1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атлас на иредентизмот

31 март 2018

Во Грција опсесивно се зборува за можен македонски иредентизам ако остане сегашното име. Во политичката историја на 19 и 20 век иредентистичкото хеленистичко движење „Мегали идеа“ има посебно место. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/2vHRX
Wien Treffen Außenminister Mazedonien und Griechenland
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров со грчкиот колега Никос Коѕијас и посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц (Виена, 30.03.2018)Фотографија: Ministry of Foreign Affairs Macedonia

Постојаното споменување на грчките политичари за наводниот иредентизмот во Македонија овдешните повозрасни граѓани синемаскопски ги однесе во еден времеплов кој изгледаше дека го заборавиле. Толку честа употреба на зборот иредентизам немало уште од 1980-1981 година, кога протестите на Албанците за поголеми права во СФРЈ (главно во Косово и Македонија) тогашната официјална политика ги оквалификува како силен удар за стабилноста и единството на федерацијата. Жестоката пропаганда тие протести ги оквалификува како албански иредентизам, потоа следеше големиот бран на диференцијација и апсења. Приказната за иредентизмот се врати во македонската јавност, но овојпат смислена и повторувана секој ден во Грција. Поранешниот европски амбасадор во Скопје, Ерван Фуере, во интервју за порталот mkd.mk на едноставен начин ги опиша овие намерни заблуди: „Македонија покажа дека нема територијални амбиции. Таа е мала земја и зошто грчкиот претседател постојано зборува за иредентистички тенденции? За жал, зборува секој ден и мислам дека тоа е опсесија што Грците мора да ја остават настрана“.

Пред разговорите во Виена на двајцата министри за надворешни работи, Никос Коѕијас, иако со малку поумерен речник, на промоцијата на една книга пак зборуваше на омилената тема на грчките политичари – наводниот македонски иредентизам. И плус подели неколку лекции, контрадикторни една со друга. „Патриотизам за мене значи сложено име, кое ќе важи за сите меѓудржавни односи, а и за внатрешноста. Патриотизам не е да го негираш правото на другата страна да е горда на нејзината историја доколку е вистинска, а не фалсификувана. Моите пријатели во Скопје се или се обидуваат да станат најмладата европска држава (ако го тргнеме Косово настрана), се обидуваат да најдат историски идентитет на еден, според нас, погрешен начин“. А во другата лекција да објаснува сосем друго: „Не одиме на крштевка. Детето постои и се вика Македонија, самите се нарекуваат така барем еден век. И како Македонија постојат како дел од политичкиот ентитет во разни облици пред 70 години. Во 1977 година македонскиот јазик беше признат во ОН“.

Griechenland Parlament Alexis Tsipras Novartis
Атина го зголемува притисок во оваа фаза на преговорите: Алексис ЦипрасФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Што е ова? Какофонија во мислите или какофонија во грчките предлози? Еден ден подоцна премиерот Алексис Ципрас, во Солун малку подиректно објасни дека грчката влада сака да се однесува супериорно во преговорите: „Се надеваме дека ќе има одзив и од другата страна, бидејќи за нив тоа е прашање од егзистенцијално значење. Преговараме со чувство на одговорност и со цел да постигнеме решение што ќе ги гарантира нашата историја и нашето културно наследство, а во исто време ќе исклучува секаков вид на иредентизам од другата страна“. Јасно е дека Атина го зголемува притисок во оваа фаза на преговорите, посредно навестувајќи дека за нивниот евентуален неуспех треба да биде обвинета само една страна, која не успеала да го разбере „егзистенцијалното значење“ на решението за името. Се разбира, оваа вербална еквилибристика на крајот не мора ништо да значи, ако Скопје и Атина стигнат до некој компромис кој може да биде одржлив. Ако Коѕијас вели дека промената на македонскиот устав е неопходна и „за вантрешни гаранции и за некоја идна влада, затоа што следниот ’Груевски 2‘ ќе излезе со обвинувања“, дали тој може да гарантира дека некои идни власти во Атина нема да го постават на дневен ред ревидирањето на можниот договор? И Грција повторно да го отвори прашањето, и покрај можните промени во македонскиот устав и можното име со географска одредница.

