1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК ќе препорача пристапни преговори со БиХ

Штефан Штикелман
12 март 2024

Шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, смета дека Босна и Херцеговина е зрела за почеток на преговори за приклучување во ЕУ и покрај тоа што Република Српска демонстрира блискост со Русија.

https://p.dw.com/p/4dQYj
Урсула фон дер Лајен и Милорад Додик
Средба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во октомври 2022 година во СараевоФотографија: Armin Durgut/PIXSELL/picture alliance

Босна и Херцеговина, според проценката на Европската комисија, е подготвена да ги започне преговорите за пристапување во Европската унија. „Се разбира, потребен е натамошен напредок за да се приклучи кон нашата Унија. Но, земјата покажува дека може да ги исполни критериумите за пристапување и ги поддржува аспирациите на своите граѓани да станат дел од нашето семејство“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен во својот говор во Европскиот парламент во Стразбур. Европската комисија ќе донесе заклучок да им препорача на земјите-членки на ЕУ да започнат пристапни преговори со Босна и Херцеговина.

„Направени се импресивни чекори кон нас“

Фон дер Лајен како причина за ваквиот чекор го наведе, меѓу другото, напредокот во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот, како и во управувањето со миграцијата. Покрај тоа, балканската земја целосно се усогласила со надворешната и безбедносната политика на Европската унија, што е особено важно во „време на геополитички пресврти“. „Откако ѝ дадовме кандидатски статус на земјата, таа направи импресивни чекори кон нас“, објасни Фон дер Лајен. „Постигнат е поголем напредок за нешто повеќе од една година отколку претходно за повеќе од една деценија.“

Босна и Херцеговина официјално поднесе барање за членство во ЕУ во 2016 година. Во 2022 година земјата беше примена во групата земји кандидати. Во декември минатата година, шефовите на држави или влади на земјите од ЕУ се договорија да започнат преговори за прием во Унијата штом ќе бидат завршени натамошни реформи. Сега, веројатно на нивниот пролетен самит на 21 и 22 март, тие треба да одлучат дали ќе ја прифатат препораката на Комисијата.

За почеток на пристапните преговори потребна е едногласна одлука на земјите-членки на ЕУ. Ако се гласа „за“, Босна и Херцеговина би била во пристапниот процес онолку далеку колку и Украина и Молдавија. Разговорите за пристапување во ЕУ обично траат со години, ако не и децении.

Дејтонскиот мировен договор, младите и „идентитетите со етикети“

Слаба централна власт во Сараево

Од Дејтонскиот договор со кој заврши Босанската војна во 1995 година, Босна и Херцеговина е поделена на Република Српска, која е претежно населена со босански Срби, и на хрватско-муслиманската Федерација Босна и Херцеговина. Двата полуавтономни делови на земјата се поврзани со слаба централна власт.

Причината за напорите околу Босна и Херцеговина беше и загриженоста дека државата со околу 3,2 милиони жители би можела во спротивно да се ориентира кон Русија или Кина. Пред само неколку дена Високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, предупреди на растечкото влијание на Русија во оваа балканска земја. Тој во интервју за агенцијата АФП не можеше да исклучи дека „дел од стратегијата“ на водачот на босанските Срби, Милорад Додик, „доаѓа директно од Москва“. Шмит го осуди „антиевропското однесување и блиските односи“ на Додик со рускиот претседател Владимир Путин.

Милорад Додик и рускиот претседател Владимир Путин
Средба на Милорад Додик со рускиот претседател Владимир Путин во Казан, февруари 2024 годинаФотографија: Milorad Dodik/X

Минатиот јули, Шмит укина два закона што парламентот на Република Српска ги донесе по налог на претседателот Додик. Тие го забрануваа спроведувањето на одлуките на босанскиот Уставен суд и Високиот претставник. Српскиот националист и сојузник на Кремљ, Додик, сепак ги објави законите, а тие беа објавени и во службениот весник на Република Српска. Додик постојано и отворено ги истакнува своите блиски врски со Москва. Во февруари Путин му додели орден „Александар Невски“, едно од највисоките руски одликувања.

Само уште Косово не е кандидат за членство

Од шесте држави од Западен Балкан, само Косово сѐ уште не е кандидат за членство во ЕУ. Но, земјата веќе има поднесено барање за членство. За најмладата држава во Европа, тоа беше главно симболичен чин: членството во ЕУ во моментов не ѝ е на дофат на земјата, која е независна од 2008 година. Главната пречка е што пет земји од ЕУ - Шпанија, Романија, Словачка, Грција и Кипар - не го признаваат Косово.