1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп ќе го слушне обвинението во суд

Антје Пасенхајм | АРД
4 април 2023

Доналд Трамп е прв поранешен американски претседател во историјата кој во суд ќе го слушне обвинението во кривична постапка против него.

https://p.dw.com/p/4PfsF
Доналд Трамп
Доналд Трамп ги поздравува приврзаниците при влегувањето во кулата ТрампФотографија: Yuki Iwamur/AP/picture alliance

Доналд Трамп ќе се појави на суд во врска со обвинувањата дека за време на изборната кампања во 2016 година ѝ платил пари на порноѕвездата Сторми Даниелс во замена таа да молчи за нивната афера.

Во изминатите неколку дена во Њујорк постојано се слушаше звук од хеликоптери, кои кружат над добро обезбедуваната зграда на судот, во кој се очекува да се случуваат сцени какви што светот досега не видел.

Њујоршката полиција е во состојба на готовност со денови. Поддржувачите на Доналд Трамп планираа митинг, вклучувајќи ја и републиканската пратеничка Марџори Тејлор Грин. Градоначалникот Ерик Адамс ги повика на ред и мир:

„Доколку има подбуцнувачи на немири кои размислуваат да дојдат во нашиот град, нашата порака е едноставна и јасна: Однесувајте се како што треба! Њујорк е нашиот дом, а не место за истурање на вашиот неприкладен гнев“.

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс
Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс (л.) повика на ред и мирФотографија: Getty Images via AFP

Засега без невообичаени сцени на улиците на Менхетен

Засега тој гнев на улиците на Менхетен е малку забележлив. Напротив, приврзаник на Трамп славеше кога екс-претседателот од Флорида пристигна во својот облакодер на Петтата авенија.

Според фанот на Трамп, Дион, кој е од Бруклин, многу е кул да се биде дел од оваа приказна. Тој се опишува себеси како ултра екстремен поддржувач на движењето „Make America Great Again" - накратко: МАГА. Дион е сигурен дека овој процес ќе го направи Трамп уште посилен. „Тоа ќе нѐ зајакне, ќе ја зголеми неговата популарност“, смета тој. „Сите знаат дека овие обвиненија се лажни и дека она што го прави окружниот обвинител е навистина лошо.“

Републиканската пратеничка Марџори Тејлор Грин ќе присуствува на собирот на поддржувачите на Трамп
Републиканската пратеничка Марџори Тејлор Грин ќе присуствува на собирот на поддржувачите на ТрампФотографија: Go Nakamura/REUTERS

Трамп вредно собира донации

Тимот на кампањата на Доналд Трампна Твитер објави дека се собрани повеќе од 5 милиони долари донации откако станаа познати обвиненијата против него. Загрижен е и противникот на Трамп, Дик Аверн. Тој стои пред судницата со уличен знак на кого пишува „Булевар амбивалентност“:

„Тешко е да се избере помеѓу овие две насоки“, вели Аверн. „Од една страна, се чини дека тој извршил злосторства. Но, нивното процесирање може да му донесе поголема поддршка“.

Трамп пристигна во Њујорк

Екс-претседателот дојде во Њујорк од Флорида, вчеравечер (3.04) по европско време. Потоа сакаше да се консултира со своите адвокати во кулата Трамп и веројатно таму да преноќи. Денеска, во раните попладневни часови по локално време, Трамп, како прв поранешен претседател во историјата на САД, треба да се појави пред судот. Постапката започнува во канцеларијата на окружниот обвинител, објаснува познатиот њујоршки адвокат Рон Куби:

Доналд Трамп
Тимот на кампањата на Трамп објави дека се собрани повеќе од 5 милиони долари донации откако станаа познати обвиненијата против негоФотографија: Go Nakamura/REUTERS

„Тоа оди многу брзо. Тие прават фотографија, која потоа ќе стане најпопуларен мотив за маица - со или без затворски шипки пред него. Ја мерат неговата висина, тежина, ја регистрираат бојата на косата. И му земаат отпечатоци од прсти“.

Потоа Трамп ќе биде одведен во судницата - речиси сигурно без лисици, бидејќи каде и да е, го придружува Тајната служба. „Тогаш работите се движат многу брзо во судницата: обвинението ќе биде отпечатено, Трамп и неговите адвокати ќе ги слушнат обвиненијата, тој ќе се изјасни за невин“, вели Куби. „Ќе се завршат неколку формалности, се закажуваат термини и потоа тој ќе биде пуштен на слобода со признавање на својата должност да соработува со судот.“

доналд трамп
Припадник на Тајната служба во холот на кулата Трамп, 3.04.2023Фотографија: Bryan Woolston/AP/picture alliance

Трамп ќе се соочи со искусен судија

Сето ова обично трае три минути. Бидејќи се работи за Трамп, може да потрае малку подолго. Но, Куби истакнува дека одговорниот судија е ветеран на њујоршкиот правосуден систем. Хуан Мерчан претходно имал случаи поврзани со фирмата на Трамп, Организацијата Трамп. Тој важи за многу сериозен, достоинствен и праведен судија.

„И тој не сака спектакл. Тој не го создава. И не го одобрува“.

Според проценката на Куби, ова историско читање на обвинението треба да се одвива понепречено од некои други. Њујоршките власти веќе предупредија дека носењето оружје е кривично дело во одредени делови на градот, вклучително и во близина на судовите.