1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евроинтеграциите – бесконечно вртење во круг

10 ноември 2023

Граѓаните на Северна Македонија со право се чувствуваат разочарани. Патот кон Европската унија трае бесконечно долго и веќе никој не верува дека еден ден ќе влеземе во европското семејство. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4YdwG
ЕУ Северна Македонија
Неодминлив е впечатокот и дека ЕУ е престрог ментор кон МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Од држава која беше далеку пред Хрватска, Србија и Црна Гора во кои беснееше војна на почетокот на ’90-тите, денес Македонија или Северна Македонија „падна“ во друштво на Украина во која се води војна, и на Молдавија која до скоро беше пример за режимска држава. Хрватска одамна е членка на ЕУ, а од оваа година го воведе и еврото, а Србија и Црна Гора се веќе со години таму каде ние не можеме да влеземе – во преговарачкиот процес. Албанија, која беше земја за која граѓаните на Македонија зборуваа со потценување, исто така зеде залет и веќе е чекор пред нас бидејќи ќе го продолжи преговарачкиот процес додека ние остануваме заглавени со уставните промени. 

Граѓаните на Македонија со право се чувствуваат разочарани. Патот кон Европската унија трае бесконечно долго и веќе никој не верува дека еден ден ќе влеземе во европското семејство. Државата е изморена од ветувања, условувања и уценувања. Еднаш е промената на името, другпат промената на Уставот, трет пат е корупцијата, судството, недостигот на демократија, партизирани институции, слаба економија. Сето тоа е точно, но европските функционери треба да бидат чесни и да прифатат дека во овој опис може да се најдат и многу држави членки на клубот како на пример Унгарија, Хрватска, Бугарија, Грција, Полска итн. Практично и да не постои земја од ЕУ освен скандинавската група и лидерот Германија, кои иако се дел од елитниот клуб не поминале низ процеси како што сега се одвиваат во Македонија – корупција, политизирано судство, слаба економија. Бугарија и Романија уште го немаат достигнато нивото од 1000 евра просечна плата иако 17 години се членки на Унијата, при што Бугарија е дури и нешто малку над балканскиот просек со 777 евра просечна плата. Државите од некогашниот источен блок како Полска и Словачка, а и Хрватска, Унгарија, Португалија, Грција, одвај надминуваат 1000 евра просечна плата, како впрочем и Латвија и Литванија.

Иако во политиката на ЕУ провејува ставот дека земјите од Западен Балкан треба да се интегрираат во ЕУ, јасно е и дека регионот ја плаќа политичката цена за интеграцијата на земјите како Бугарија, Хрватска, Романија, Полска и други кои влегоа во Унијата без потребното ниво на подготвеност. Тоа не го ни кријат државите лидерки на Унијата како Франција и Холандија, кои се најголеми критичари а и кочничари на проширувањето повикувајќи се постојано на неисполнетите критериуми.

​​Погрешна стратегија

Во случајот со Македонија потфрли стратегијата и на нашите власти дека промената на името е доволна за државата да влезе во европската орбита а потоа гравитацијата да го стори своето и да слета во европскиот клуб. За волја на вистината и европските функционери кога доаѓаа во убедувачка мисија пред референдумот за Преспанскиот договор во 2018 година, се погрижија тие ветувања да одѕвонуваат во ушите на граѓаните. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при тогашната посета на Македонија во својство на шефица на одбраната на Германија порача дека шансата е уникатна и македонските граѓани не треба да ја пропуштат. Рече и дека зборува за обединета Европа која сака да ја гради својата иднина заедно со Македонија. Но никој тогаш и не го претпоставуваше противењето на Бугарија кое успешно го продаде во Брисел како потреба за почитување на човекови права и заштита на малцинствата, кои се дел од Копенхашките критериуми за влез во Унијата.   

Парадоксално е што Европската комисија во ниту еден извештај досега па ниту и во најновиот не нотира дека во Северна Македонија има проблем со почитувањето на човековите и на малцинските права. Напротив во секоја прилика се потенцира дека нашата држава е пример на Балканот и пошироко во оваа област, а споредено со Бугарија каде што со години  се игнорираат пресудите на Европскиот суд за човекови права  за македонското малцинство, Македонија е светлосни години понапред. 

Од друга страна, пак, загриженоста на ЕУ за  експанзијата на корупцијата во Македонија  и за отсуството на реформи во судството е објективна и е во корист на граѓаните кои се најголеми губитници поради овие состојби. Иако евроамбасадорот Дејвид Гир при вчерашната прес конференција (четврток 9 ноември 2023) рече дека  целта на ЕУ со извештајот  е да ги охрабри властите во земјава да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите во интерес на граѓаните, јасно е дека се тоа дипломатски флоскули по силните критики во извештајот. И тоа е добро, затоа што Владата во изминатиот период не покажа слух за критиките во јавноста поврзани со нереформираното судство, партизираните институции, корупцијата и прекројувањето на Кривичниот законик по мерка на корумпираните функционери. 

​​ЕУ не покажа лидерство

Сепак неодминлив е впечатокот и дека ЕУ е престрог ментор кон Македонија и не покажа лидерство во клучни моменти, иако во сите досегашни извештаи и директно и индиректно се посочуваа нашите влади како слаби лидери на евроинтегративниот процес на државата. Оваа констатација може лесно да се изведе ако се погледнат областите кои ЕУ постојано ги истакнува како лошо управувани а тие се демократијата, слободата на говор, судството, корупцијата, нефункционална и партизирана администрација – кои се сите без исклучок дел од практикувањето на власта.

Видливо е дека Унијата и меѓународната заедница често ги затвораа очите кон лидерството во Македонија погрешно сметајќи дека така ќе добијат резултати во крупните надворешно – политички прашања како што беше спорот за името со Грција, а сега и спорот со Бугарија. Тоа доведе до напластување на проблемите во практичната политика во државата и во внатрешно политичките прашања кои директно имаат влијание врз квалитетот на животот на граѓаните и доведоа до назадување или стагнација, за кои сега тешко се наоѓаат решенија без да се плати висока политичка цена и дома и во ЕУ, бидејќи Македонија е дел од пакетот Западен Балкан кој доби на цена по војната во Украина.

Ова затворање на очите продолжи и поради целосното усогласување на македонската надворешна политика со онаа на ЕУ, особено во делот на санкциите кон Русија и осудата на руската агресија на Украина, кои Владата во Скопје ги пресмета во цената за комоцијата која сметаше дека Брисел ќе и` ја даде поради лојалноста. Но не излезе така и сега дојде до изненадување и на „Илинденска“ и во провладините кругови од  шлаканицата која најпрво ни ја удри Холандија а сега и Европската комисија.

Значи за  слабостите на нашата држава  сите сме свесни. Северна Македонија не е идеална земја кандидат за членство во ЕУ, но уште колку време треба да чека? Разочарувањето на граѓаните не може да биде платено со дел од колачот од 6 милијарди евра кои Унијата ги планира за  економско унапредување на Западен Балкан,  бидејќи искуството нѐ научи дека парите доаѓаат и си одат, но квалитетот на живеачката е во надолен пад веќе со години, и тоа не само на економски план туку и на планот на остварувањето на граѓанските права. Или да се послужиме со критиката на холандскиот амбасадор – милиони евра се истурија во судството а работите се влошуваат наместо да се подобруваат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи