1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина воздржано реагира на препораката на ЕК

15 октомври 2009

Препораката на Европската комисија за почнување преговори со Македонија во грчката јавност наиде на воздржани реакции. Повеќето медиуми не објавуваат поголеми коментари на оваа тема.

https://p.dw.com/p/K6mB
Ќе има ли пробив околу името? Новиот премиер, Јоргос ПапандреуФотографија: AP

Атина не е одушевена поради најновата препорака на Европската комисија за почеток на преговори со Македонија. Во јавноста е видлив обидот да се зачува мирот и увереноста дека конечната одлука не е во надлежност на Комисијата, туку на Министерскиот совет во кој седат шефовите на држави и влади од сите земји членки, значи и од Грција. Грција смета дека во тој состав има подобра позиција во однос на северниот сосед.

Засега во јавноста не се појавил ниту еден грчки политичар, кој би се заканил со вето доколку нема напредок во преговорите околу името. Само заменик-министерот за надворешни работи Димитрис Друцас упати децентно предупредување: „Позицијата на Грција е јасна и позната, исто така и нашата национална црвена линија,“ порача Друцас по објавувањето на Извештајот на Комисијата за напредокот на земјите од Западен Балкан.

Kroatien EU Olli Rehn in Zagreb
Тигар без заби или...? Еврокомесарот за проширување, Оли РенФотографија: AP

Историско искуство

Дека препораката на Европската комисија за почетокот на преговорите нема карактер на дефинитивна одлука, тоа Грците го знаат од сопствено искуство. Во доцните 70-ти години, имено, Комисијата се изјасни против почеток на преговори со Грција. Во Брисел се’ уште беше преголем стравот од големиот дефицит и слабото грчко стопанство. Но, на крајот скепсата на Комисијата беше надгласана во Министерскиот совет и на Грција и’ беше отворен патот кон ЕУ.

Денес во Грција малку кој помислува дека новата влада на Јоргос Папандреу би можела да се согласи со почеток на преговори за прием на северниот сосед, ако тој во меѓувреме не „попушти“ во спорот околу името. Таквиот став доаѓа најјасно до израз во провладината „Та Неа“, која пишува: „Прво надминување на спорот околу името, па потоа можете да дојдете во Европа!“ Весникот „Нафтемборики“, пак, посочува дека во препораката на Комисија преговорите не се врзани за изнаоѓање решение за името. Сличен е и ставот на ТВ каналот „Антена“, која оценува дека проблемот со името нема големо влијание врз препораката на Комисијата, која го смета за билатерален.

Athen putzt historische Stätten zur Olympiade heraus
Тешкиот товар на историјата: може ли да ја делат повеќе народи?Фотографија: AP

Од редовите на опозицијата досега се огласи само „Левата Алијанса“. „Само со закани со вето не можат да се бранат интересите на земјата“, порача Јанис Балафас, надлежен за надворешно политички прашања.

Автор: Јанис Пападимитриу / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска