1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

#MeToo на руски: Медиумите ја бојкотираат Думата

Роман Гончаренко
23 март 2018

Во еден ретко виден бран на солидарност во Русија, повеќе медиуми ги повлекоа своите препортери од Думата. Заднината е односот на парламентот кон обвинувањата за сексуално вознемирување против еден политичар.

https://p.dw.com/p/2upcq
Leonid Slutsky - Vorsitzender des Duma Committee on Foreign Affairs
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/S. Mamontov

Во Русија се случува нешто, што во ваква форма никогаш го немало: сѐ повеќе, пред сѐ либерални медиуми се приклучуваат кон фактички бојкот на државната Дума, долниот дом на рускиот парламент. Повеќе од десет медиуми- меѓу нив и реномираната влијателна медиумска куќа РБК,  економските неделници Комерсант и Ведомости и радиото „Хо на Москва“- вчера објавија дека ќе ги повлечат своите репортери од Думата или ќе го ограничат нивното известување. „Сакаме овој проблем да добие дополнително внимание и ситуацијата детално да ја истражи или Советот за етика или друг надлежен орган“, изјави за ДВ, Јелисавета Голикова одговорна уредничка во РБК.

Заднината зад овој бојкот е седницата на парламентарниот Совет за етика од средата. Таму се зборуваше за случајот Леонид Слуцки (насловна фотографија). Имено три новинарки него во февруари годинава го обвинија за сексуално вознемирување- што претставува преседан. На седницата на Советот за етика меѓутоа не беше утврдена никаква повреда на нормите на однесување од страна на 50-годишниот претседател на парламентарната комисија за надворешни работи и пратеник на ултрадесничарската партија ЛДПР.

„Зајченце, дај отказ во БиБиСи"

Случајот е своевидно ехо на западната  #MeToo-дебата, која во државните медиуми во Русија до пред кратко време се погрижуваше само за потсмев и солидаризирање со мажите. Обвинувањата за сексуално вознемирување најнапред беа анонимни, но тогаш некои млади жени се осмелија да направат чекор во јавноста.

Повеќе:

-Денот на жените 2018: Што ни донесе #MeToo?

-Ниска свест за сексуалното вознемирување

-#MeToo не е доволно - наведете имиња!

Една од нив е заменичката главна уредничка на телевизијата РТВи, Јекатерина Котрикадѕе. Таа говореше за случувања од пред седум години: Слуцки ја затворил во неговата канцеларија, ја притиснал до ѕид и се обидел да ја бакне. „Успеав да побегнам“, се присетува Котрикадѕе.

Büro des russischen Radiosenders Ekho Moskvy Echo von Moskau
Фотографија: Imago/ITAR-TASS

Фарида Рустамова, дописничката од Москва на рускиот серивис на британскиот БибиСи, пак говореше за вознемирувањето од страна на Слуцки во март 2017 година. Политичарот, како што истакна таа, за време на едно интервју во неговата канцеларија ѝ понудил да биде негова љубовница и се обидел неморално да ја допре. Како доказ постои тонски запис на разговорот. „Ајде зајаченце, дај отказ кај БиБиСи, ќе најдам некое место за тебе. Дојди кај мене ако сакаш, ми недостасуваше“, се слуша како говори Слуцки на тонската снимка. Покрај тоа тој говори и за „бакнежи“.

Поддршка од колегите

Најнапред, обвинетиот Слуцки ги отфрли сите наводи и зборуваше за заговор. Од колегите тој  главно доби поддршка. На пример, претседателот на парламентот Вјачеслав Володим им препорача на новинарките кои повеќе не се чувствуваат сигурни во парламентот да бараат друга работа. Лидерот на Република Чеченија во Северен Кавказ, Рамзан Кадиров, рече дека Слуцки можеби сакал да ѝ даде „комплимент на убава жена". „Тоа е должност на вистинските мажи", рече Кадиров.

По повод Светскиот ден на жената на 8 март, кој е национален празник во Русија уште од советско време, Слуцки потоа им се извини на „сите жени", на кои „свесно или несвесно им предизвикал непријатности". Тоа не беше лоша намера, напиша тој на Фејсбук. За време на неодамнешната седница на парламентарниот Совет за етика, тој негираше дека погрешно се однесувал. И советот фактички го презеде неговиот поглед на работите.

Screenshot facebookseite von Leonid Eduardowitsch Sluzkij
Фотографија: facebbok/Leonid Sluzkij

Законски дупки за сексуалното вознемирување

Самиот Слуцки не сакаше да одговори на барањето на ДВ да ги коментира наводите. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така, одби да даде изјава за тоа. 

Затоа пак изјава даде Оксана Пушкина, една од ретките пратениици на Думата, која во овој случај застана на страната на новинарите. Поранешна ТВ-презентерка и членка на владејачката партија „Единствена Русија" вели: „Така нарачав една студија од Секретаријатот на ОН, каде што црно на бело стои, што е сексуално вознемирување. Ако кај нас истото стоеше во законот, овие девојки ќе одеа на суд со нивните снимки, а денес не можат да го сторат тоа". Пушкина смета дека е жално дека некои од нејзините колеги се однесуваат како тоа да не ги засега. Таа, од друга страна, поминала низ „сето тоа".

Руското здружение на новинари во соопштене во средата изрази зачуденост од одлуката на Советот за етика на Думата. Во исто време, тоа порача дека во личен разговор помеѓу новинар и политичар, „линијата на разделување меѓу комплименти и премин кон личен фактор е многу мала".