1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамиз Нукиќ - живот против негирањето на геноцидот

Кено Верзек
12 ноември 2022

Рамиз Нукиќ го преживеа геноцидот во Сребреница и неуморно ги собираше коските на убиените во шумите во источна Босна. Тој почина и никогаш не доби официјално признание за неговата работа.

https://p.dw.com/p/4JLQA
Рамиз Нукиќ БиХ
Рамиз Нукиќ, преживеан од геноцидот во Сребреница, држи човечка коска во раката, октомври 2021 година.Фотографија: Keno Verseck/DW

Рамиз Нукиќ кога можел одел во шумата, на ридот Каменица, во источна Босна и Херцеговина. Обично неколку пати неделно. Таму каде што тој самиот го преживеа геноцидот во јулските денови 1995 година. Со приколка ќе поминеше два-три километри со својот мал трактор. Во шумата земаше гранка и ги отстрануваше листовите од делот од земјата што го избрал за тој ден. Полека, систематски и со поглед кој форензичките антрополози го опишаа како исклучително остар.

Речиси секогаш наоѓаше предмети коишто им припаѓале на убиените. Често и човечки коски. Можеше непогрешливо да ги разликува од животинските. И знаеше на кој дел од телото му припаѓаат, иако никогаш не прочитал книга за анатомија.

Размиз Нукиќ
Рамиз Нукиќ кога можеше бараше човечки останки околу својата куќа, август 2020 година.Фотографија: Keno Verseck/DW

Достоинствено се однесуваше кон коските. Внимателно ги враќаше таму каде што ќе ги најде, а потоа ги повикуваше истражителите и патолозите да дојдат. За нив Нукиќ беше вистински феномен. 

20-годишна потрага 

Тој ги барал коските речиси две децении. Прво, ги барал коските на својот татко и неговите двајца браќа. Не ги најде. Нивните останки подоцна беа идентификувани во масовните гробници многу подалеку. Но, Нукиќ не престана да бара. „Можеби Бог ми ја дал оваа задача“, знаеше да каже некогаш. 

Рамиз Нукиќ ги пронајде посмртните останки на повеќе од 300 убиени лица. Тој беше добро познат во Босна. Ниту еден друг поединец не нашол ниту близу толку многу останки на загинатите во војната во Босна од 1992 до 1995 година. 

Рамиз Нукиќ
Рамиз Нукиќ ги пронајде посмртните останки на повеќе од 300 убиени лица.Фотографија: Keno Verseck/DW

Марш на смртта 

Рамиз Нукиќ бил земјоделец и живеел со своето семејство во куќа на планина во источна Босна, околу 15 километри воздушна линија од Сребреница. Таму пораснал. За време на војната, тој и неговото семејство биле принудени да побегнат во мал град во источна Босна, кој ОН го прогласија за „безбедна зона“. Кога во јули 1995 година Сребреница беше окупирана од војската на генералот на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој подоцна беше осуден како воен злосторник, Нукиќ беше меѓу илјадниците млади луѓе и мажи кои отидоа на таканаречениот марш на смртта во Сребреница, со цел да ги спасат своите животи и да стигнат до територијата под контрола на Армијата на БиХ.

Колоната беше нападната од заседа утрото на 12 јули 1995 година на ридот Каменица недалеку од куќата на Нукиќ. Стотици луѓе беа убиени од гранати и ракети. Рамиз Нукиќ преживеа. Се пробиваше низ минираната и опколена област, некогаш сам, некогаш во помали групи. Се додека не стигнал до ослободената територија кај Тузла. 

Рамиз Нукиќ
Рамиз Нукиќ на својот имотФотографија: Keno Verseck/DW

„Да им помогне на другите“ 

Во 2002 година, Рамиз Нукиќ и неговото семејство се вратиле во нивната целосно уништена куќа. Потоа започна неговата потрага. На прашањето за неговите мотиви и како може да поднесе да живее толку блиску до местото на геноцидот, тој едноставно ќе одговори: „На почетокот сакав да ги најдам татко ми и браќата. Бидејќи не можев да ги најдам, мислев дека можеби ќе можам да им помогнам на другите семејства да ги најдат своите сакани. Кога барам, тоа е многу тешко, бидејќи секој пат ги гледам тие ужасни слики повторно и повторно. Но, морам и сакам да барам. Тоа е нешто што доаѓа од моето срце“. 

предмети
Често наоѓал предмети на жртвите: јакни, чевли, чанти, шишиња за пијалоци...Фотографија: Keno Verseck/DW

Рамиз Нукиќ ја гледаше неговата потрага како придонес против негирањето на геноцидот. Трибуналот за воени злосторства во Хаг пред многу години утврди дека во Сребреница бил извршен геноцид. Сепак, геноцидот - особено од политичкото раководство на Србија и Република Српска, делот на Босна во кој Србите се мнозинство - беше систематски минимизиран или негиран. Во последниве години, се поотворено и агресивно.

БиХ
Постер од јули 2020 година со повик за одбележување на годишнината од „ослободувањето на Сребреница“ и славење на воениот злосторник Ратко МладиќФотографија: Keno Verseck/DW

Вообичаениот наратив е дека повеќето од жртвите на Сребреница биле војници кои загинале во борба и дека имало многу самоубиства. Дополнително, тие тврдат дека не е точно дека се убиени повеќе од 8.000 луѓе.

Нукиќ стоички ги издржа наративите за негирање на геноцидот, без гнев и омраза. Но, со голема упорност продолжи да ги бара останките на убиените, свесен дека секое парче коска е дополнителен непобитен доказ за геноцид. 

Рамиз Нукиќ
Рамиз Нукиќ живеел скромно, делумно од овчарство; октомври 2021 година.Фотографија: Keno Verseck/DW

Рамиз Нукиќ живееше многу скромно со семејството. Одгледуваше овци и се заминаваше со земјоделство, а речиси секој слободен момент го поминувал во потрага по коските на убиените. Го посетија бројни локални и странски новинари, но босанските политичари не дојдоа.

Во Босна, сеќавањето на геноцидот во Сребреница е еден од најважните елементи на националниот идентитет. Сепак, преживеаните досега не добиле речиси никаква пристојна поддршка. Ниту Рамиз Нукиќ. Иако неговата улога во идентификувањето на стотици убиени жртви беше толку голема, тој никогаш не доби пари или друга материјална поддршка за неговата потрага. Исто така, никакво официјално признание - иако ги заслужи највисоките државни почести и одликувања. 

Рамиз Нукиќ
Рамиз Нукиќ во шума во источна Босна во август 2020 година.Фотографија: Keno Verseck/DW

Кога го прашале за тоа, не знаел да одговори - како никогаш да не ни размислувал за некакво признание. Нему му било важно да продолжи да бара што е можно подолго. „Ќе барам додека сум жив“, велеше тој. И го одржа зборот. Рамиз Нукиќ почина во вторник, 8 ноември 2022 година, по кратко и тешко боледување, на 63-годишна возраст.