1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Oбвинение против разоружаниот бомбаш

7 јануари 2010

Две недели по неуспешниот обид за атентат во еден американски патнички авион, американското државно обивнителство го објави обвинението против Умар Фарук Абдулмуталаб, кому му се заканува доживотна казна затвор.

https://p.dw.com/p/LN0N
Умар Фарук АбдулмуталабФотографија: AP

Меѓу другото, обвинителството го обвинува 23-годишниот Нигериец за обид за убиство и обид за активирање на оружје за масовно уништување. Освен тоа, Абдулмуталаб се товари и за обид за уништување на авион, за поседување експлозивен материјал за време на летот, како и за поседување на направа за уништување. Во случај да биде осуден, на Абдулмуталаб му се заканува доживотна казна затвор, иако во обвинението од седум страници не станува збор за терористички намери.

Обвинението е поднесено во судот во Детроит. Осомничениот Абдулмуталаб моментно се наоѓа во притвор во Милан во американската сојузна држава Мичиген. Почетокот на процесот се` уште не е утврден, но првото сослушување е закажано за утре.

Абдулмуталаб се обиде на Божиќ да активира експлозивна направа во авион на линијата Амстердам-Детроит. Нападот во „Ербасот“, во кој имаше околу триста лица, не успеа поради тоа што запалениот експлозивен материјал не функционирал како што треба и поради тоа што сопатниците успеале да го совладаат 23 годишниот напаѓач. Се смета дека задачата му била доделена од страна на Ал Каеда, а наводно бил обучуван во Јемен.

Terror Detroit Flughafen
Аеродромот во ДетроитФотографија: AP

Осомничениот дал „корисни информации“

Инаку Белата куќа соопшти дека Умар Фарук Абдулмуталаб досега „провел извесен број часови со истражувачите на Федералното биро за информации, при што дал доста корисни и употребливи информации“, истакна портпаролот на Белата куќа, Роберт Гибс.

Американската влада се најде на критика од страна на републиканците, затоа што обвинетиот Нигериец му го предала на цивилниот суд. Републиканците сметаат дека на Абдулмуталаб треба да му се суди пред воен суд, како на „непријателски борец“.

Спречениот напад во американскиот авион не ја разгоре само во САД дебатата околу безбедноста во воздушниот сообраќај. Најголеми критики се упатуваат на сметка на американските тајни служби, за кои американскиот претседател Барак Обама истакна дека „потфрлиле на катастрофален начин“. Владата во Вашингтон денеска ќе го објави првиот извештај околу пропустите на тајните служби, изработен од советникот на Барак Обама за внатрешна безбедност и антитероризам, Џон Бренан.

Автор: ТТ/ СН/ дв/дпа/афп/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска