1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров доаѓа во Скопје, балтичките земји откажуваат

ДТЗ
28 ноември 2023

Украина, Естонија, Летонија и Литванија го откажаа учеството на состанокот на ОБСЕ во Скопје - не сакаат да седнат на иста маса со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

https://p.dw.com/p/4ZXPD
Сергеј Лавров
Состанок на ОБСЕ: Лавров доаѓа во Скопје, балтичките земји откажуваатФотографија: Vyacheslav Prokofyev/dpa/TASS/picture alliance

Украина, Естонија, Летонија и Литванија ќе го бојкотираат Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, доколку присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледнору руско кршење и презир на основните принципи и обврски на ОБСЕ“, се вели во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на трите балтички земји.

Поткопување на единството

Шефот на естонската дипломатија Маргус Цахкна вели дека „Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“.

„Факт е дека додека се одржува состанокот на ОБСЕ во Скопје, руската воена машина ги напаѓа недолжните Украинци и депортира деца без око да им трепне. Естонија не може да седне на иста маса со агресорот и да сноси одговорност за последиците што може да ги донесе присуството на Лавров. Тоа е спротивно на нашите основни принципи. Руската агресија против нејзиниот независен и мирен сосед Украина го прекршува меѓународното право и тоа е напад врз ОБСЕ и нејзините фундаментални вредности. Местото на Лавров е на специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ“, наведува Цакхна, чија земја според ротирачкиот принцип требаше да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2024 година. Поради противењето на Русија и на Белорусија, место Естонија на членото место во организацијата ќе дојде Малта. 

Според него, треба веднаш да се стави крај на агресијата врз Украина, да се повлечат руските трупи од окупираните области, да се плати компензација за уништувањето и да се повикаат на одговорност криминалците.

„Но, нема знаци дека Русија размислува да го следи меѓународното право или принципите на ОБСЕ. ОБСЕ е создаден за да ја обнови европската безбедност, да спречи конфликти и да го одржи мирот. Со своите незаконски и брутални дејствија, Русија постојано докажа дека не е безбедносен партнер за Европа. Во реалноста, на Европа во моментов и е потребна одбрана од и против Русија“, истакнува Цахна.

Незадоволство поради доаѓањето на Лавров

Претходно и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба објави дека нема да дојде на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје поради присуството на Сергеј Лавров. 

„Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ, злоупотребувајќи го правилото за консензус. Одејќи кон уцени и отворени закани, Русија систематски го блокираше консензусот за клучните прашања. Блокирањето на кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година, исто така, стана опционално. Покрај тоа, Русија незаконски приведе тројца Украинци - претставници на ОБСЕ, кои се во затвор повеќе од 500 дена. Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија“, се вели во објавата на портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко на Фејсбук.