1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураЕвропа

Европа ја слави јазичната разноликост

Луиза Шефер
26 септември 2023

Европскиот ден на јазиците кој се одбележува на 26 септември, цели кон промовирање на јазичното образование како средство за поттикнување разбирање на меѓународно ниво. Дали тоа во денешно време функционира?

https://p.dw.com/p/4WoWL
Настава по полски јазик во германско основно училиште во Франкфурт на Одра
Настава по полски јазик во германско основно училиште во Франкфурт на ОдраФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Замислете си дека стоите на автобуска станица и странец ве прашува нешто на странски јазик со очаен израз на лицето. Се гледа дека не проси пари, туку бара нешто. Можеби пристаниште, или можности за транспорт? Повеќето отворени и емпатични типови на луѓе ќе сакаат да помогнат.

Во минатото луѓе кои не зборуваат ист јазик мораа да комуницираат со гестикулации. И тоа често пати магично функционираше. Во денешно време имаме инсталирани апликации со разни јазици на телефоните и реченица на еден јазик за неколку секунди се преведува на друг. И тоа е, исто така, магија.

Но, така се промашува човечката интеракција. Дали преводот е доволен во поширок контекст? Дали е доволно тоа за да се промовира разбирање меѓу културите?

Средство за поголемо меѓусебно разбирање 

Како замисла на Советот на Европа,Европскиот ден на јазиците цели кон тоа да ги охрабри околу 700 милиони Европејци претставени преку 46-те земји членки во Советот, да „учат нови јазици на било која возраст“. Советот на Европа е меѓународна организација основана по Втората светска војна со цел да се залага за човековите права, демократијата и владеењето на правото во Европа.

Денот на јазиците се одбележува уште од 2001 година и се должи на убедувањето на Советот дека „лингвистичкиот диверзитет е алатка за постигнување поголемо разбирање меѓу културите  и клучен елемент во богатото културно наследство на континентот“.

„Секој заслужува шанса да профитира од културолошките и економски предности што ги носи изучувањето на јазици. Учењето јазици помага да се развие толеранција и разбирање меѓу луѓе со различни лингвистички и културолошки позадини“, оценија во тоа време генералниот секретар на Советот на Европа и еврокомесарот за образование и култура во заедничко соопштение по повод Европската година на јазиците.

Најголем дел од Германците учат англиски како прв странски јазик во училиштата
Најголем дел од Германците учат англиски како прв странски јазик во училиштатаФотографија: Achim Scheidemann/dpa/picture alliance

Модерното време е за глобални јазици?

Тоа беше тогаш, ова е сега.

Според страницата на Европскиот ден на јазиците, еве неколку интересни факти:

1. Постојат меѓу 6 и 7 илјади различни јазици во светот распределени на околу 7 милијарди луѓе кои се организирани во преку 190 независни држави.

2. Има околу 225 стари јазици во Европа, само 3 проценти од вкупниот број во светот.

3. Поголемиот дел од јазиците што постојат во светот, се зборуваат во Азија и Африка.

4. Најмалку половина од населението во светот е двојазично или мултијазично, односно тие зборуваат два или повеќе јазици.

5. Во секојдневниот живот Европејците се` повеќе се сретнуваат со странски јазици. „Постои потреба да се генерира поголем интерес за јазици кај Европејците."

Интересно, на страницата стои дека „двојазичноста носи многу предности. Тоа го олеснува изучувањето на дополнителни јазици, го поттикнува процесот на размислување и овозможува контакти со други луѓе и култури“.

Инфлацијата и кратења во културата

Од друга страна, преку Атлантикот, во септември беше објавено дека Универзитетот на Западна Вирџинија ќе ја затвори катедрата за странски јазици. Секако не станува збор за Харвард, но сепак е сигнал кој се среќава и кај други американски универзитети и европски институции кои ги кратат програмите за странски јазици и култури.

Новинската агенција „Асошиејтед прес“ повикувајќи се на планирани кратења на буџетите посочува дека „Универзитетот Западна Вирџинија предлага кратење на 32 програми вклучително и катедрите за странски јазици, литература и лингвистика, заедно со дипломски и докторски студии по математика, музичко, англиски и слично."

Понатаму во известувањето се вели дека и други американски универзитети се соочуваат со носење слични одлуки, но дека ова е еден од најекстремните примери прочуен универзитет да презема такви драматични кратења, посебно кога се странски јазици во прашање.

#dw_BalkanBooster: Ме разбираш?

„Во се` поглобализиран свет, Американците би требало да ги прошируваат, а не да ги кратат можности за нивните деца да учат странски јазици", пишува Бенедикт де Монтлер, аташе за култура во француската амбасада во САД, во весникот „Њујорк Тајмс“ во 2019 година.

Германскиот меѓу најчестите јазици

Според порталот за учење странски јазици „Берлиц“, во септември 2023 околу 135 милиони лица ширум светот зборувале  германски како мајчин јазик, или втор функционален јазики со тоа тој е на 12-то место како најчесто зборуван јазик на светот, по англиски, мандарински, хинди, шпански, француски и арапски, меѓу другите. Се проценува дека првите 20 јазици на листата ги зборуваат околу 50 проценти од светското население.

Мнозинството од другите јазици пак, ги зборува само мала група на луѓе поради што се загрозени јазици. Во Германија тоа е случај со четирите главни дијалекти кои се меѓу признатите јазици во државата и заштитени со Европската повелба за малцински јазици.

Во Германија се зборуваат и многу други јазици на имигранти кои ги има во солиден број низ земјата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи