1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виндзорскиот рамковен и мистериозната вмешаност на Чарлс III

3 март 2023

Вмешаноста на Чарлс, „политичкиот“ монарх во чиј интерес е Кралството да остане и Обединето, може да има само добри последици по политиката на Риши Сунак и новиот договор помеѓу Лондон и Брисел. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4OC2n
Британскиот крал Чарлс III
Британскиот крал Чарлс IIIФотографија: Tayfun Salci/ZUMA Press Wire/picture alliance

Британскиот премиер Риши Сунак и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по постигнувањето на „историскиот“ договор за реформирање на трговскиот протокол за Северна Ирска, како дел од договорот за Брегзит, оценија дека тој претставува „ново поглавје“ во односите помеѓу Лондон и Брисел.

Новиот договор беше презентиран во историската зграда Гилдхол во Виндзор, меѓу величенствените слики каде се преставени Елизабета Втора и нејзиниот татко Џорџ Шести, и каде покрај Елтон Џон, сегашниот крал се ожени со кралицата-консорт Камила во 2005 година.

Оттука не е случајно што новиот договор ќе се вика „Виндзорски рамковен договор“, како што нема да изостанат полемиките и обвинувањата што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, замина до замокот Виндзор на попладневен чај со британскиот монарх кралот Чарлс III. Според критичарите, средбата меѓу кралот и Фон дер Лајен имала политичка конотација, а кралот требало да остане „политички неутрален“ во согласност со „непишаниот“ устав. Да потсетиме – договорот меѓу Островот и ЕУ се уште чека зелено светло од северноирските политички партии.

Договорот и средбата со кралот може да се претворат во бунт на најкритичните конзервативни поддржувачи на Брегзит и претставниците на северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), кои ова ново приближување кон ЕУ можат да го сфатат како потчинетост кон Унијата, односно, претходница на распаѓање на Обединетото Кралство, со Северна Ирска која опасно би се наклонила кон обединување со Ирска.

Секако, за премиерот Риши Сунак ова е голем меѓународен успех и претставува пресвртница од тврдите британски позиции кон ЕУ на неговите претходници како Борис Џонсон и Лиз Трас. Борис Џонсон, кој инаку го потпиша контроверзниот договор со ЕУ пред две години, како и Лиз Трас, иако постојано се закануваа со унилатерално раскинување на договорот, сепак не успеаа да постигнат ништо во преговорите со Унијата. Новиот станар на Даунинг стрит 10, само во неколку месеци стигна до договор, пофалувајќи се дека извлекол концесии од ЕУ околу контроверзниот протокол кој во суштина ја подели Велика Британија на два дела затоа што и наметна трговска граница помеѓу ВБ и С. Ирска. Тоа беше од две причини: првата, за да се избегне враќање на опасната граница помеѓу С. Ирска и Р. Ирска, со што би можело да се загрози тешко стекнатиот мир постигнат со „Договорот од Велики петок“ од 1998 година. Втората причина беше желбата на ЕУ да ги задржи стандардите и квалитетот на единствениот пазар.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Риши Сунак на средбата во Лондон на која потпишаа нов договор за протоколот за Северна Ирска
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Риши Сунак на средбата во Лондон на која постигнаа нов договор за протоколот за Северна ИрскаФотографија: Dati Bendo/EU

Па, така, Брисел и Лондон сега се согласија да ги одделат стоките наменети за Северна Ирска од оние што се движат кон ЕУ. Целта е да се намали документацијата за компаниите кои се пожалија дека не можат да ги понудат сите свои производи во Северна Ирска поради премногу обемните проверки. Тоа ќе ја олесни трговијата на храна и лекови помеѓу С. Ирска и ВБ кои ќе можат да стигнат до Белфаст и околината без никакви контроли.

Повеќе од авторот: Од „Брегзит“ до „Брегрет“

Според претходниот договор меѓу Лондон и Брисел, Северна Ирска се придржуваше до некои од законите на ЕУ, за да може стоките слободно да минуваат преку границата до Република Ирска без да бидат предмет на проверки. Сунак рече дека северноирскиот парламент „Стормонт“ сега ќе може да „повлече итна сопирачка“ за какви било промени во правилата на ЕУ и дека владата на Обединетото Кралство ќе „има право на вето“, имајќи предвид дека технички гледано Северна Ирска се уште е дел од единствениот европски пазар. Според новиот договор, британската влада ќе има и слобода да го одреди износот на ДДВ во Северна Ирска. Но, тоа што нема да им се допадне на критичарите и тврдите поддржувачи на Брегзитот е што Европскиот суд на правдата и понатаму ќе го има конечниот збор околу прашањата поврзани со единствениот пазар на ЕУ во Северна Ирска. 

Задачата на Сунак  

Сунак, третиот британски премиер во политички нестабилната 2022 година за Британија, нешто што е далеку од готово, сепак одбра една поинаква политика со цел да ја избави земјата од политичката, економската и општествена криза предизвикана од нестабилноста на Џонсон и тоталната неспособност на Трас. Првата задача на Сунак беше да ја запре кризата на пазарната недоверба кон јавните сметки на државата, која можеше да предизвика системски крах на финансиските институции во Велика Британија. Сега доаѓа потешкиот дел од работата, како да се оправи наследената внатрешна нестабилност и социјалните немири на Островот.

Само откако тие две нешта ќе се доведат во ред, Британија ќе може повторно да размислува за стабилизирање на својата надворешно политичка и стратешка проекција кон некоја нова глобална улога, нешто што после Брегзитот и идентитетската криза која настапи, делува опасно запоставена, конфузна и парализирачка. Секако, британската помош кон Украина во ниеден момент не потфрли, иако се базираше и се уште стои на своите максималистички ставови. Паметниот потег на Сунак е што за разлика од своите претходници постави сосема нов пристап во односите кон Кина и ЕУ. Значително ги намали воинствените тонови кон Кина, опишувајќи го новиот пристап како „robust pragmatism“, додека што се однесува до Европа, демонстрираше јасен интерес кон Европската политичка заедница лансирана од Емануел Макрон, а кон ЕУ, како што гледаме и од актуелниот договор, се залага за пат поплочен со компромиси и поголема одлучност да се дојде до разбирање и соработка.

Сунак е всушност застапник на еден економистички пристап и економистичко сфаќање на историјата и односите меѓу земјите, нешто што има многу смисла за една земја како Британија, која се наоѓа на ивица на рецесија, која пак ќе биде многу подолга и потешка од онаа што ќе ги погоди ЕУ и САД. Затоа Сунак мора прво да го доведе во ред внатрешниот фронт, па потоа постепено да ги реконструира економските ресурси неопходни за враќање на јавниот консензус и социјалната кохезија.

Повеќе од авторот:Бам-бум-Трас, има ли за Велика Британија спас?!

Тоа сигурно би било невозможно се додека не се реши северноирското прашање каде тензиите веќе се високи и во секој момент би можеле да експлодираат. Само пред неколку дена С. Ирска беше сведок на атентат врз полициски инспектор во грофовијата Тирон, за кој надлежните се сомневаат во „New Ira“, новото движење на републиканските терористи. Договорот „ги штити нашите пазари и легитимни интереси и тешко стекнатиот мир постигнат со „Договорот од Велики петок“ од 1998 година, рече претседателката на ЕК, мислејќи на договорот што стави крај на конфликтите меѓу унионистите и републиканците во тој дел на Обединетото Кралство.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Кралското мешање  

Но, унионистите и протестантите од Алстер и тврдокорните поддржувачи на Брегзит стануваат се понервозни, не само поради договорот, туку особено и од вмешнувањето на кралот Чарлс III, нешто што го сфаќаат како начин да им се изврши притисок со цел да попуштат. Унионистите во Белфаст веќе со месеци ја бојкотираат коалициската влада со републиканците од Шин Фејн, токму во знак на протест против протоколот. Критичарите се вознемирени не само од фактот дека средбата можеби претставуваше кралско мешање во високополитичко прашање, туку и од нејаснотијата околу тоа на чија иницијатива се одржала средбата на прво место. Од кралската палата соопштија дека постапуваат по совет на владата, додека Даунинг стрит соопшти дека кралот така одлучил. Чарлс неодамна ги пречека и полскиот претседател Анджеј Дуда и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Водечкиот поборник за Брегзит од редовите на владејачките ториевци, Џејкоб Рис-Мог и поранешната лидерка на ДУП, Арлин Фостер сметаат дека вплеткувањето на кралот претставува сериозно мешање и опасен уставен преседан, кој би довел до тоа монархот се почесто да се меша во идни политички прашања.

Повеќе од авторот: Merry Brexmas!

Ова доаѓа и од причина што Велика Британија нема вистински пишан Устав, со исклучок на скелетот од Магна Карта, па оттука рамнотежата помеѓу државата и монархијата се базира на вековни конвенции. Една од нив е дека монархот мора да биде строго аполитичен, почитувајќи ја својата чисто церемонијална улога. Не случајно, кога се отвара новата парламентарна година во Вестминстер, кралот или кралицата ја читаат програмата на извршната власт. Но, текстот не е нивни, туку е напишан од власта и монархот го чита онака како што му е доставен, без никаква примедба. 

Во тој поглед Елизабета Втора секогаш строго се придржуваше до конвенцијата. За нејзе, неутралноста и аполитичноста беа опсесија, нешто поради што и беше најсакана од сите суверени. Но, Чарлс Трети е ноторно активистички настроен монарх и политички ангажиран. Оттука, збунувачки е кој е организаторот на средбата Чарлс-Лејен, кога и Даунинг стрит и Бекингам излегуваат со спротивставени верзии. Логично би било средбата да е организирана на барање на владата, затоа што Кралското семејство е најспрестижното и највлијателно крило на мека моќ во британската надворешна политика. Но, таквата реконструкција владата ја негира, што навестува дека кралот донел автономна одлука да се сретне со шефицата на ЕУ, додавајќи доза на мистериозност околу целата средба и вмешаноста на монархот. И токму фактот што се работи за средба со недржавен претставник, односно, со лидер кој не претставува суверена држава, останува прашањето како воопшто да се дефинира средбата, дали како неформална средба или средба на државно ниво?! 

Како и да е, вмешаноста на Чарлс, „политичкиот“ монарх во чиј интерес е Кралството да остане и Обединето, може да има само добри последици по политиката на Сунак и новиот договор помеѓу Лондон и Брисел. Само поддршката на кралот може да го разбие меѓу луѓето фронтот на ториевците и унионистите кои се против компромисот со ЕУ. А бидејќи нема бегање од изреката „Nomen est omen", случајот со Чарлс и неговата вмешност ќе остане запишана и во името на самиот договор, односно „Windsor Agreement".

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.