1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалски центри „пред портите“ на ЕУ?

Кај Кистнер
22 јуни 2018

Како би било мигрантите едноставно да се соберат во прифатни центри пред вратите на ЕУ- се слуша дури и за конкретен план за центар во Албанија. Но во Унијата околу ова има уште многу нејаснотии.

https://p.dw.com/p/303cf
Rettungsschiff Seefuchs
Фотографија: picture-alliance/dpa/sea-eye.org

И покрај веќе и жестоките полемики за едно вакво „решение“ за прашањето на бегалците кои сакаат да дојдат во Европската Унија, кое дури е споменато и во еден предлог-заклучок за претстојниот самит на ЕУ, тоа и натаму повеќе изгледа како обид да се премости длабокиот јаз кој ја дели ЕУ во прашањето за бегалците.

Бидејќи наизглед, тоа е решение кое би можело да ги задоволи и „тврдокорните“ во ЕУ кои не сакаат никакви бегалци но и оние кои бараат некакво хумано решение: мигрантите кои би биле спасени до Средоземното Море не би биле доведувани на територијата на ЕУ, туку во прифатен центар во некоја земја која не е членка на Унијата. Се разбира во таа земја со пари од ЕУ би се помагало нивното сместување.

Во основа, за такво решение не е ненаклонета ниту германската канцеларка Ангела Меркел: „Ние мора да ја редуцираме илегалната миграција и се разбиора да ја оставиме отворена можноста за размена, дали поради образованието, студиите или слично. Тоа мора да биде начело. Но не смеат криумчарите на луѓе да одлучуваат, кој ќе дојде во Европа, а кој не и згора на тоа и да заработуваат на тие луѓе“.

Norwegen Flüchtlinge
Фотографија: picture alliance/dpa/NTB SCANPIX/T. Meek

Како тогаш до азил?

Според овој предлог-заклучок за самитот на ЕУ, главната цел е што побргу да се разделат „економските мигранти од оние кои уживаат меѓународна заштита“, а во идеален случај таа проверка воопшто не би се одвивала на територијата на ЕУ.

Повеќе:

-Европа нема решение на повидок за азилантите

-Мигрантите се европски а не само проблем на БиХ

-Миграцијата ги зајакнува популистите во ЕУ

Но веќе самото тоа отвора цела низа прашања, конечно и правни недоумици: ЕУ, се разбира, постои, но не не и како субјект кој би дал азил. А ако некој сака да побара азил во Германија, тоа единствено може да го направи на територијата на оваа земја. Со други зборови, вели претседателката на пратеничката група на Зелените во Европарламентот, Ска Келер, овој предлог значи дека на мала врата ќе се „закопа“ дури и можноста некој да побара азил: „Тука станува збор само за тоа луѓето да бидат 'пикнати' во логори и то во трети земји, како Либија и слично, каде воопшто нема да можат да се бранат од одлуката за недоделување азил“.

Deutschland Ausgabestelle für Flüchtlinge
Фотографија: Imago/J. Jeske

Освен овие правни недоумици, тука се и практичните прашања: кои земји воопшто би сакале да прифатат вакви центри, а тоа се зборувало со Тунис, кој отфрлил таква можност, а во ЕУ сфаќаат дека ако вакви прифатни центри се отворат во ионака нестабилни земји, тоа би можело да предизвика нова криза- и бегалци. 

Решение - или само стишување на кавгата

Оние кои поддржуваат вакво решение предупредуваат на апсурдната ситуација која владее сега: има изјави на бегалци кои велат дека криумчарите и криминалците намерно ги ставале на бродови кои речиси сигурно ќе потонат на отворено море со порака само да викаат и да бараат помош од првиот (европски) брод на кој наидат. Тој , потоа сигурно ќе ги одведе таму каде што сакаат- во Европската унија.

Но Ска Келер во таа идеја не гледа никакво „решение“: „Членките на ЕУ повеќе не можат да се договорат за ништо позитивно и солидарно, туку само за целосно ограничување“. За волја на вистината, ова не е целосно нова идеја: уште пред неколку години тогашниот германски министер за внатрешни работи Томас де Мезие и актуелниот канцелар на Австрија, Себастијан Курц начелно се согласија околу тоа дека главно правило мора да биде: „кој ќе тргне на илегален пат, ќе биде запрен на границата, згрижен и вратен назад“

Flüchtlinge werden von Aquarius aufgenommen
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.Karpov/SOS Mediterranee

Како што може да се чуе во Брисел, во ЕУ денес постои цела низа земји, која може да си замисли такво поставување на центри пред вратите на Унијата- како Италија , па дури и Франција. некои пак се воодушевени од идејата, како на пример  Данска. Европската комисија веќе води разговори со Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) и со Меѓународната организација за миграции (ИОМ), кои би имале свои претставници во таквите прифатни центри.

Иако самитот на ЕУ е близу, денот кога еден ваков план би можел да стапи во сила е сѐ уште далеку. Има премногу отворени прашања, а тука е и основното прашање на спорот во ЕУ: колку бегалци би можела да прими секоја земја. Тука повторно се доаѓа до „клучот“ каде Унгарија и на неа слични земји одбиваат секаква соработка. Тоа не значи дека за оваа идеја нема ѝ натаму да се преговара, но во прв ред за привремено да се стиши кавгата околу бегалците во Европската унија.