Опсесија

Веројатно сето ова беше дел од загревањето пред да се истрачаат последните 100 метри во преговорите и пред новата средба со Метју Нимиц. Но од каде доаѓа оваа грчка опсесија со иредентизмот, што тој навистина значи и дали од тоа треба да се плаши грчката држава. Американскиот професор, Томас Амбросио, кој предава меѓународни односи и меѓународно право, во поширокото научно објаснување што го напиша за „Енциклопедија Британика“ иредентизмот го дефинира како „територијално барање засновано врз национални, етнички или историски основи. Иредентизмот е обид на постоечки држави да анектираат територии на друга држава во која живеат нивни сонародници“. Потеклото на терминот „иредентизам“ доаѓа од италијанскиот збор irredento што може да се преведе како „неспасено“, „загубено“. Овој термин почна да се употребува на крајот од 19. и почетокот на 20. век, кога веќе беше формирана модерната италијанска држава, а политичкото движење од тоа време полагаше право и на оние територии каде што имаше мнозинско италијанско население, а беа во рамките на Швајцарија или тогашната Австро-унгарска империја (како Трст, Горица, Истра, Риека и Далмација).

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Иредентизмот е едно од најтоксичните движења. Денес во светот постојат десетици и десетици иредентистички барања, некои се наведени дури и во уставите на одредени земји, некои предизвикаа војни, некои пак останаа само во митологијата. Во основа, секое иредентистичко движење е мотивирано од целосен идеализам. Тоа сака да ги смени историските настани и историските порази, обвинувајќи ги за тоа расипаните компромиси или моќта на реалполитиката. Професорот Амбросио, објаснувајќи го иредентизмот, зема повеќе примери, од кои два се од Балканот. Во модерната митологија на иредентизмот, пишува Амбросио, еден мора да биде победник, а другиот губитник. Така, мора да се создаде, на пример, „Голема Србија“ наспроти „Мала Хрватска“ или обратно. И најмала, или непостоечка, Босна и Херцеговина. Вториот пример е проектот „Голема Романија“ (Romania Mare), што беше најважна причина Романија да застане зад нацистичка Германија во Втората светска војна.

Томас Амбросио, како и голем број други научници, објаснувајќи ги примерите за иредентизам во посебно нагласен контекст ја ставаат грчката „Мегали идеја“ (Големата идеја) за проширување на грчката држава по стекнувањето на независноста во 1830 година. Кога Грција се ослободи од отоманската власт со голема британска, француска и руска помош, нејзината амбиција не беше да се формира држава која ќе егзистира покрај моќниот сосед. Нејзините планови беа многу поголеми. Пред 2500 години грчките населби доминираа во медитеранскиот базен и на поголемиот дел од Црното Море. Тоа беше трговска империја составена од голем број независни градови-држави. Кога беше формирана модерна Грција нејзините амбиции не беа да ја обнови таа широко распространета трговска империја, туку да ги собере сите територии населени со Грци во новата држава. Тоа беше „Мегали идеја“, големата идеја на хеленистичкото движење. Идејата успеа со серија мали победи и еден голем пораз.

„Мегали идеа“

Тоа беше иредентистичко движење поистоветено со хеленистичкиот свет, но со цел да се врати моќта на Источното Римско Царство (Византија). Целта на младата држава беше да се освои секоја територија каде што има грчко население – од Јонското Море на запад до Мала Азија и Црното Море на исток, Македонија, Тракија и Епир на север и Крит и Кипар на југ. Константинопол требаше да биде главен град на „Грција на два континента и пет мориња“. Оваа „Голема идеја“ доминираше со грчката политика од војната за независност, преку Балканските војни, до првите години по Втората светска војна. Грчката држава од своето јадро околу Атина за ова време се прошири пет пати: првиот пат со анексијата на Јонските острови во 1864 година, потоа на Тесалија (1881), поголемиот дел на Македонија, Крит, јужен Епир и источните егејски острови во 1913, Западна Тракија во 1920 и Додеканеските острови во 1947 година.

