1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мило Ѓукановиќ не и дава мандат на новата влада во Црна Гора

Радомир Крачковиќ | БГ/ ДВ
20 септември 2022

Партиите кои го победија Мило Ѓукановиќ и неговата ДПС пред две години, успеаја да се договорат за формирање ново мнозинство. Но, заглавија кај стариот непријател кој одлучи да не го одобри мандатот на Миодраг Лекиќ.

https://p.dw.com/p/4H30J
Мило Ѓукановиќ Црна Гора
Ѓукановиќ деновиве прими пратеници на консултацииФотографија: Office of Montenegro President

Политичката нестабилност која, со кратки паузи, трае практично две години од последните парламентарни избори во Црна Гора, најверојатно ќе се реши со вонредни избори во следните неколку месеци. Причина за тоа е претседателот Мило Ѓукановиќ одби да го прифати Миодраг Лекиќ за нов мандатар за формирање влада. 

Претходно, земјата беше предводена од две влади,експертската на Здравко Кривокапиќ и малцинската на Дритан Абазовиќ, но и двете беа соборени во парламентот.

Парламентарното мнозинство од пред две години, кое по три децении ја победи Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ, по серија состаноци успеа да се договори за нова влада, но Ѓукановиќ го одби договорениот мандатар. Според Ѓукановиќ, Миодраг Лекиќ не може да биде мандатар, бидејќи нема доволно потписи од мнозинство пратеници. Шефот на државата смета дека Собранието треба да се распушти и да се оди на избори.  

По долги преговори, старото парламентарно мнозинство успеа да се договори за владата, а како компромисно решение се појави лидерот на Демос, Миодраг Лекиќ. Најголем проблем беше барањето на Абазовиќ неговата партија УРА и нејзините партнери Социјалистичката народна партија (СНП) и албанските партии, да имаат контролен пакет во Владата, односно едно министерство повеќе од другите партии - Демократски фронт (ДФ), Демократи, Вистинска и Обединета Црна Гора. Повеќето од овие партии не сакаа да се согласат на тоа бидејќи се посилни од УРА во парламентот. 

Дритан Абазовиќ Црна Гора
Абазовиќ бара „контролен пакет“ во ВладатаФотографија: Government of Montenegro

Несериозно преговарање 

Старото мнозинство одамна е во конфликт, особено УРА и Демократите. Прво, на почетокот на годината, заедно со ДПС, УРА ја собори Владата на Кривокапиќ, која беше поддржана од Демократите. Потоа пред еден месец Демократите, Вистинска и Обединета Црна Гора заедно со ДПС ја соборија владата на Абазовиќ.

Мила Радуловиќ, уредничка на политичката колумна во дневниот весник „Вијести“, смета дека преговорите на старото парламентарно мнозинство пропаднале поради отсуството на добра волја.

„УРА веќе има клучни позиции во Владата и не и е во интерес да добие помалку од тоа, а Демократите станаа многу кооперативни кога сфатија дека УРА нема да се договори. Накратко, сите гледаат во партискиот интерес и не ги интересира судбината на општеството или економската криза што ќе ги зафати граѓаните, особено најсиромашните“, смета Радуловиќ.

На прашањето кој од старото мнозинство ќе биде победник во очите на гласачите, Радуловиќ одговара дека граѓаните немаат разбирање за ниту една партија, бидејќи претходните денови покажаа несериозност. Сепак, додава: 

„Судејќи според реакциите на социјалните мрежи, може да профитираат Демократите кои испратија маркетиншка порака дека се подготвени на отстапки, но и еден од лидерите на ДФ, Андрија Мандиќ, кој навистина покажа добра волја да го олесни договорот. 

Црна Гора избори прослава
Дали сето тоа беше за џабе? Прослава на приврзаниците на тогашната опозиција по победата на изборите во 2020 годинаФотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Радуловиќ смета дека актуелната Влада на Абазовиќ со технички мандат ќе ја води државата до изборите. Ѓукановиќ рече дека се надева оти изборите ќе се одржат во наредните два до три месеци.

Изборите го враќаат Ѓукановиќ во игра? 

Уредничката на „Вијести“ вели дека е можно по новите избори истите овие партии да преговараат за формирање нова влада. Веројатно ќе им се придружи нова сила наречена „Европа сега“ предводена од поранешните министри во владата на Кривокапиќ, Милојко Спајиќ и Јаков Милатовиќ. 

„Повторно би била шарена група на иста маса. Ако граѓаните не ги казнат на избори затоа што останаа доследни на партиските вработувања, не ги изведоа пред лицето на правдата оние што се збогатија на незаконски начин, не им понудија на граѓаните никаков напредок, се плашам дека ова пазарење и шарлатанство може да се повтори“, вели Радуловиќ.

Милачиќ, пак, тврди дека ДПС нема никакви шанси на вонредните парламентарни или локални избори во четиринаесет градови на 23 октомври.

„Што се однесува до формирањето на Владата по вонредните парламентарни избори, за тоа – потоа. Но, не е сигурно дали УРА и Абазовиќ би биле со нас по тие избори или би заминале со ДПС со оглед на нивната соработка во малцинската влада во последните шест месеци“, вели Милачиќ.

Новинарката Радуловиќ, пак, вели дека пропаѓањето на преговорите на старото мнозинство е ветер во грб за ДПС и за самиот Ѓукановиќ.

„Ова е уште еден доказ дека тие не му се дораснати, така што тој сè уште нема сериозна политичка конкуренција која би можела да воспостави владеење на правото, граѓанско општество и да ја внесе земјата во Европската Унија. Се плашам дека големата апстиненција на изборите поради несериозната алтернатива, ДПС може да ја врати таа партија како сериозен играч, особено поради широкиот сојуз што го изгради околу себе за локалните избори“, заклучува Радуловиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи