1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Позитивен сигнал за демократијата во Македонија!

6 јуни 2011

Германската политика изборите во Македонија ги толкува како позитивен сигнал за демократскиот развој на земјата. Сега е важно да се формира силна влада која ќе ја доближи земјата до ЕУ, сметаат повеќемина парламентарци.

https://p.dw.com/p/11VE2
Дел од Бундестагот
Дел од БундестаготФотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот политички врв официјално не ги коментира предвремените парламентарни избори во Македонија. Неофицијално, меѓутоа, од високи дипломатски извори Дојче Веле дознава дека германската политика го поздравува позитивниот тек на изјаснувањето во Македонија. Има и очекувања дека изборите ќе го вратат политичкото секојдневие во земјата. Како позитивна се квалификува и најавата на опозицијата за конструктивно работење во Парламентот. Ваквиот тек на случувањата, според извори на Дојче Веле, претставува позитивен сигнал за демократскиот развој на земјата.

„Целокупната атмосфера беше многу конструктивна и позитивна. На политичко ниво имавме контакти и дискусии со претставници на сите партии. Јасно се покажа определбата на сите дека погледот и иднината се свртени кон Европа. Истиот впечаток се потврди и на улица, кога разговаравме со обичните луѓе. И тие во Европа ја гледаат својата иднина. Затоа сметам дека конечно мора со Европа работите да тргнат нанапред“, изјави за Дојче Веле Јирген Климке, пратеник од фракцијата на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, кој како набљудувач на ОБСЕ ги следеше изборите во Скопје.

Јирген Климке: Определбата на сите во Македонија е - Европа!
Јирген Климке: Определбата на сите во Македонија е - Европа!Фотографија: Jürgen Klimke

„Сега за Македонија е важно да се формира силна влада. Тоа би бил значаен сигнал и за продолжување на процесот за членство со ЕУ, но и за натамошни преговори кои мора да ги води ЕУ со Грција поради ставот на Грција кога е во прашање Македонија. Сметам дека сега има поволни услови и една нова силна влада во Македонија би оставила добар впечаток врз ЕУ. Верувам дека и поради другите преговори што ги водиме со Грција околу задолженоста, ова прашање за политичката иднина на Југосточна Европа мора да има улога“, коментира Јирген Климке.

„Од овие избори има јасен резултат. Сегашната владина коалиција може и натаму да владее. Одреден број места во паралемнтот навистина се изгубени. Наспроти нив, опозиционите социјалдемократи добија значителен број, што за мене е сигнал дека избирачите својата надеж ја имаа насочено во Социјалдемократскиот сојуз. Искрено се надевам дека сега, кога ситуацијата со владата е јасна, истата конструктивно и сериозно ќе ги застапува интересите на Македонија, мислам пред се’ за проблемот со Грција околу името, за кое очекувам дека владата ќе го третира сериозно и конструктивно. Инаку, со ваквиот изборен резултат владата може сосема лежерно да ја продолжи својата политичка работа“, ги коментира изборните резултати социјалдемократот Дитмар Нитан.

„Како прво, овие избори даваат можност политичката блокада во Македонија да прекине. Гласачите се изјаснија, одлуката е донесена и политичката работа сега може да продолжи. Верувам дека старо-новата влада ќе го продолжи курсот за доближување на Македонија кон Европската Унија, а Унијата, пак, од своја страна, треба да си ги заврши домашните задачи“, подвлече за Дојче Веле и Штефан Либих, пратеник од партиите на Левицата во Бундестагот.

Штефан Либих: Политичката блокада е надмината
Штефан Либих: Политичката блокада е надминатаФотографија: DW
Дитмар Нитан: Резултатот е јасен!
Дитмар Нитан: Резултатот е јасен!Фотографија: Nietan

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска