1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богојески: Мијалков со „нападите“ му помага на Мицкоски

24 јули 2020

За да добиеме лидер, прво треба да ја ‘национализираме’ компанијата ВМРО-ДПМНЕ која е во сопственост на Груевски и Мијалков, па после да зборуваме за реформирање, вели Петар Богојески

https://p.dw.com/p/3fqg0
Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фотографија: DW/P. Stojanov

Пред три години заедно со група истомисленици Петар Богојески беше дел од Внатрепартиската иницијатива за реформи на ВМРО- ДПМНЕ. Таа иницијатива ниту почна, ниту заврши со реформи, бидејќи нејзините претставници многу брзо беа маргинализирани или разрешени. Три години подоцна, ВМРО-ДПМНЕ највува измени на партискиот статут, претставувајќи ги како „револуционерни, во насока на поголема демократија". Со измените се овозможува и примена на начелото на непосредна демократија, односно, партијата е должна да им овозможи на сите кои се релевантна група на истомисленици да го искажат своето мислење, а врз основа на тоа да се донесе партиски став кој во иднина ќе се применува од сите членови.

ДВ: Доколку вакво начело функционираше порано, дали вие како иницијатори за реформи ќе можевте барем нешто да смените во партијата?

Богојески: Јавноста мора да знае дека не станува збор за никаква суштинска демократизација, туку за обид на господин Груевски и господин Мицкоски со наводни реформи да спречат расформирање на ВМРО-ДПМНЕ и да изведат наводна реформска агенда за продолжување на мандатот на претседателот на партијата. Ако веќе зборуваме за агендата на Внатрепартиската иницијатива за реформи на ВМРО ДПМНЕ, тоа беше многу сериозна понуда, која опфаќаше три фази: промена на акти, кадри и политики! До овој момент, освен глума за наводни ‘реформирања' по стоти и неуспешен пат од екипата на Мицкоски, ништо суштински не е спроведено! Во новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ не се имплементирани ниту 50% од предлозите на Внатрепартиската иницијатива за реформи на ВМРО ДПМНЕ, а изборот на лидерот и раководните органи е повторно строго контролиран процес по волјата на самиот  лидер. Дури и локалните тела на партијата повторно ги аминува лидерот. Нема ништо суштински различно од она што беше претходна пракса. Воведувањето на дополнителни органи на партијата не е демократизација самото по себе! Штом истите се назначуваат од лидерот, може да се именуваат колку сакате органи и тела. 

Petar Bogojevski VMRO DPMNE Reformpolitiker aus Mazedonien
Петар БогојевскиФотографија: Privat

Доколку се направеше суштинска демократизација на партијата пред две или три години, и доколку реизборот на партиските органи се одвиваше по одредбите на новиот статут, ќе се овозможеше процес на внатрепартиска консолидација и обединување на сите активисти, со што успехот на сите избори кои поминаа ќе беше загарантиран. Сега ситуацијата е ‘по свадба-тапани'! Откако се изгубени сите битки и откако започна процесот на расформирање, доцна е за ваков процес на ‘реформирање'! Сега е време за друго. Сега е време за трансформација на ВМРО-ДПМНЕ во Унија на различни блокови, во која ќе постои демократски натпревар, а блокот кој моментално би ја раководел партијата, да има недвосмислена поддршка за време на избори, од сите останати. Во спротивно овој процес на расформирање нема да биде запрен и ќе резултира со целосен распад на партијата. Често напоменував дека господин Мицкоски е лидер на советскиот блок, кој поддржан од полициското - бизнис лоби, ја управува партијата. Но каде е тука каузалното крило, каде е европското крило? За да се победи на следните избори, ќе мора да се изврши длабока реорганизација и опозициско прераспределување на политичката сцена, во спротивно повторно ќе победи владејачката коалиција. 

ДВ: Сметате дека е доцна за реформи. Но, дури и со задоцнување подобро е тие сепак да започнат, отколку никогаш да не се случат.

Пред точно 3 години повикавме на реформирање, за да спречиме расформирање на ВМРО ДПМНЕ! Кажавме дека ако не се реформираме по брза постапка, ќе ги изгубиме сите избори и на крај ќе се распаднеме! За жал, тоа и се случи. Изгубени се сите избори со ред. Сега е веќе започнат процес на расформирање на партијата.

