1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: руски пари за украинско оружје

Бернд Ригерт
21 март 2024

ЕУ и Украина ги збиваат редовите. На кандидатот за членство му се ветува повеќе финансиска помош. Парите за таа намена треба да се алоцираат и од замрзнат руски имот.

https://p.dw.com/p/4dxm7
Украинскиот премиер Денис Шминал и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Украинскиот премиер Денис Шминал и претседателката на ЕК, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Virginia Mayo/AP/dpa/picture alliance

Пред една година земјите членки на Унијата ветија дека за армијата на Украина ќе дадат еден милион парчиња муниција. Ваквото воено ветување само до некаде го реализираа. Во Брисел неделава беа претставени цела серија финансиски и политички мерки за  помош на нацијата нападната од Русија.  Барем парите и натаму треба да течат.

50 милијарди евра за украинскиот буџет

За прв пат заседаваше Советот за асоцијација на ЕУ и Украина откако во декември минатата година ЕУ официјално најави почеток на преговорите за членство со Киев. Задачата на гремиумот е да ги подготви натамошните чекори сѐ до отпочнувањето на формалните преговори. Украинскиот премиер Денис Шминал претстави олан за реформи и реконструкција на Украина  во време кога војната уште трае.
 Претседателката на ЕК, фон дер Лајен, објави дека првата транша од 4,5 милијарди евра од вкупно 50 планирани од ЕУ за Украина, треба да бидат исплатени и да биде кофинансиран буџетот на земјата до крајот на 2027 година. „Тоа е клучно за Украина”, рече фон дер Лајен во Брисел. Украина ќе биде поддржувана додека е тоа нужно, вети и еврокомесарот за проширување, Вархеји.
„Ние сме многу благодардни за поддршката”, изјави украинскиот премиер Шмихал. Механизмот за финансирање со 50 милијарди евра е клучот за стабилност, оцени тој и додаде дека „ЕУ сега навистина е на највисок степен на алармираност затоа што знае дека и нејзините витални интереси се на коцка”.

Жозеп Борел,  Денис Шмихал и Оливер Вархеји
Жозеп Борел, ополномоштеник на ЕУ за надворешна политика, украинскиот премиер Денис Шмихал и еврокомесарот за проширување, Оливер ВархејиФотографија: Virginia Mayo/AP/dpa/picture alliance


Жозеп Борел, задолжен во ЕУ за надворешна политика, го пофали брзиот напредок на Украина во приближувањето кон ЕУ и тоа во услови на војна. ЕК и натаму не сака да определи термин кога преговорите би започнале и формално, со состанок на 27-те земји членки и Украина.
За тоа е повторно потребно едногласност на членките. Процесот за членство во повеќе наврати го кочи Унгарија, а отпор од Будимпешта во дипломатски кругови во Брисел се очекува и на следниот чекор.

Добивки од руски камати за оружје во Украина

Според Заклучок од февруари од страна на шефовите на држави и влади на ЕУ, ЕК  неделава претстави план како добивките од замрзнат руски имот може да се користат за доброто на Украина.
Се работи за добивки од камати во износ од околу три милијарди годишно кои произлегуваат од имот на Руската државна банка во белгискиот понудувач на финансиски услуги Еуроклир.  Имот на Руската државна банка во висина од 200 милијарди евра беше замрзнат преку санкции од страна на ЕУ, што значи дека банката веќе не можеше да ги подигне или трансферира. ЕУ одбува комплетна конфискација на овие средства како што бара Украина, посочувајќи на правни проблеми и дека така меѓународните вложувачи би ја изгубиле довербата во Еврозоната. По долго советување, членките на ЕУ се договорија дека ќе ја конфискуваат добивката од каматите која ќе биде уплатувана во посебен буџет наречен „Европски мировни средства” со кои ќе се финансираат испораките на оружје за Украина. Во фондот до сега има пет милијарди евра од придонесите од земјите членки.

Руската централна банка во Москва
Руската централна банка во Москва - милијарди евра се депонирани на ЗападФотографија: Mikhail Tereshchenko/TASS/dpa/picture alliance


Европската централна банка е загрижена дека користењето на средствата од Еуроклир може да придонесе за проблеми во работењето на белгиската фирма и како последица да има уште поголема финансиска криза. Поради тоа Еуроклир ќе може дел од каматите да ги задржи како сигурност со која би се финансирале побарувањата на други доверители и евентуални судски спорови.
ЕЦБ стравува дека кинеските банки или други поголеми вложувачи би можеле да ги повлечат своите средства од Еуроклир и дека ќе мора белгиската држава да ја спасува фирмата од пропаст, што пак би довело до финансиска криза во Еврозоната.
Освен тоа Русија како контрамерка би можела да конфискува имот на Еуроклир во висина од околу 33 милијарди евра кои се наоѓаат во Москва. Под притисок на ЕЦБ, Унијата сега планира да дејствува само заеднички со другите западни земји од Г7, затоа што Руската државна банка има свој имот и во САД, Јапонија и Велика Британија, иако во помал обем.

Москва обвинува за „кражба”
 

Лидерите од ЕУ неделава ќе се занимаваат со планот за користење на руските камати. Германија до неодамна имаше отпор против ваквиот модел. Белгија најави дека ќе го префрла на Украина данокот од 25 проценти кој се плаќа на руските добивки. ЕУ со можното користење на руски средства за набавка на оружје за Украина прави преседан.
До сега конфискација на средства на странски државни банки имало само по завршување на една војна, како на пример во Заливот во 1991 година, или по Втората светска војна.
Од таму и брзата реакција од Москва. Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, рече дека се руинира угледот на Западот како безбедно уточиште за капитални вложувања.
„Штетата не може да се избегне. Лицата кои носат одлуки и држави кои одлучуваат вака секако дека ќе бидат предмет на кривично гонење со децении", рече Песков. Портпаролката на руското министерство за надворешни работи обвини за „бандитство и кражба".

Блокада на границата на полските земјоделци поради влез на евтини украински производи
Блокада на границата на полските земјоделци поради влез на евтини украински производиФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Повторно можни царини за земјоделски производи од Украина


Членките на ЕУ се договорија да го продолжат за уште една година договорот за бесцарински увоз на стоки од Украина. Под притисок на протести од земјоделците, од ова треба да бидат изземени некои производи како мед, јајца, кокошки, шеќер, пченка и овес, на кои од јуни  повторно може да има царини  ако се пречекори одредена количина.
Премиерот Шмихал е задоволен со Заклучоците, затоа што утврдените горни граници и онака нема да бидат достигнати. Горните граници се утврдени според просекот од 2022 и 2023 година. Ќе мора да се сочека дали вака ќе се смират полските селани кои ги блокираат границите поради евтината конкуренција од Украина.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија