1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанските партии и вториот круг- равенка со многу непознати

17 октомври 2017

Во општините каде етничките Албанци се мнозинство, битката во вториот изборен круг ќе биде една од најинтересните и најжестоките. Можни се секакви коалиции и договори, но засега никој не ги отвора „картите“

https://p.dw.com/p/2lwfa
Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Резултатите од првиот круг на локалните избори драматично ги разместија коцките на македонската политичка сцена. Само десет месеци по парламентарните, ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори изгуби 120.000 гласови, Беса изгуби 11.000, а ДПА 13.000 гласови. Се зголеми контото на Алијансата за Албанците, која по ланските 35.000 сега доби 49.000 гласови. ДУИ од 86.000 порасна на 89.000, а СДСМ изгуби 20.000 гласови.

„Големиот потрес во албанскиот блок партии се случи на 11-ти декември 2016 година, кога ДУИ и ДПА се преполовија и никнаа два нови субјекти: Алијанса за Албанците и Беса“, потсетува публицистот и аналитичар Роберт Несими.

„На некој начин, овие локални избори беа продолжение и еден вид разврска на таа сторија. Пресметано според советничките листи, ДУИ успеа да го задржи скоро истиот број гласачи, Алијансата имаше значителен раст, Беса има благ пад, а ДПА скоро исчезна од политичката сцена. Треба да се напомене и фактот дека бројот на Албанците што гласаа за СДСМ од над 40.000 на парламентарните падна под 20.000 на овие избори“, потенцира Несими.

Сите комбинации се можни

Како сето ова ќе се рефлектира во вториот круг од изборите? Во политичкиот блок на етничките Македонци исходот во најголемиот број од општините е решен уште во првиот изборен круг, и ривалите се познати: во вториот круг СДСМ ќе влезе со предност во 14, а ВМРО-ДПМНЕ во 6 општини. За разлика од оваа, сосема е неизвесно како ќе се води битката во вториот изборен круг за најзначајните единици на локалната самоуправа каде етничките Албанци се мнозинство. ДУИ во првиот круг победи во две општини - Кичево и Пласница, а во вториот со предност влегува во 11 општини. Алијансата на Албанците има предност во Струга, а ДПА во Студеничани.

Струга и Гостивар се дел од општините каде ДУИ ќе се соочи со коалицискиот партнер во Владата - Алијанса за Албанците. Но, дали само со него или и со заднинска поддршка од трет партиски субјект? Аналитичарите предвидуваат „интересен изборен круг, во кој се можни разни коалиции и комбинации“. Дел прогнозираат дека Алијансата за Албанците и Беса може да постигнат договор за соработка, и наводно такви разговори неформално започнале во некои партиски ограноци. Други, пак, сметаат дека можеби партиските лидери Ахмети и Села ќе се договорат за меѓусебни отстапки во одредени општини, трети се сомневаат во таков договор и прогнозираат жестока битка до крај. Според Несими, прашањето е кој каде ќе најде дополнителни гласови.

„Во првиот круг решени се само три општини. ДУИ успеа да ги задржи Кичево и Пласница, а го изгуби Арачиново од СДСМ. Во повеќето од останатите општини во предност е ДУИ, но тука се битни два елементи. Првиот е дека ДУИ во неколку општини е во предност благодарение на СДСМ, а вториот-дека останатите партии, особено Беса и Алијансата, заедно имат повеќе гласови. Тоа значи дека главниот проблем на ДУИ е каде ќе најде дополнителни гласови, бидејќи поддршката од СДСМ ја доби веќе од прв круг. Ако се случи Беса и Алијансата да создадат коалиција за взаемна поддршка, тие би можеле да ги добијат повеќето општини, посебно градовите како Тетово, Гостивар, Струга и Чаир. Значи, се зависи од тоа колку гласачите на СДСМ, кои ја завршија работата во првиот круг и немаат сопствена битка, ќе имаат мотивација масовно да излезат за поддршка на ДУИ и во вториот круг, а посебно од потенцијалната соработка Алијанса-Беса, а зошто не и ДПА“, вели Несими.

Ад-хок коалиции

Од ДУИ засега не ги коментираат претпоставките за вакви можни комбинаторики. Убедени се дека ќе го ефектуираат водството од првиот круг. Портпаролот на Изборниот штаб на ДУИ, Арбер Адеми, вели дека со над 100.000 гласови добиени од граѓаните за листите за советници и за кандидатите за градоначалници на ДУИ, партијата е пред убедлива победа.

„Денот се познава по утрото. Оваа апсолутна волја на граѓаните во соодветните општини заеднички ќе ја потврдиме во вториот круг“, рече Адеми.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Посебен интерес предизвикува изборната трка за Тетово, каде кандидатката на ДУИ, Теута Арифи (со освоени 13.265 гласови), во вториот круг ќе се соочи со Билал Касами од Беса (8.767 гласови). Но, ако се има предвид дека таму кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ добил 6.459 гласови, кандидатот на Алијансата за Албанците 4.874 и на ДПА 4.568 гласови, прашањето е кој кому ќе му помага во вториот круг.

Според аналитичари, ако ВМРО-ДПМНЕ сака да и се одмазди на ДУИ заради нејзиното коалицирање со СДСМ на централно ниво, може гласовите да ги насочи во корист на кандидатот на Беса, но клучното прашање е дали и колку разочараните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ би биле мотивирани да играат за трета страна. Од друга страна, не е исклучено ДПА да ги повика своите гласачи во корист на кандидатот на ДУИ. Доколку Алијансата и Беса постигнат договор за соработка во вториот круг во Тетово, битката ќе биде навистина жестока.