1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бинго Македонија

21 септември 2017

Изборите се политички карусел, но не и инструмент кој може да промовира вистински иновации и исчекори. За таква промена гласноста на гладот е побитна од гласањето за сервираното. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/2kRuB
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Глувче бело среќа носи, може да си среќен без да знаеш" – Гане Тодоровски 

Некаде на почетокот на мојата колумнизација со јавноста напишав дека Македонија постепено навлегува во постетничка ера на политичката сцена. Иако повеќе најава отколку констатација, реакциите кои уследија беа рамномерно одбележани во распон од убер-воодушевеност до неверо-томна скепса, со благонадеж дека предвидувањето е повеќе од пуста желба. За жал, брзинското читање на таа порака и нејзината прелесна интерпретација - без доволно внимание кон фуснотите кои ја следеа - нѐ доведоа до денешната состојба во која евидентниот постетнички моментум може единствено да се дефинира како еврејската „внимавај што посакуваш, може да ти се оствари”.

За да се разбере во целост ова (можеби) задоцнето предупредување, одговорите треба да ги бараме во некое подзаборавено минато и настани кои ја дефинираат денешната состојба. Во дадениот случај, станува збор за три безмалку паралелни настани како увертира во три паралелни процеси кои денес го доживуваат својот паралелен епилог.

Човековите права како инструмент на престиж 

Првиот настан, со глобални реперкусии и индиректно влијание врз нас, се случи на 20 јануари 1977 во Вашингтон. На тој ден, во својот инаугурален говор, новоизбраниот претседател Картер првпат го промовира концептот на човекови права како составна морална компонента на надворешната политика на САД. „Нашите чувства на морал диктираат јасна одредница кон оние општества кои го споделуваат со нас обврзувачкото почитување на индивидуалните човекови права”, ќе изјави Картер.

Големиот влез на правата на човекот во светската политика секако дека не беше само идеалистички крик на демократот Картер, туку и неопходен морален баланс и балсам врз Америка, ранета од Виетнам и Вотергејт. Во секој случај, визијата на Картер ќе ја дефинира надворешната политика на САД, директно влијаејќи врз редица администрации кои навремено ја увидоа тежината и вредноста на човековите права како инструмент на престиж во меѓународната политика. Сѐ до администрацијата на Трамп и големиот пресврт сублимиран во говорот на неговиот државен секретар Тилерсон (3 мај 2017) дека „инсистирањето на човекови права надвор од САД создава пречки за нашите интереси”.

Генерација на која ѝ истекува славата

Вториот настан исто така има конкретен стартен датум, 11 Март 1981, и адреса – Приштина, Косово. Ден и место одбележани од студентските демонстрации за подобри економски услови на Албанците во Косово, кои набрзо ќе ескалираат во процес на барање Република и кулминираат со независност. Во текот на тој, речиси тридецениски процес, Косово директно ќе ги почувствува првичните придобивки од новосоздадената средна класа како движечки мотор на промените, и уште повеќе ќе капитализира од веќе етаблираната политика на САД за одбрана на човековите права.

Настаните од 1981 година ќе останат запаметени и како иницијален пробив на сцената на новата политичка нарација и генерација активисти од кои ќе израсне идната политичка класа на Албанците во постјугословенскиот и поствоениот период. Нарација и генерација на која денес и овде ѝ истекува аурата и славата врз која се издигнаа на чекор до пантеонот, и заслепено потона во комфорната кал на корупцијата и криминалот. Генерацијата ‘81 денес полека тоне во епилогот на своето влијание и притоа предизвикува драматични драмолетки на избегнување на неминовното – заминувањето во историја и отстапување место на новите нарации. Но не и на новите генерации кои сѐ уште се обидуваат да го чекорат патот кон ѕвездите по стапките на претходниците.

Генерациско (не)наследување

Третиот настан е судбински поврзан со претходниот т. е. настаните во Косово и индиректно кон односот кон Албанците во Македонија. Под наплив на борбата против „сепаратизмот и иредентизмот“ и „идеополитичката диференцијација”, Македонија беше принудена на брзинско напуштање на и онака кршливата либерална матрица од седумдесеттите и се повини кон од Белград диктираната хистерија на албанофобија, завиена во плаштот на „чување на братство-единството”. Политичко-безбедносната харанга и лов на албански вештерки низ Македонија беше дополнително засилена со упатувањето македонски полициски сили во Косово, кои – заедно со оние од Босна и Херцеговина - ќе останат запаметени по бруталноста и насилството врз Косовците. Во сенка на тие настани се одвиваше целосна режим-србизација на македонската политичка и оштествена сцена низ која се одвиваше системско и систематско дехуманизирање на Албанците и супериоризација на Македонците според рецептурата на федералните политички и воени безбедносни служби од Белград.

