1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170610 Entschädigungsfonds BP

17 јуни 2010

Британскиот нафтен концерн „Бритиш петролеум“ ќе стави на располагање 20 милијарди долари за санирање на штетите што ги предизвика катастрофата на неговата нафтена платформа во Мексиканскиот залив.

https://p.dw.com/p/NsvD
Раководството на „Бритиш петролеум“ по средбата со Барак ОбамаФотографија: AP

Ова е првата добра вест од почетокот на нафтената катастрофа во Мексиканскиот залив, што американскиот претседател Барак Обама можеше да им ја соопшти на своите сограѓани. По тричасовниот разговор со шефовите на „Бритиш петролеум“ во Белата куќа, Обама видно расположен се појави пред претставниците на седмата сила:

„’Бритиш петролеум’ се согласи да издвои 20 милијарди долари за да ги покрие штетите што произлегоа од истекувањето на нафтата“, изјави Обама, додавајќи дека тоа не е горната граница на средствата за обесштетување, бидејќи моментно никој не може да ја процени вкупната штета од нафтената катастрофа. Обама уште појасни дека овие средства не ги спречуваат индивидуалните тужби на погодените, како и на американските сојузни држави кои се соочени со најголеми штети. Според најавите на Обама, “Бритиш петролеум“ ќе стави на располагање дополнителни 100 милиони долари за помош на вработените на неговите нафтени платформи во Мексиканскиот залив, кои моментално не работат поради катастрофата на платформата „Дипвотер хорајзoн“. Американската влада имено го забрани нивното работење за најмалку шест месеци.

Barack Obama Rede an die Nation
Американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: AP

Борба со времето

Шефот на Надзорниот одбор на „Бритиш петролеум“, Сванберг, објави уште една важна одлука на концернот: „Нема да исплаќаме натамошни дивиденди годинава...“

Сванберг посочи дека концернот се обидува да оствари две клучни цели: да го сопре натамошното излевање на нафта во Мексиканскиот залив и да обезбеди погодените што е можно побрзо да дојдат до обесштетувањето.

Ölpest Golf von Mexiko
Ќе успеат ли да го спречат истекувањето на нафтата? Претставници на „Бритиш петролеум“ во Мексиканскиот заливФотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама како раководител на фондот за обесштетување го именува искусниот Кенет Фајнберг, кој истата функција ја извршуваше и во фондот за обесштетување на жртвите од терористичките напади на 11 септември.

За рибарите од Мексиканскиот залив меѓутоа сега се важни само две работи: прво, кога конкретно ќе пристигнат првите средства од фондот за обесштетување за да им ја спасат загрозената егзистенција и второ, дали ќе се оствари прогнозата на Обама и на „Бритиш петролеум“ дека до крајот на месецов експертите ќе успеат навистина да испумпуваат 90% од нафтата што истекува од дното на Мексиканскиот залив.

Автор: Ралф Зина/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска