1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

130809 Afrika Clinton

14 август 2009

Заврши најдолгото патување во странство на Хилари Клинтон во улога на американска министерка за надворешни работи, во кое посети седум африкански земји. Некаде беше поостра, некаде поблага - во зависност од интересите.

https://p.dw.com/p/J9A0
Континентот со голема надеж гледа на новата американска владаФотографија: AP / DW Montage

Освен официјалните разговори со политичарите, за време на нејзиното африканско патување Хилари Клинтон се претстави и како блиска до народот. Танцуваше во сламовите во Кејптаун и имаше отворена дискусија со студенти во Кенија, со што ги исполни очекувањата што многу Африканци ги имаа од новата американска влада, под раководство на претседателот Барак Обама. Тоа се гледаше и во воодушевувањето, со кое Клинтон беше пречекана во различните делови од континентот.

И при тешките политички прашања, Клинтон остана блаконаклонет политичар. На сомалиската преодна влада и` ја даде поддршката на САД во борбата против исламистичките бунтовници. И претседателот на Либерија доби поткрепа од американската министерка за надворешни работи.

Hillary Clinton im Kongo
Клинтон при посетата на КонгоФотографија: AP

Во Јужноафриканската република, Клинтон прогласи нова ера во меѓусебните односи. Доброто расположение не е резултат само на промената на власта во Јужноафриканската република и во САД. Во минатото односите меѓу двете земји не беа толку пријателски, кога се работеше за прашањата како војната во Ирак, борбата против СИДА-та, како и ставот кон режимот на Роберт Мугабе во Зимбабве. Сега, дури двете земји се договорија да извршат заеднички притисок врз Мугабе, за да се заврши економската и политичка криза во Зимбабве. Но, и покрај сета добра волја, Хилари Клинтон упати критики за корупцијата и владите во континентот. На пример, во Кенија.

„Недостатокот на силни и ефикасни демократски структури овозможуваат уште поголема корупција, неказнување на сторителите и политички мотивирано насилство, непочитување на човековите права, како и нефункционирање на правната држава“.

Со овие зборови, Клинтон само го повтори она што и самиот Обама го кажа пред неколку недели во Гана, од каде апелираше до африканските држави сами да преземат одговорност за иднината.

Клинтон испушти важна шанса

Hillary Clinton in Nigeria
Во Нигерија, Клинтон дојде со посмирен тонФотографија: AP

Сепак, при посетата на Нигерија и наАнгола, земји богати со нафта, стана видлив и стратегискиот елемент од африканската турнеја на Клинтон. Додека во Нигерија отворено предупреди дека корупцијата во државата го поткопува легитимитетот на владата, во Ангола нејзиниот тон беше многу поблаг. Активистите за човекови права таму критикуваат дека Клинтон испуштила многу значајна шанса. Рид Броди од американската невладина организација „Хјмуман рајтс воч“ истакнува:

„Сметам дека ќе беше подобро, ако оствареше директни средби со граѓанското општество. Тоа во Ангола се соочува со многу проблеми, а исто така има и многу малку групи, што се борат за признавањето на човековите права. Со оглед на ваквата состојба, ќе беше подобро Хилари Клинтон да се сретне со нив“.

Критиката се однесува токму на балансирањето, што Хилари Клинтон се обиде да го направи за време на нејзината посета на Африка: меѓу човековите права, демократијата и економските интереси.

Автор: Маја Браун / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска