1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конго-Кримска хеморагична треска: симптоми и заштита

15 август 2023

Конго-Кримската хеморагична треска е вирус кој предизвикува тешки вирусни заболувања кај луѓето и животните. Врз луѓето се пренесува од крлежи и добиток, а стапката на смртност е до 40%. Не постои вакцина.

https://p.dw.com/p/4VAJR
Крлеж
Крлежите се главни преносители и предизвикувачи на Крим-Конго вирусотФотографија: Robert Koch-Institut/Andrea Schnartendorff

Конго- Кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест предизвикана од вирус кој го пренесуваат крлежи (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae, објаснува Светската здравствена организација (СЗО). Вирусот предизвикува сериозни епидемиски вирални заболувања со стапка на смртност од 10-40%.
Вирусот е ендемичен во Африка, Балканот, Блискиот Исток и азиските земји јужно од 50-тата паралела на север - географската граница на главниот вектор на крлежи.

Трансмисија

Конго-Кримскиот вирус се пренесува на луѓето или со каснување од крлеж или преку контакт со заразена животинска крв или ткива за време и веднаш по колењето. Најголемиот број од случаите се евидентираат кај луѓе вклучени во сточарската индустрија, како што се земјоделски работници, работници во кланици и ветеринари.

Преносот од човек на човек може да настане како резултат на близок контакт со крвта, секретот, органите или другите телесни течности на заразените лица. Инфекциите стекнати во болница може да се појават и поради несоодветна стерилизација на медицинската опрема, повторна употреба на игли и контаминација на медицинските материјали. 

Инкубација и симптоми 

Должината на периодот на инкубација зависи од начинот на добивање на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот на инкубација е обично еден до три дена, со максимум девет дена. Периодот на инкубација по контакт со заразена крв или ткива обично е пет до шест дена, со документиран максимум од 13 дена. 

Лекар Пациенти
Ирачки доктор прегледува досиеја на пациенти заразени со Конго-Кримска хеморагична треска Фотографија: ASAAD NIAZI/AFP

Почетокот на симптомите е ненадеен, со треска, миалгија (болка во мускулите), вртоглавица, болки во вратот и вкочанетост, болки во грбот, главоболка, болки во очите и фотофобија (чувствителност на светлина). Може да се јави и гадење, повраќање, диареа, абдоминална болка и болки во грлото, проследени со остри промени во расположението и конфузија. По два до четири дена, симптомите може да се заменат со поспаност, депресија и мачнина, а абдоминалната болка може да се локализира во горниот десен квадрант, со забележлива хепатомегалија (зголемување на црниот дроб). 

Други клинички знаци вклучуваат тахикардија, лимфаденопатија (зголемени лимфни јазли) и петехијален осип (осип предизвикан од крварење во кожата) на внатрешните мукозни површини, како што се устата и грлото, како и на кожата.

Вообичаено се јавуваат симптоми за хепатитис, а тешко болните пациенти може да доживеат брзо откажување на бубрезите, ненадејно откажување на црниот дроб и белите дробови.

Стапката на смртност од вирусот е околу 30%, при што смртта се јавува во втората недела од болеста. Кај пациентите кои закрепнуваат, подобрувањето генерално започнува на деветтиот или десеттиот ден по почетокот на болеста.

Третман и превенција

Заболените се третираат со општа нега. Најчесто се користи антивирусниот лек Рибавирин кој покажува ефекти, без оглед дали се зема орално или интравенозно. 

Иако постои вакцина против вирусот добиена од мозок на глушец и се користи во мал обем во источна Европа, во моментов не постои безбедна и ефикасна вакцина широко достапна за човечка употреба. 

Клиника Скопје
На Инфективната клиника во Скопје досега се примени тројца пациенти со вирусотФотографија: Petr Stojanovski

Во отсуство на вакцина, единствениот начин да се намали заканата за луѓето е преку подигање на свеста за факторите на ризик и едукација на луѓето за мерките што можат да ги преземат за да се намали изложеноста на вирусот. 

Совети за заштита 

Советите за јавно здравје треба да се фокусираат на неколку аспекти. Најважно е намалувањето на ризикот за пренос од крлеж на човек, и притоа се даваат следните препораки:

Носете заштитна облека (долги ракави, долги панталони);

Носете облека со светла боја за да овозможите лесно откривање на крлежи на облеката;

Користете одобрени акарициди (хемикалии наменети за убивање крлежи) на облеката;

Користете одобрени препарати за заштита на кожата и облеката;

Редовно испитувајте ја облеката и кожата за крлежи; ако најдете, отстранете ги безбедно;

Обидете се да ги елиминирате или контролирате наездите од крлежи на животни или во штали и амбари; и

Избегнувајте области каде крлежите се изобилни и годишните времиња кога се најактивни. 

Намалување на ризикот од пренос од животно на човек:

Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни или нивните ткива во ендемични области, особено за време на постапките на колење, касапење и убивање во кланици или дома; 

Станете ги животните во карантин пред да влезат во кланици или редовно третирајте ги животните со пестициди две недели пред колењето. 

Намалување на ризикот од пренос од човек на човек во заедницата:

Избегнувајте близок физички контакт со лица инфицирани со вирусот; 

Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болни луѓе; 

Редовно мијте ги рацете по нега или посета на болни луѓе. 

 

(извор СЗО)