1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците ретко трошат повеќе од 50 евра за онлајн нарачки

ДТЗ
11 ноември 2022

Граѓаните купуваат онлајн еднаш до два пати во три месеци, прават нарачки најчесто до 50 евра и тоа од домашни е-трговци. Најмногу пазарат облека, а најмалку пари даваат за онлајн нарачки на мебел и храна

https://p.dw.com/p/4JNmU
онлајн нарачки
Најмногу пазарат облека, а најмалку пари даваат за онлајн нарачки на мебел и хранаФотографија: Imago Images/Stpp

Македонските граѓани поминуваат многу време на Интернет, но слабо пазарат онлајн. Граѓаните купуваат онлајн еднаш до два пати во три месеци, прават нарачки најчесто до 50 евра и тоа од домашни е-трговци. Најмногу пазарат облека, а најмалку пари даваат за онлајн нарачки на мебел и храна, покажува извештајот на Асоцијацијата за е-трговија.

Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, во Северна Македонија се забележува значителен пораст на 31 отсто од населението кое користи интернет, за разлика од Европејците каде 66% го користат интернетот за е-банкарство. Вредноста на трансакциите кои Македонците ги реализирале кон домашните е-трговци во првата половина на 2022 изнесува 12 милијарди денари и е за 22 проценти повисока споредбено со првото полугодие во 2021.

Каскаме зад европските земји

Во извештајот се наведува дека е за охрабрување фактот дека во првата половина на 2022 година се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба. Иако бројките и податоците покажуваат раст на е-трговијата во државата, таа се уште е рангирана на дното споредено со европските земји.

интернет
Во 2021 година 90 проценти од луѓето помеѓу 16 до 74 годишна возраст користеле интернет во Европската Унија, додека 74 проценти од нив купувале продукти или услуги од интернет.Фотографија: Imago Images/Cavan Images

„Податоците покажуваат раст на речиси сите индикатори, така на пример, 46 посто од интернет корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет банкарство и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст споредбено со земјите од Европска Унија. Затоа мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата за да отскокнеме од дното неколку места напред“, изјави претседателката на Асоцијацијата, Нина Ангеловска на конференцијата за е-трговија.

Дури 85 проценти од Македонците го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг. Сите балкански интернет корисници најмногу сакаат да зборуваат, а помалку да праќаат е-маил. Црногорците отскокнуваат во учеството на социјалните мрежи, праќањето инстант пораки и читањето онлајн вести, Србите во барање информации за производи и информации поврзани со здравјето, додека Босанците за продавање на производи и услуги онлајн иако во речиси сите други активности на интернет се на последно место.

Во 2021 година 90 проценти од луѓето помеѓу 16 до 74 годишна возраст користеле интернет во Европската Унија, додека 74 проценти од нив купувале продукти или услуги од интернет. Највисокиот обем на корисници кои купуваат продукти и услуги од интернет е во скандинавските земји, околу 90 проценти. Од друга страна, само 44 проценти од луѓето во Романија купуваат онлајн, 42 проценти во Бугарија, а во Северна Македонија само 30 проценти од интернет корисниците купувале онлајн во текот на минатата година.