1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија и Полска ја блокираат реформата на азилот во ЕУ

ЖА / агенции
30 јуни 2023

Самитот на ЕУ во Брисел се заканува да заврши без договор околу идната политика на азил и миграција. Не е на повидок консензус по блокадата на Полска и Унгарија

https://p.dw.com/p/4TGvH
Матеуш Моравјецки  Виктор Орбан Џорџија Мелони самит на ЕУ во Брисел
Полскиот и унгарскиот премиер, Матеуш Моравјецки и Виктор Орбан во разговор со италијанската премиерка Џорџија Мелони на самитот на ЕУ во БриселФотографија: Geert Vanden Wijngaert/dpa/picture alliance

На самитот на ЕУ и натаму трае спорот околу политиката на азил и миграција. Полска и Унгарија спречија формирање заеднички став во завршниот документ од состанокот, како што изјавија дипломати утрово.

Во четвртокот вечерта Полска побарала ревизија на плановите за реформа на азилот и со тоа поништување на одлуката на министрите за внатрешни работи од почетокот на јуни. Документот кој беше усвоен тогаш, а го поддржа мнозинство од државите-членки, предвидува обврска за прифаќање бегалци, а земјите кои не сакаат да примат бегалци, би требало да плаќаат 20.000 евра по (неприфатен) мигрант.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште пред состанокот потврди дека неговата земја нема да учествува во планираната распределба на бегалци во ЕУ,како ни во плаќањето надомест. Слично изјави и полската влада.

Двете земји се противат на плановите за сеопфатна реформа на европските правила за доделување азил. Полска и Унгарија беа единствените земји кои гласаа против планираната распределба на мигранти во Унијата, но шведското претседателство со ЕУ реши при гласањето за тоа прашање да се примени квалификувано мнозинство, а не едногласност.

Спорот на самитот на ЕУ нема директни последици на постојната законодавна постапка. Следен чекор се преговори со претставниците на Европскиот парламент за договорот за азил, кој е усвоен со мнозинска одлука на министрите за внатрешни работи. 

Полска бара секоја земја-членка сама да одлучува како ќе ги поддржи земјите со посебно голем број бегалци.Прифаќањето на баратели на азил би требало да биде доброволно, се наведува во нацртот на завршната декларација од самитот, кој е доставен до агенцијата ДПА.

Според дипломати, германскиот канцелар Олаф Шолц се обидел да издејствува отстапки од Полска и Унгарија, одбивајќи го полското и унгарско барање за повторни преговори.

Во Полска моментално има преку еден милион бегалци од Украина, но Варшава одамна одбива да прифати бегалци кои доаѓаат во ЕУ преку Италија и Грција.