1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Finanzkrise

8 август 2011

По намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, финансиските експерти со загриженост го следат развојот на берзите. Дали паниката се намалува или постои закана од „црн понеделник?“ Коментар на Бернд Ригер.

https://p.dw.com/p/12Cwd

Политичките лидери во САД, Европа и Азија немоќно гледаат како анонимните финансиски пазари ги диригираат милијардите на светските берзи и ја одредуваат идната и фискална и економска политика. Американскиот претседател Барак Обама, германската канцеларка Ангела Меркел или претседателот на Франција, Никола Саркози, веќе одамна не се главните актери. Со беспомошни изјави се обидуваат да ги убедат финансиските пазари дека ќе ги спроведат извонредните заклучоци од последниот кризен евросамит, одржан пред три недели. Тоа нема да помогне.

Берзите, инвеститорите и менаџерите на фондови се наоѓаат во безмалку нерационално апокалиптично расположение. Економските и финансиско-политички факти не забележаа големи промени во последните две недели - сепак, на берзите се продава се` што може да се продаде. Рејтинг-агенцијата „Стандард енд пурс“ со намалување на кредитниот рејтинг на САД го додаде шлагот на тортата. Со тоа го докажа она што финансиските пазари веќе одамна го знаат - и наводно најмноќниот човек на светот, американскиот претседател, е безмоќен кога треба да се пресмета со Вол Стриг. За САД земањето нови кредити отсега ќе биде поскапо. Се заканува опасноста од враќање во рецесија, што би имало последици на секаде низ светот. Следниот бран економско-финансиска криза, што почна во 2008 година, веќе се движи кон нас.

Загрозена е заедничката европска валута

Доколку светската конјуктура уште еднаш ослаби, веќе нема да има државни пари за програми за нејзина поддршка, како што беше премијата за откуп на стари автомобили во Германија. Најважните земји од еврозоната веќе нема да можат да си приуштат нови државни задолжувања. Моќта на финансиските пазари е толку голема, што создава страв. Доколку шпекулациите сега се насочат кон Италија и земјата ја изгуби довербата, односно нејзините државни позајмици станат неисплатливо скапи, тогаш за целата еврозона нема да има спас.

Долговите на Италија нема да можат да бидат преземени. Тоа би ја преоптоварило дури и Германија, единствената европска конјуктурна локомотива во моментов. Европската унија ќе мора да преземе поостри мерки отколку до сега, со цел да ги импресионира финансиските пазари, кои очигледно се оние кои го одлучуваат курсот по кој ќе се движи светското стопанство.

Време е од „чадорите за спас“ да се создаде пристоен Европски монетарен фонд, кој ќе им помага на земјите во криза. Време е еврозоната да добие вистинска економска влада, достојна на името што го носи. Време е на европските граѓани да им се каже вистината, односно дека сите ќе мора да ги исплаќаме долговите на еврозоната преку повишените стапки на инфлација.

Доколку Меркел, Саркози и компанија продолжат со акционизам без јасна линија, тогаш нема да има спас за заедничката валута. Во таков случај ќе биде само прашање на време кога агенциите за рејтинг ќе ја намалат кредитоспособноста на Франција, Велика Британија, па дури и на Германија. Состојбата во Франција не се разликува многу од таа во САД. Германија со огромна брзина се движи кон зголемување на државните задолжувања. Дали Европската унија, Г 7 или Г 20 заедно со земјите во развој можат нешто да сторат - останува да се види. Нова светска финансиска криза е на повидок, финансиските пазари владеат, рејтинг-агенциите диригираат.

Автор: Бернд Ригерт/Трајче Тосев

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема