1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Tреба да се плаќа и да се штеди повеќе

5 февруари 2010

Министрите за одбрана на НАТО денеска (05.02.2010) ќе разговараат за примената на новата стратeгија во борбата против талибанците во Авганистан. Американскиот министер Роберт Гејтс побара засилување на трупите веднаш!

https://p.dw.com/p/LtEy
Фотографија: Nato

Американскиот министер за Роберт Гејтс вчера, на првиот ден од дводневната средба, побара од сојузниците што е можно побрзо да ги испратат ветените засилувања во Авганистан за да може да се реализира најавата за повлекување на странските сили во 2013 година. Гејтс уште побара најмалку 4.000 експерти за обука на авганистанските сили за безбедност.

Според заклучоците од меѓународната конференција за Авганистан, што пред една недела се одржа во Лондон, бројот авганистански војници и полицајци до крајот на 2011 година треба да се зголеми на вкупно 300.00. На тој начин НАТО има намера да создаде подлога за постепено повлекување на своите војници од боиштето во Авганистан. За овој дел од обврските, меѓутоа, недостасуваат уште 4.000 експерти за обука.

Belgien Nato Verteidigungsminister in Brüssel Robert Gates
Роберт Гејтс бара од сојузниците да дејствуваат веднашФотографија: AP

Како да се пополни финансиската дупка?

Германскиот министер за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг во Истанбул нагласи дека неговата влада веќе понудила да го зголеми бројот тренери за авганистанската армија:

„Германија понуди да го зголеми бројот на тренери за четирипати, што секако, треба прво да помине во парламентот. Мислам дека е тоа понуда од која не треба да се срамиме, бидејќи зголемувањето на бројот експерти за обука од сегашните 280 на повеќе од 1.400 е навистина голем придонес.“

Гутенберг и останатите ресорни колеги од Алијансата ќе треба да решат уште еден голем проблем. Станува збор за финансиската дупка што ја отвори засилениот ангажман на НАТО во Авганистан. Од дипломатски извори се дознава дека само за тековната година на НАТО му недостасуваат преку 700 милиони евра. Министрите ветија дека ќе најдат начини да го покријат финансискиот минус, но исто така се договорија да изготват список на можни давачки, на кои може да се заштеди. Според договорот постигнат во Истанбул, генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен ќе провери дали може да се намали бројот главни штабови на Алијансата ширум светот. Конечната одлука околу точната распределба на дополнителните трошоци, како и за мерките за штедење треба да падне на средбата на НАТО на крајот на март.

Автор: ГЧ/БГ/ртр/дпа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска