1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Внимателно со метафорите!

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
22 април 2024

И двете опции се антиевропска диверзија: метафоричната - со замена на реалноста со бајка; „Европскиот фронт” - со директна деструкција на поимот на Европа. Пишува Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/4f2Lu
Македонија Знаме Вергина
Знамиња со „Сонцето од Вергина“ и натаму се редовен декор на многу митинзи и политички собири. фото:архиваФотографија: Reuters/M. Djurica

Лани, во колумната Празнична елегија  обрнав внимание на ризикот од ползувањето на метафорите, со примерот на  двајцата противставени лидери, кои во изјавите по повод на државниот празник, зборот пиреј, од метафора за неуништливост, го вратиле во изворното значење на поимот како вид плевел! Така, наместо да се истакне некоја особина на некое конкретно битие, што е смислата на метафората, се постига ефект на мечкина услуга - до целосна негација на тоа битие.

Сега, на предизборниот митинг пред Владата, со симбиоза на државни и антички знамиња, опозициониот лидер се послужи со една друга метафора, во вид на „порака кон Македонија” - со метафората „вода подземна”. И ја изрецитира целата патриотска песна „Заветна”, со поентата:  „Само ти си бесмртна, жива вода подземна”.

Денови пред митингот, навивачката/младинската унија „Комити”, на стадион, од трибина покриена со антички знамиња, во хор ја испеа истата песна, спротивставувајќи и’ конкретна политичка порака: „Никогаш северна - само Македонија!” 

Пораката дотолку ја уточнува метафората, што од „бесмртната, жива вода подземна” ја исклучува актуелната Република Северна Македонија. Со тоа хорот на „Комитите”  се утврдува како дел од поголем медиумски/политички/академски хор, што пее против „северна - секогаш Македонија”; што бега од конкретниот вид на државата, каков што го посредувала реалната историја - сѐ до Преспанскиот договор; и „креира” имагинарна Македонија – „бесмртна, жива вода подземна”, што, со култот на Александар Велики и на Сонцето од Еге/Вергина, добива контури на категоријален идентитет и континуитет со исход од/во античката македонска династија. Во оваа ракова историја, скромната, понижената држава, „притеснета" на 38% од географска Македонија, еволуира во „достоинствена” и „горда” Македонија - вечна и цела.

Ваквиот имагинарен маневар нѐ изведува на патот на грчкиот панмакедонизам/панелинизам, од чија фундаменталистичка позиција Преспанскиот договор е предавнички, зашто го допушти терминот Македонија во името и јазикот на другата страна. 

Во легитимни историски рамки, во контекстот на решенијата на Берлинскиот конгрес, за цела Македонија се бореле и Гоце Делчев, и Крсте Мисирков. Но, победиле силите за делба на Македонија, санкционирана со Букурешкиот мировен договор (1913). Револуционерот Делчев не ја дочекал таа трагедија. Еволуционистот Мисирков следната година поднесол меморандум до Русија, во кој предлага заштитничката на славјанството и на православието да се заложи за елиминација на Букурешкиот и на Берлинскиот договор и за враќање на Санстефанскиот договор, со вклучување на цела Македонија во бугарската држава! (Писма.)

Цела Македонија, но веќе како фарса, била дел на Титовото геополитичко кокетирање по Втората светска војна. Во услови на блоковската поделба на Европа, Тито ја провоцира Граѓанската војна во Грција, што заедно со Грците ја плативме со залудни жртви, а ние „Егејците” ја доплативме со последен масовен бран на егзодус и на пречек од Колишевски како безбедносен ризик, со  проследување низ социјалистичките земји, сѐ до Узбекистан! 

Прикривање на идентитетот

„Македонија цела" од метафората како програмски ориентир, е уште потешка мисија. Таа не може ни да се мисли, камоли, пак, од збор да се стави во дело, зашто на државата посредувана со „капитулантските договори” и’ спротивставува фикција од хетерогени цивилизациски и политички реалности. Таа магла може да биде опиум за „обезглавен народ” (Карнегиевиот извештај за Балканските војни), но не им прилега на мислечки и одговорни субјекти, кои се во дослух со актуелното пулсирање на  современа Европа. Напротив, станува збор за диверзија на балканското и европското обединување, заради што подолго одржување на нашата татковина како плен на партиските хиени. Метафорите и „Европскиот фронт” се само заштитна повелба за прикривање на нивните нелегитимни практики и на нивниот реален идентитет на грабливци. 

Имено тој споделен реален идентитет на грабливци, ја конфронтира Македонија со Европа. Не придавката северна, која го премости јазот меѓу нас и Европа. Натпреварот против тој идентитет, е вистинската вододелница на промакедонско/проевропско и антимакедонско/антиевропско позиционирање. Во прашање е ослободувањето на државата од партиските узурпации и нејзино обликување/одгледување по европски терк.

Надвор од тој фокус, реториката што ја применува „Европскиот фронт” за европска и антиевропска/руска опција, е гола демагогија, бидејќи и двете опции се антиевропска диверзија: метафоричната - со замена на реалноста со бајка; „Европскиот фронт” - со директна деструкција на поимот на Европа, зашто објективно претставува драстично партиско-мафијашко владение со државата.

Во актуелното предизборно надлажување грабежот е присутен како синоним на другите. Логично е да се очекува и свртување кон својот двор, под внатрешно граѓанско влијание и во соработка со ЕУ и САД, па татковината, од плен, да ни’ стане општо добро. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема