1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автократија која се лизга кон диктатура

Ивица Петровиќ
30 декември 2017

Претставниците на опозицијата се цел на различни притисоци од страна на власта.Тоа беше видливо спроти но и на локалните избори во пет општини во Србија. Но опозицијата не пружа соодветен отпор, велат аналитичари.

https://p.dw.com/p/2plc8
Serbien Wahlen
Фотографија: DW/I. Petrovic

Кога неодамна лидерите на некои опозициски партии најавија дека ќе ги бојкотираат локалните избори во 5 општини во Србија, овој потег беше дочекан со значителна доза на скептицизам, па и иронија. Опозициските политичари речиси беа исмеани поради својот став оти ситуацијата на локално ниво е неподнослива и дека власта спроведува разни видови терор над опозицијата- од физичко насилство, па сѐ до различни притисоци. Многумина тогаш наведуваа оти дел од опозицијата всушност бара оправдување, бидејќи немаат формирано локални одбори во тие средини.

Повеќе на темата:

-Србија: Избори без (добри) причини

-И по Вучиќ - Вучиќ

-Има ли опозиција во Србија?

Но, бидејќи истовремено пристигаа и некои конкретни примери на насилство од власта, оптиката донекаде се промени и се увиде дека ситуацијата, особено во малите средини, го загрозува нормалниот политички живот. Неодамна и Демократската партија, која е инаку против бојкот на изборите, соопшти за јавноста оти некои нивни членови поради закани и притисоци се откажуваат да се најдат на изборната листа на партијата за локални одборници. Затоа и социологот Џокица Јовановиќ за ДВ потенцира дека тоа „не е нешто што би требало да биде предмет на потсмев. Настрана дали некој некаде има организирана партиска инфраструктура, но главен факт е оти се врши насилство. А таму каде што има насилство, таму нема парламентаризам. Не се работи тука само за терор, туку и за притисоци кои одат од друг план: закани за губење на работното место или работното место на детето или сопругата. Така што условите за избори не само што не беа регуларни, туку не беа ни елементарно цивилизирани“, предупредува Јовановиќ.

Belgrad Serbien Wahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Toskic

Зголемен притисок на локално ниво

Занимавањето со политика во Белград не е многу поедноставно, но сепак е полесно да се биде опозиција во главниот град каде што има поголема доза на анонимност и посилните светла на медиумските рефлектори на некој начин штитат од владино шиканирање. Факт е оти во Србија на локално ниво никогаш не било вака, оценува за ДВ и Јасмина Лукач, уредник на политичката рубрика од весникот „Денес“. „Таму луѓето се препознаваат лице во лице, таму секој знае сѐ за секого и таму некој кој е на опозициска листа или му се спротиставил на локалниот моќник- кој е моќен бидејќи е поврзан со владеачката партија во Белград- е многу поизложен отколку во голем град. Тоа можеби и не е новост дека се случува само во времето на Вучиќ, но мораме да констатираме оти за време на неговата власт тоа навистина стана поинтензивно и само се засилува понатаму.“

Ако власта во тој смисол се обвини за диктатура веднаш се појавуваат аналитичари, меѓу кои има и такви кои не се премногу наклонети кон Александар Вучиќ, а кои тврдат дека тоа е претерување. Или во меѓувреме се појавуваат и некои нови синтагми кои ситуацијата во Србија ја опишуваат како „несовршена демократија“. Дали за тоа што се случува на политичката сцена во Србија мораме да бараме некои нови зборови за да не се навреди власта? „Секако дека не мораме“, вели Џокица Јовановиќ, „бидејќи едноставно се работи за автократија. Диктатура подразбира севкупна контрола над сите аспекти во општествениот живот. Тоа сѐ уште не се случува- и тука засега Јовановиќ наведува едно големо НО- „секоја автократија тежи да стане диктатура. Нема автократија која сака да стане демократија. Затоа работата не е  оопшто наивна и би требало да се плашиме, доколку општествените сили не се спротистават на тоа, дека полека ќе преминува во дикататура.“

Serbien Präsidentschaftswahlen Sieger Aleksandar Vucic
Фотографија: Reuters/A. Bronic

Опозиција се задржува на пароли и демагогија

Ако за пример се земат минатонеделните локални избори во општината Пеќинци,  тогаш се забележува дека таму атмосферата беше како да се избира претседател на државата а не локални одборници. Наместо фотографии на локалните кандидати на владејачката партија, на плакатите стои фотографија на претседателот на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ. Опозициските активисти говореа за многубројни закани, уцени и купување на гласови. Каков воопшто треба да биде односот  во таква ситуација и дали бојкотот е единствено решение. јасмина Лукач смета дека не е: „Се стекнува впечаток дека партиите чекаат општеството и медиумите да му се спротистават на тоа и оти тие се тука сето тоа само малку да го артикулираат и малку посилно медиумски да го разгласат. Не може само да се констатира дека е на дело политичко насилство и заплашување, и да се чека општеството самото да се избори со тоа“.

Бојкотот би бил единствен и добар начин, кога опозицијата би имала консензус за тоа, додава Ѓокица Јовановиќ. „Бидејќи прашањето тука е колку навистина имаме опозиција, а колку има разно-разни тројански коњи. Нојкото на некои партии во таа смисла не значи ништо, зашто секогаш ќе се направи привид на парламентаризам“.  Според Јовановиќ опозицијата недоволно јасно ги артикулира општествените проблеми. „Таа се задржува на ниво на пароли и демагогија и затоа нема соодветна борба. Потребна е сериозна анализа на општествените проблеми и потоа соодтветни програми. Доколку тоа не се случи, не верувам дека нешто битно ќе се промени, освен ако власта не направи некаква катастрофална грешка“.