1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kоординација на државниот врв пред доаѓањето на Нимиц

17 февруари 2012

Во Вила Водно македонскиот државен врв ќе ги координира ставовите пред посетата на посредникот на ОН во грчко-македонскиот спор околу името Метју Нимиц.

https://p.dw.com/p/144cV
Претседателот Иванов со премиерот Груевски и претседателот на Собранието Вељаноски(архива)Фотографија: MIA

Македонскиот претседателот Ѓорге Иванов за денеска (17.02) закажа координативна средба на државниот врв пред доаѓањето на посредникот во македонско-грчкиот спор за името Метју Нимиц на 20-ти февруари во Скопје. Како што информираа од кабинетот на Иванов, на средбата се повикани премиерот Никола Груевски, спикерот Трајко Вељаноски, вице-премиерот Муса Џафери, шефот на дипломатијата Никола Попоски и преговарачот Зоран Јолевски. Средбата е закажана за на пладне во Вила Водно.

Папуљас: Ние попуштаме, Скопје има тврд став

Инаку Метју Нимиц покрај во Скопје ќе патува и во Атина на средба со грчките власти. Медиумите во Атина вчера јавија дека грчкиот претседател Каролос Папуљас побарал помош од Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во надминувањето на спорот за името со Македонија. На средбата со Расмусен во Атина Папуљас како „виц“ го опишал „настојувањето на Скопје“ да го претстави Александар Велики како „скопјанец“, јавија грчките медиуми.

Griechenland Präsident Karolos Papoulias
Грчкиот претседател Каролос Папуљас

„Вие ја разбирате нашата чувствителност за ова прашање, имајќи предвид дека нашиот северен сосед одржува тврди позиции иако ние ја подадовме нашата рака и се однесуваме како добри соседи. Ќе продолжиме во оваа насока за да се изнајде взаемно прифатливо решение за прашањето за името со ПЈРМ“, рекол Папуљас пред Расмусен.

Посетата на првиот човек на НАТО на Атина, во чии рамки имаше средби и со премиерот Лукас Пападимос, министерот за одбрана Димитрис Аврамопулос и шефот на дипломатијата Ставрос Димас, е по повод 60-годишнината од влезот на Грција во алијансата.

Автор: СН/ БГ/ миа/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска