1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kултурен календар за ноември

2 ноември 2011

Што нуди месец ноември на културен план во Германија? Меѓудругото: два музички-џез фестивали, меѓународен филмски фестивал, почеток на карневалот и на божиќните пазари.

https://p.dw.com/p/133nG
Фотографија: fotolia/Igor Negovelov

Џез на Рајна и Елба

Die Sängerin Lisa Bassenge
Лиза Басенге е гостин на џез-фестивалот во ЛеверкузенФотографија: Jürgen Schabes

Два меѓународни џез фестивали нудат богата програма со можност да се доживеат џез-легендите во живо. Денеска, на 2-ри ноември стартува џез фестивалот во Дрезден. Она што започна пред десет години во рамки на 650-годишниот јубилеум на местото Ункерсдорф силно ги привлекува џез-феновите на Елба. Годинава покрај другите можат да се доживеат Клаус Долдингерс Паспорт, Ал Ди Меола и Кени Бал Енд Хиз Џезмен.

Веќе од 1980 година на џез фестивалот во Леверкузен се сретнуваат национални и интернационални звезди. Тогаш Леверкузен ја прослави 50-годишнината од своето постоење. Триесет и второто издание на фестивалот започнува на 5-ти ноември со ЗАЗ од Франција и германската пејачка Лиза Басенге. Феновите не мора долго да чекаат на џез легендите: на вториот ден честа ќе ја имаат Ренди Крафорд и Џо Симпл. Пејачката и пијанистот од 1979 година настапуваат секогаш заедно. Тогаш Крафорд и Фјужн бендот Крусејдерс со Симпл го лансираа светскиот хит „Стрит лајф.” Исто така на Рајна доаѓа и во моментов најдобриот џез пејач на светот: Курт Елинг со неговиот Квинтет.

9-ти ноември - два важни настани од историјата

Holocaust Mahnmal in Berlin Deutschland Flash-Galerie
Музејот на холокаустот во БерлинФотографија: AP

Ден во германската историја, кој се означува како „судбински ден на Германците“. Во 1938 година истребувањето на Евреите во германскиот Рајх достигна еден тажен зенит: во ноќта кон 10-ти ноември националсоцијалистите ги палеа еврејските продавници, куќи и синагоги. Еврејските граѓани беа убивани или однесени во концентрациони логори. На овој ден започнаа ноемвриските погроми, кои соработниците на Хитлер ги инсценираа како израз на гневот на народот против Евреите. Веќе со години 9-ти ноември се одбележува со богата програма во знак на сеќавање на страшните настани.

Деветти ноември е меѓутоа и празничен ден за сите Германци: во 1989-та година падна Берлинскиот sид, со што стана можно повторното обединувањето на поделената Германија. Така веќе 20 години Германија се развива обединета. Меѓутоа „процутените пејсажи“, што ги најави канцеларот на обединувањето, Хелмут Кол, за жал уште не се проширија на целата држава. И покрај тоа Германците го слават овој важен историски настан. По тој повод ќе бидат одржани повеќе забави во знак на сеќавање на паѓањето на Sидот.

Шанса за наследникот

Internationales Filmfestival Mannheim-Heidelberg
На интернационалниот филмски фестивал во Манхајм - Хајделберг од 10-ти до 20-ти ноември ќе се претстават 50 филмовиФотографија: Internationales Filmfestival Mannheim-Heidelberg/ Norbert Bach

По што се разликува Меѓународниот филмски фестивал Манхајм-Хајделберг од другите слични мега-настани во Кан, Венеција, Локарно или Берлин? По тоа што можат да се пријават само оние режисери, кои се´ уште не се меѓународно познати. Вториот по старост филмски фестивал на светот веќе 60 години му нуди на авторскиот филм меѓународно почитуван форум. На фестивалот во Манхајм-Хајделберг беа откриени Франсоа Трифо (1959), Рајнер Вернер Фасбиндер (1969), Вим Вендерс (1969) или Ларс фон Трир (1984). На фестивалот што ќе се одржи од 10-ти до 20-ти ноември ќе учествуваат околу 50 филмови.

Карневалот и Денот на Свети Мартин

Flash-Galerie Karneval 2010
На 11.11 во 11 часот започнува карневалот...Фотографија: picture-alliance/dpa

На 11-ти ноември за сите љубители на карневалот започнува повторно „петтото годишно време.“ Според традицијата, карневалистите се собираат во Келн точно во 11 часот и 11 минути и официелно ја отвораат новата карневалска сезона. Потоа во целиот град ќе се танцува, пие и пее. Карневалот во Келн порано беше радосен и шарен уличен празник. Во 19-от век пруските окупатори сакаа да ги забранат „дивите поворки“. Но, Келњаните го реорганизираа карневалот, така што тој стана официјална манифестација. Во таков облик пруските окупатори сепак го толерираа.

На единаесетиот ден во ноември се празнува и празникот на Свети Мартин од Турс (4-ти век). Според легендата, младиот војник Мартин, во еден студен зимски ден јавајќи на коњ сретнал еден сиромав човек, кој се тресел од студ и бил гладен. Мартин со мечот ја пресекол својата наметка на два дела. Едната половина му ја дал на сиромавиот човек за да се заштити од студ. Денес децата одат по улиците и ги пејат песните за Мартин. Секое дете носи фенерче. Децата добиваат еден посебен вид печиво во форма на човек т.н. „векман“ или исто така наречен „штутенкерл“. По поворката за Свети Мартин сите се радуваат на големиот оган во негова чест, со кој полека завршува денот.

Божиќни пазари

Weihnachten Zimtstange Sternanis und Zimt zu Weihnachten
Мириса на Божик...Фотографија: Fotolia/Floydine

Медените и божиќните колачиња се продаваат во супермаркетите во Германија уште од крајот на летото. Така е веќе многу години. Предбожиќното расположение меѓутоа уште не се чувствува - сепак станува збор само за маркетиншка тактика на супермаркетите. Тоа се менува кон крајот на ноември, кога се отвораат божиќните пазари. Во Хамбург и во Келн од 21. ноември почнува да мириса на цимет, анис и колбаси. Една недела подоцна се отвора и еден од најпознатите германски божиќни пазари, нирнбершкиот Кристкиндлсмаркт. До 18. декември таму можат да се видат и да се купат оригинални предмети за украсување, како на пример Нирнбершкиот златен ангел.

Автор: Кони Паул / Светлана Брик

Редактор: Жана Ацеска