1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ - Ничијата земја е опустошена

З. Илиќ / Б. Георгиевски10 февруари 2014

Вниманието на медиумите на германски јазик повторно е насочено кон БиХ. Речиси сите весници пишуваат за демонстрациите, нагласувајќи дека не станува збор за етнички, туку за социјални немири.

https://p.dw.com/p/1B69M
Фотографија: klix.ba

„Ова не се етнички, туку социјални експлозии кои ја потресуваат БиХ. Поради тоа, не изненадува што протестите започнаа токму во Тузла, град чии жители во времето на поранешна Југославија живееја од својата индустрија, но во кој последниве години се затворија голем број индустриски погони“, оценува Франкфуртер алгемајне цајтунг. Весникот смета дека БиХ е заробена во владеењето на партии кои ограбуваат. „Сепак, сѐ помалку има што да се ограбува, затоа што БиХ е пред банкрот. Ничијата земја е опустошена“, наведува ФАЦ. „Нема ниту една партија која би била подготвена да престане со злоупотреби, а и кога би се нашла, таа би била спречена од другите. Распределбата на власта во БиХ е заплеткана и премногу комплицирана поради етничките квоти, поради што ниту една партија нема доволно моќ да спроведе темелни реформи. Поради тоа, последните немири упатуваат и на зрак на надеж“, заклучува ФАЦ.

Незадоволство таложено со години

„Оган на очајот“, гласи насловот на текстот во Зидојче цајтунг. „Демонстрациите се резултат на незадоволството кое се напластува со години“, оценува Зидојче, наведувајќи дека се работи за „мала балканска земја која е многу сиромашна, а поседува владејачка гарнитура во која има повеќе од 160 министри“. Според весникот, ЕУ придонела кон тоа да се спречат реформите во БиХ. ЗЦ потсетува дека неколку европски држави - Германија и Франција, како и Европската комисија, сакаа домашните политичари да ја преземат обврската за државата и да се намали одговорноста на Канцеларијата на високиот претставник. „Берлин и Париз сакаа да ја укинат Канцеларијата. Кога Вашингтон и Лондон тоа го одбија, германските дипломати почнаа да вршат притисок Канцеларијата да се намали и да бидат намалени нејзините овластувања. Па така, германскиот и францускиот амбасадор му забранија на Високиот претставник да менува високорангирани политичари или да наметнува закони. Германската влада, во соработка со другите влади, ја спроведе одлуката за прекин на работата на полициската мисија на ЕУ во БиХ и го намали обемот на заштитните трупи на ЕУФОР“. Па сепак, концептот на локална самоодговорност се урна спроти реалноста. Бидејќи ни бошњачките, ни српските, ни хрватските политичари не сакаа да спроведуваат реформи. „Босанските политичари видоа дека во Хрватска, на патот кон ЕУ, дури и самиот премиер поради корупција заврши во затвор“, вели еден високо рангиран дипломат во Сараево. „Ниту еден политичар тука не сака реформи, кои можеби ќе ја подготват земјата за ЕУ, но ќе го загрозат него самиот“. САД, Велика Британија и Холандија сакаат да престанат со политиката на немешање, која се покажа неуспешна и да ги сменат оние кои ги кочат реформите како Додик. Но, тоа го спречуваат Германија, Италија и Франција. Во Сараево многумина се надеваат дека ќе дојде до промена на курсот во Берлин и имаат големи надежи во новиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер.

Proteste gegen die Regierung in Bosnien 09.02.2014
Фотографија: klix.ba
Unruhe in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: klix.ba

Неетничка мобилизација на населението

„Ова е веќе вторпат во само неколку месеци во БиХ да се случува неетничка мобилизација“, анализира швајцарскиот Нојер Цирхер Цајтунг. „Политичките елити во некои делови од земјата и медиумите, кои им се ним покорни, веднаш ја извадија 'етничката карта'. Тие шират страв од мајоризација или се закануваат со сецесија. Благодарение на ваквиот начин на владеење, политичките касти се одржаа на власт по војната“, пишува НЦЦ.

Австрискиот Ди Пресе заклучува дека станува збор за „босански бран на демонстрации против корумпираните политичари“. „Долго елитите профитираа од состојбата на неизвесност во земјата и стравот од поранешните воени противници. Сега луѓето се разбудија. И покрај сопствената одговорност за проблемите, политичарите од бошњачка, хрватска или српска националност во изминатите две децении постојано се обидуваа да го пренасочат бесот на населението кон другите етнички групи. Моќен сојузник во тоа им беше стравот, кој националистичките политичари целно го ширеа. Предрасудите кон другите етнички групи сѐ уште постојат, но протестите покажуваат дека нешто се менува. Бесот кој дојде до израз во Тузла и Сараево не е насочен кон обичните луѓе во Бања Лука или другите градови во Република Српска, туку кон сопствените политичари“, заклучува Ди Пресе.