1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија гласаше - изборите беа мирни и демократски

ДТЗ
24 април 2024

Партиите и претседателските кандидати главно се задоволни од изборниот ден во првиот круг на претседателските избори. Дел од нив изнесоа забелешки за мали прекршувања на изборните правила.

https://p.dw.com/p/4f9Ou
претседателски избори Македонија
Македонија гласаше - изборите поминаа во фер и демократска атмосфераФотографија: Petr Stojanovski/DW

Изборите во Северна Македонија поминаа во мирна и демократска атмосфера, со помали прекршувања на изборните правила. Гласачките места се затворија во 19 часот, по што започна пребројувањето на гласовите. Најавите се дека околу полноќ ДИК ќе ги има првичните резултати од исходот на седмите претседателски избори во земјата, во кои за престижната функција на Водно седуммина кандидати се обидоа да ја освојат довербата на гласачите.

На првиот круг од претседателските избори право на глас имаа 1.814.317 гласачи, на вкупно 3.480 изборни места.  Излезноста на гласачите до 18:30 часот од обработени податоци од 3.174 избирачки места е 48,46 проценти, односно на гласање излегле 801.074 гласачи.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски соопшти дека најголема излезност има во Новаци каде на гласање излегле 71,07, а најмала во Центар Жупа 16,90 проценти. Продолжено гласање ќе има во едно место во Демир Хисар, Липково, Могила и во Делчево. 

Уважени се 134 поплаки од граѓани за избирачко право, на бесплатна телефонска линија на ДИК имало 10 јавувања на граѓани, а како видео повици имало од осум лица со оштетен слух. На три места во Куманово гласањето е прекинато и тие се затворени.Доколку резултатите од овие избирачки места имаат влијание на крајниот резултат ќе има прегласување. 

Поголем одѕив во споредба со претседателските избори во 2019 година имаше во текот на целиот ден. 

претседателски избори Македонија
Поголем одѕив во споредба со претседателските избори во 2019 година имаше во текот на целиот ден. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ниту една пријава во Обвинителството 

„Изборниот процес помина без пречки и поголеми инциденти“, оцени МВР.  Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски информираше дека во текот на денот се евидентирани вкупно 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачкото ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање на гласачко мести. Не се евидентирани други посериозни инциденти и нарушување на регуларноста на изборниот процес.

До затворањето на избирачките места на електронската адреса на Јавното обвинителство (izbori@jorm.mk) не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите.

„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за претседател помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес', соопшти Јавното обвинителство. 

Кандидатите задоволни, со мали забелешки 

Претставниците на партиите по затворањето на гласачките места ги дадоа првите оценки за изборниот ден. 

Од Изборниот штаб на претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски, оценија дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера и дека граѓаните својата волја  ја изразиле слободно и достоинство како што доликува на земја членка на НАТО, и земја која што има аспирации за во ЕУ. Според нив, констатирани се само мали прекршувања на изборниот процес, што ги сметаат за исклучоци. 

Стево Пендаровски
Од Изборниот штаб на претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски, оценија дека изборите поминале во фер и демократска атмосфераФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Изборниот процес помина генерално во фер и демократска атмосфера, со низа помали прекршувања предизвикани пред сѐ од партиите на власт и нивните активности“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на прес-конференција од Изборниот штаб на Гордана Силјановска Давкова. Тој посочи на неколку нерегуларности.

„Забележано е вршење на притисок врз гласачи во општина Сарај, импровизиран штаб во непосредна близина на училиштето „Гоце Делчев“ во Гостивар. Исто така, забележани се случаи на семејно и колективно гласање за кое истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи“, рече тој.

На неколку изборни места во Куманово, според Муцунски, нотирани се нерегуларности се проблеми со фингерптинт апаратите, или немање на печат. За сите забелешки најави дека ќе ги информираат надлежните институции. 

Ред пофалби - ред критики 

Претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, Стевчо Јакимовски оцени дека земјата покажала дека може да направи мирни и достоинствени избори. Но, упати критика за гласањето во дијаспората, бидејќи вели дека граѓаните имале проблем да излезат од работа. 

По завршувањето на гласањето, шефот на изборниот штаб на ДУИ, Арбр Адеми оцени дека имало слободни избори кои се одржале во демократски дух и компетитивна атмосфера.

„Ова е наш заеднички успех за кои сакаме да им честитаме на сите останати учесници. Покажавме демократска зрелост каква што и доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со ЕУ. Секако сакаме да им се заблагодариме на сите граѓани кои гласаа за нашиот кандидат Бујар Османи“, изјави Адеми.

Стевчо Јакимовски
Стевчо Јакимовски упати критика за гласањето во дијаспората Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Арбен Таравари, претседателски кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“ вели дека на овие избори има поголема излезност отколку на претходните избори, што, според него, зборува дека промените доаѓаат. „ Пресреќни сме дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега промените веќе се во кутиите кои веќе се отвараат. Се надевам дека нашите комисионери, нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и да се гарантира дека секој глас што е даден на демократски начин ќе излезе на површина. Гласот на граѓанинот никако не треба да се злоупотребува“, рече Таравари.

Дека изборниот ден поминал мирно во фер и демократска атмосфера, со некои помали проблеми на изборните места, оценија и од Изборениот штаб на кандидатот за претседател на Левица, Билјана Ванковска. Според нив, забележани се помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и на други места. Посочуваат и на „нерегуларности во Избирачкиот список“, па така во некои изборни места имало запишано за гласачи починати лица, а во некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса, ги немало во Избирачкиот список. 

Претседателските избори ги следеа вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари. Граѓаните можеа да се гласаат за еден од седуммината кандидати за претседател: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.

Претседателот се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од пет години, со право на најмногу два мандати.