1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ранети украински војници и деца ќе се лекуваат и во Скопје?

ДТЗ
7 март 2024

Претседателот Стево Пендаровски вели дека идејата е прифатлива за него, но мора да се разгледаат деталите околу можностите за отворање на такви центри и во Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/4dG9f
украински војници
Украински војници во регионот на Харков (архивска фотографија)Фотографија: Kostiantyn Liberov/AP Photo/picture alliance

Можно ли е отворање на центри за рехабилитација на украински војници на Балканот? Претседателот Стево Пендаровски вели дека идејата е прифатлива за него, но мора да се разгледаат деталите околу можностите за отворање на такви центри и во Северна Македонија. 

Идејата балканските држави да помогнат во рехабилитацијата на деца и војници од воените зони во Украина, била иницирана на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари. Идејата била прифатлива и за Хрватска и за Црна Гора, со оглед на тоа дека овие две држави веќе имаат искуство и капацитети за рехабилитација од воените дејствија во 1990-те.

„Идејата за отворање на центри за рехабилитација на ранети и повредени украински војници во земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, начелно е прифатлива за нас, но потребно е конкретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе земат учество во програмата“, велат од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски во изјава за МИА.

Кој стои зад предлогот?

На прашањето дали има пристигнато официјално барање и дали ова прашање е разговарано на седница на Советот за национална безбедност и какви би биле импликациите по националната безбедност, ставот на претседателот Пендаровски е дека станува збор за првичен предлог од страна на Хрватска и на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски вели дека идејата е прифатлива за него, но мора да се разгледаат деталите околу можностите за отворање на такви центри и во Северна МакедонијаФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Центрите за рехабилитација се најдоа во фокусот на разговорите меѓу претседателот на Украина, Володомир Зеленски и претседателот Стево Пендаровски на средбата одржана на 28 феваруари. Зеленски на мрежата Х објави  дека го информирал Пендаровски за моменталната ситуација на бојното поле и за одбранбените потреби на Украина и зразил благодарност за целата политичка поддршка и јасниот став за иднината на Украина во НАТО.

„Посебно внимание посветивме на можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави“, потенцираше Зеленски.

Помош и за украинските деца

Во соопштението од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со Зеленски во Тирана, во рамки на учеството на самиот Украина – Југоисточна Европа, беше соопштено дека двајцата претседатели разговарале за последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признаени граници.

Хрватска во 2023 година, со одлука на владата прими ранети Украинци и ги згрижи во своите здравствени установи.

Од почетокот на инвазијата на Русија на Украина пред две години, десетици илјади луѓе - и војници и цивили - беа повредени. Многу од луѓето кои изгубиле екстремитети се воени ветерани кои сега минуваат низ процес на рехабилитација.

Северна Македонија беше меѓу првите земји којашто и пружи воена, техничка и хуманитарна помош на Украина. Земјата досега има испорачано помош од околу 60 милиони евра.