Karte Griechenland Idomeni Englisch
И Грција и Македонија знаат дека денес е незамисливо и апсолутно неможно да се променат границите меѓу двете земји, без оглед колку и да се зборува во грчката јавност за наводниот иредентизам

Проектот „Мегали идеја“ почна да слабее со поразот во Грчко-турската војна од 1919 до 1922 година. На почетокот од оваа војна Грција имаше успех, ја освои цела Тракија, дојде пред портите на Константинопол, кој се чинеше дека ќе падне, освои голема територија околу Смирна (денешен Измир) и кога изгледаше дека хеленскиот сон ќе биде остварен, младите турски револуционери на чело со Кемал Ататурк однесоа голема победа. За да се избегнат понатамошните територијални барања, Грција и Турција со Договорот од Лозана се согласија на размена на населението. Од Турција беа преселени 1,1 милион Грци, а 380 илјади Турци ја напуштија грчката територија. „Големата идеја“ беше на издишување, иако диктатурата на Јоанис Метаксас воведена со воениот удар од 1936 година, прокламирана како „Трета хеленска цивилизација“ со јасна асоцијација на Третиот рајх, сакаше да освои уште некоја територија. Втората светска војна им стави крај на овие соништа. Па, сепак, Грција успеа да добие уште малку. Атина имаше многу добар дипломатски настап на Париската мировна конференција во 1946 година и се избори да ги добие и Додеканеските острови (најголем од нив е Родос) и покрај големото советско противење. Денес „Мегали идеја“ е празна закана, повремено актуелизирана на интернет, но и Грција и Турција се длабоко свесни дека границите веќе не можат да се променат. Како што и Грција и Македонија знаат дека денес е незамисливо и апсолутно неможно да се променат границите меѓу двете земји, без оглед колку и да се зборува во грчката јавност за наводниот иредентизам.

Други колумни од авторот:

Тајна или јавна дипломатија

Моќта на спомениците

И Германија, на пример, до средината на 1960-тите го негуваше иредентистичкиот мит со побарувањата за териториите што ги загуби и во Првата и во Втората светска војна. Но најпосле се откажа од нив, затоа што во новиот европски проект, Европската заедница, таа мораше да биде еден од гарантите на европските граници. Таа тоа го направи посебно во 1990 година (по обединувањето) за да ги смири полските нерви и официјално границата меѓу двете земји беше одредена онаму каде што дотогаш стоеше – на реката Одра. Иредентизмот беше дел од политиката на Ирците по освојувањето на независноста. Во уставот на Република Ирска во 1937 година беше вметнат член со кој се полагаше право на целиот остров, но со историскиот Договор од Велипеток во 1998 година беа направени уставни измени со кои се гарантираше дека Северна Ирска останува во рамките на Обединетото кралство.

На овој атлас на иредентизмот има уште многу примери (да не ја споменуваме идејата за „Голема Албанија“ или унгарското оплакување за огромното намалување на територијата по поразот во Првата светска војна). Но, во основа Втората светска војна го потисна иредентизмот и востанови статус кво на меѓународните граници за стабилност во светот и покрај многуте војни. Државите што настанаа по распадот на Југославија, Чехословачка и Советскиот Сојуз ги задржаа истите граници какви што беа во дотогашните федерации, немаше освојување на нови територии. Затоа ова опсесивно грчко споменување за наводниот иден македонски иредентизам нема никаква основа, освен во нечија митолошка свест. Но во овој преговарачки покер некои карти се отвораат однапред на масата не толку за да се победи во играта, туку да се создаде перцепција дека само другиот ќе биде виновен ако разговорите пропаднат. 

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар