиопија, Бенин, Танзанија и Сенегал.

Под слоганот „Сè што е скапоцено е кревко“, Азу Нвагбогу го претставува придонесот на западноафриканскиот Бенин. Кустосот од Нигерија со силни меѓународни врски ги комбинира делата на уметниците Клои Квенум и Муфула Бело, нивниот колега Ишола Акпо и делото на Ромуалд Хазуме, актуелна ѕвезда на уметничката сцена во Бенин. Нвагбогу е основач и директор на Фото фестивалот Лагос и Фондацијата Африкански уметници, непрофитна организација посветена на промоција на современата африканска уметност и нејзина промоција низ целиот свет.

Последните подготовски за Биеналето
Последните подготовски за БиеналетоФотографија: Gabriel Bouys/AFP

Гласовите на Африка на уметничкото Биенале

Со успех, како што се испостави: емотивното дело на Хазуме „Сон“ го направи сега 62-годишниот уметник светски познат на Документа 12 во Касел во 2007 година. Хазуме претстави чамец долг неколку метри, направен од пластични канистри, стаклени шишиња, писма и фотографии, кои ги стави пред платното за фотографија. Бегство, протерување, губење на домот - овие асоцијации не настанале случајно.

Кустосот Нвагбогу, исто така, сака да го искористи националниот придонес на Бенин, како што им рече на новинарите, за да ја промовира „реституцијата на знаењето“ и, со помош на „библиотеката на отпорот“, да им даде глас особено на жените - на теми како што се африканскиот идентитет, екологијата и науката.

Дали африканските гласови веќе се доволно присутни во Венеција? „Би сакал да видам многу повеќе“, вели Нвагбогу во интервју за Дојче веле, „пред сè, би сакал да видам да се изгради посеопфатна културна инфраструктура на континентот и поголема поддршка за импресивните настани кои веќе ги имаме низ Африка“.

Мотото на Биеналето се врти околу „странско“

Оваа година за главната изложба на уметничкото Биенале е одговорен Бразилецот Адријано Педроса, првиот Латиноамериканец кој некогаш ја имал оваа престижна позиција. „Stranieri Ovunque“ (Странци насекаде), како што ја крсти својата претстава, се простира низ градини како паркови, историските сали на бродоградилиштето наречено „Арсенале“ и други уметнички локации во градот на лагуната.

Фокусот на Педросин, како што најави, е „на уметници кои и самите се странци, имигранти, емигранти, дијаспора, емигранти, прогонети или бегалци“. Кругот е огромен. Беа поканети вкупно 330 уметници, 88 земји имаат павилјони, а низ градот се распоредени 34 придружни настани.

Идејата на главниот кустос: Тој сака да прикаже уметност од помалку привилегираните и помалку индустријализираните региони на глобалниот југ. Самиот слоган потекнува од парискиот уметнички колектив Клер Фонтен, кој го произведе како неонски знак на 53 различни јазици. Сега свети во „Арсенал“.

„Странци насекаде“ - мотото на овогодинешното Биенале
„Странци насекаде“ - мотото на овогодинешното БиеналеФотографија: Robert Messer/dpa/picture alliance

Рускиот павилјон повторно останува празен

Малку е веројатно дека воените ривали Украина и Русија ќе се судрат во Венеција: рускиот павилјон повторно ќе остане празен. Украина, пак, учествува со групната изложба „Изградба на гнездо“. По нападот на соседната земја во февруари 2022 година, уметниците и кураторите избрани за рускиот павилјон отстапија од функцијата. Но, немаше официјално исклучување Русија.

Годинава на Биеналето учествуваат вкупно 88 земји. Повеќето од нив изложуваат во историските хали на бродоградилиштето, без сопствена изложбена сала.

И за крај, да напоменеме дека Ватикан го има еден од најспектакуларните настани оваа година: својот павилјон го поставува во женскиот затвор во градот во лагуната. Затвореничките ги придружуваат посетителите по уметничка патека низ затворот. Павилјонот сака да го посети и папата Франциско. Тој би бил првиот папа кој некогаш го посетил Биеналето.