Повеќе на темата:

-Обединување под нови постулати

-Играчите, резултатите и тренерот на ВМРО-ДПМНЕ

-Груевски за ФАЦ: Не се враќам во политиката

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Фотографија: Petr Stojanovski

Има само една можност тој процес да биде запрен, а тоа е реорганизарање на ВМРО-ДПМНЕ во јадро, околу кое ќе се обедини целокупната опозиција во земјава. За тимот на господин Мицкоски, возот е веќе поминат! За секоја работа во светот си има време и место. За успешно реформирање на ВМРО-ДПМНЕ, времето и местото беше пред три години. После сите загуби, после неуспехот на сите избори, како резултат на отпорот против реформите, сега е доцна за тој процес. Односно, тој процес и да е реален, не е доволен! Сега е време за целосно различен, подлабок, подрастичен процес на реорганизирање, со цел да се запре започнатото расформирање. Тој процес на реорганизирање мора да биде отворен за сите опозициски групи, со цел создавање на цврста Унија помеѓу сите нас, кои сметаме дека треба опозициски да се делува и да се создаде алтернатива на старо-новата владејачка коалиција. 

ДВ: На Фејсбук напишавте дека Мицкоски ги исполнил сите задачи што ги добил од Груевски, Мијалков и Протогер. Ако е така, тогаш на што се должат критиките од Мијалков до раководството на ВМРО-ДПМНЕ?

-Тоа е продолжување на она наивно сценарио со наводното ‘исклучување' на господин Мијалков од партијата. Навистина е наивно да се продолжи со тоа сценарио во кое никој не поверува со години наназад. Обидот е да се создаде впечаток дека господин Мицкоски е реформаторот, а против него се сите поранешни функционери на Груевски. Тоа е ноторна лага! Нападите од господин Мијалков само му помагаат на господин Мицкоски да се задржи на позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку сакаат да го заменат од таа позиција, тогаш без многу јавност и со блиц криг акција, сопствениците на партијата ќе донесат одлука за промена на извршниот директор, наречен претседател. Гледаме дека тоа не се случува, туку обратно, се прават сите обиди за негово опстојување. Тоа е така, бидејќи господин Мицкоски ревносно ги исполни сите задачи кои ги доби од господата Груевски, Мијалков и Протугер! Целта беше да се спречи правдата, да се спасат криминалците, да се уништи СЈО, да се замени името Македонија за личната слобода на малкумина, а не да се реформира ВМРО-ДПМНЕ и да се победи на избори! 

ДВ: Дали партијата и сега е приватизирана исто како во мандатот на Груевски?

-Не ме разбирате, не станува збор за никаква нова ‘приватизација' на партијата. Тој процес во ВМРО-ДПМНЕ заврши во 2010 година, со решенијата на Битолскиот конгрес! Од тогаш, партијата има двајца сопственици - господин Мијалков и господин Груевски и еден советник, господин Протугер. Се друго е ирелевантно! Што е битно кој ќе биде извршен директор на приватната компанија ВМРО-ДПМНЕ? Ако господин Мицкоски не се покажа за доволно добар менаџер, ќе го заменат со нов, без разлика дали ќе се вика Никола, Александар, Мујо или Хасо! Суштинска промена, вистинска реформа на ВМРО-ДПМНЕ е да ја промениме сопственичката структура, а не да заменуваме службеници! После Груевски, лидерите ќе бидат само службеници, а не лидери! За да добиеме лидер, прво треба да ја ‘национализираме' компанијата ВМРО-ДПМНЕ, да ја вратиме во рацете на Македонија, па после да зборуваме за процес на реформирање! Сега е отворен простор за реорганизација на опозицијата во земјава. Комплетниот пораз на Обновата на бандитизмот - обидот за реставрација на груевизмот, за што огромна заслуга има и граѓанскиот активизам обединет околу платформата Македонски концепт, докажа дека со политики од минатите векови не можеме во иднината! Потрошивме милиони зборови, напишавме илјадници страници, понудивме многукратно поквалитетни решенија, но партијата остана на она што ја уништи, а тоа е антиевропски курс, смешен квазипатриотизам, политики ‘купи ден продади', со еден збор - целосно промашена доктрина! ВМРО- ДПМНЕ водено од криминалните палатисти, застана наспроти Македонската Кауза! Реформирање на политиките ќе биде констатирано во оној момент кога ќе се реафирмира идеалот на Илинден и Републиката, за граѓанска држава и граѓанска нација, каде сите ние сме Македонци, за просперитетна македонска држава. Тоа е македонската Кауза!