Консеквентно, ахалноста кон Албанците и покорноста кон Белград резултираше во политичка нарација и административна генерација на македонски марионетски политичари прелеани од комунизмот во демократијата, притоа без барем површна реформа на наметнатиот колонијален дискурс. Денес, доминацијата на овие наративи и генерација политичари е веќе соочена со својот епилог, како последица на промените – повеќе во соседството отколку во внатрешноста. И слично како со нивните генерациски (не)другари од албанскиот кампус, нарацијата наследена од 80-тите полека исчезнува, но без наследство на млади со ново сфаќање за политиката и реалноста на современието. 

Стара помија со троа нови зачини

Историската перспектива за ова минато секако ќе ги нотира наведените негативности, но исто така ќе биде достоинствена во идентификација на позитивните аспекти. Дека напуштањето на концептот на човекови права од страна на САД е делумно резултат на периодичната изолација, но и резултат на успехот во промоцијата и прифаќањето на демократијата како политички систем од огромното мнозинство земји. Дека забеганоста на генерацијата 1981 во грабање и профитирање од борбата за независнот на Косово и права на Албанците не може да целосно ја избрише некогашната заслуга за изборените промени. Дека потчинетоста на Скопскиот отсек на Белградската придонесе кон мирниот трансфер на независноста и добивањето држава како историски стремеж.   

Но сето наведено е помалку реминисценција за минатото, колку што е илустрација за денешницата во која се прекршуваат епилози на три и пол децениски процеси и непознаницата која ја создаваат за денешните и идни потомства. Болниот аспект на оваа наша закоченост сред раскрница не е во крајот и крахот на овие историски етапи, колку што е во евидентната лакомост на сегашната генерација политичари, кои во недостаток на конкретна визија и лидерска искреност се обидуваат да ни ја сервираат старата помија со троа нови зачини. Притоа создавајќи повеќе штета, отколку корист. 

Гребење и чекање

Деградацијата на постетничкото во негативна манипулација е засега евидентна за Албанците, кои во партизацијата на постетничкото ги препознаваат контурите на минатите национални дискриминации маскирани во делегирани албански куфер-носачи на македонските политичари. Кои, да беа троа поискрени, ќе промислеа барем за час за последиците на фаворизирањето на лојалноста на делегираните куфер-носачи на грб на лојалноста кон законите, кон партијата која го храни наместо државата која треба да ја брани, со што наместо создавање амбиент за постетнички процут на вредности, упорно придонесуваат кон создавање амбиент во кој постетничкото општество се субституира со сегашното владеење на меѓуетнички државни мафии и постетничка анархична дистопија. Состојба, во која квалитетот на избор на претставници е толку нарушен што буквално секој може да биде избран на функција, единствено доколку е подготвен  – како глушец во лотарија – да се гребе од партијата и кротко да чека на ред да добие Бинго! 

Македонците подготвено ќе кажат - големо гајле за Албанците! Но скраја желбата да „кршат глава”, нема да помине долго време пред блискиот камен го почувствуваат по своја глава. Бидејќи, доколку смогнат сили да го надминат читањето на претходниот параграф според етнички дискурс, сосема набргу ќе можат да го увидат болниот етички симптом од кој и самите ќе заболат. И тогаш, можеби тогаш, ќе увидат дека дискриминацијата наменета за други низ октроирана претставителност набргу прераснува во општ тренд на сеопшта непретставителност. И дека токму тој момент на непретставителност е првичниот грев од кој произлегуваат другите зла кои заеднички нѐ истоштуваат – криминалот, корупцијата, непотизмот, клиентелизмот. Можеби тогаш и Македонците, час подоцна по Албанците и ДУИ, ќе разберат дека токму неприкосновената доминација на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е најконкретната илустрација за заробената претставителност во сопствениот етнички атар.

Во борбата за вистинска претставителност веќе не можеме да очекуваме промена од Западот, ниту да се надеваме на ислужените '81 првоборци на Албанството, десничарските антиквизатори и левичарските фолкери на Македонството. При таква состојба и кастинг, изборите се политички карусел низ кој ислужените нарации и политичари се уриваат самите себе, но не и инструмент кој може да промовира вистински иновации и исчекори. За такви промена гласноста на гладот е побитна од гласањето за сервираното.  

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач