1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Бундестаг: Признание за работата на Дојче веле

21 април 2018

Во дебатата за Дојче веле во Бундестагот, бројни пратеници изразија пофалби за „сериозното новинарство наспроти Fake News"

https://p.dw.com/p/2wR9d
Deutschland Bundestag Plenum
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Партијата Алтернатива за Германија сака промена на законската основа за работата на Дојче веле, германскиот сервис кој емитува програма за странство, за што достави и свој законски предлог во Бундестагот. АфД-политичарот Томас Ерхорн, чија специјалност е културната политика, во воведното излагање зборуваше за „пропагандни медиуми во рацете на владејачката политичка класа“, кои „неретко се инструмент на власта“ против граѓаните.

Секој режим „сѐ уште презема обиди за воспоставување што е можно посеопфатна контрола“, изјави Ерхорн, кој го критикуваше генералниот директор на Дојче веле, Петер Лимбург, за тоа што во вредностите кои медиумот сака да ги транспортира, на прво место стои „толеранцијата“. Притоа, се работи за „толерирање на сѐ и секого, од средновековните претстави за верата“ па до раскажување „бомбастични мулти-култи приказни.“

Bundestag Debatte Deutsche Welle Ehrhorn AfD
Томас Ерхорн, АфДФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Дојче веле „позначајно од кога било досега“

Политичарите задолжени за областа на културата од другите партии категорично ги отфрлија интенциите, истакнувајќи го значењето на Дојче веле посебно во политички немирно време, во кое зачестено и во меѓународни рамки се врши влијание врз политиката преку лажни вести. Елизабет Мочман од ЦДУ го смета за евтин виц тоа што токму АфД се претставува за „рицарски заштитник на слободата на мислење и новинарската независност“. Таа му се заблагодари на Дојче веле за „вистински значајната работа“, за ширењето на „вредностите на слободарска демократија“ и во „немирниот свет е позначајно од кога било досега“.

Мочман укажа на ограничувањата на слободата на медиумите во светски рамки: само 13 проценти од луѓето во светот „можат да користат слободни медиуми“. Авторитарни држави како Кина, Русија или Иран ги опремуваат и „вооружуваат“ своите медиумски сервиси кои емитуваат програма во странство. Од таа причина, Бундестагот „има добра причина натамошно да го јакне Дојче веле“ и да го зголеми неговиот буџет. Изминатите пет години политичарката од ЦДУ ги оцени како „успешна приказна на многу добар курс“. Бројот корисници на ДВ од 101 милион нарасна на 157 милиони неделно, во 27 од вкупно 30 јазици на кои што ДВ емитува програма, веќе спаѓа во „првите три светски сервиси за странство.“

Deutschland Gebäude Deutsche Welle in Bonn
Зградата на Доје веле во БонФотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

„Јакнење на толеранцијата“

И Томас Хакер од ФДП го истакна ангажманот на Дојче веле за „слобода, демократија и правна држава“, споменувајќи ја посебно ТВ-програмата на арапски јазик и емисијата „Шабаб“, која се залага за толеранција кон другите начини на живот. Секој кој во Аман, Рабат или Бејрут е политички заинтересиран, се информира преку Дојче веле, истакна политичарот од ФДП. Тој ги поддржа и плановите за ТВ-програма на турски јазик на ДВ, затоа што „под претседателот Ердоган печатот и слободата на мислење се газени со нозе“.

СПД-политичарот Мартин Рабанус изјави: „Факти наместо лажни вести, тоа е ориентацијата на Дојче веле.“ Тој ги цитираше анкетите, според кои 96 проценти од корисниците тврдат дека Дојче веле има екстремно висока веродостојност. И неговата партија пледира за засилување на Дојче веле, со што куќата би можела да биде на исто рамниште со сродните медиумски куќи во Франција и Велика Британија. „Сакаме сопствена гобална медиумска куќа, а таа емитува факти наместо Fake News, независно, иновативно, вредносно втемелени и со срце.“

„Силен глас на демократска Германија“

Дорис Ахелвилм од пратеничката група на Левицата укажа на бројните разговори водени со луѓе од странско потекло: „За нив ДВ е неопходен извор на објективни информации“. Нејзината партија го смета за исправно проширувањето на понудата, во спротивно медиумската куќа би заостанала зад своите можности. Истовремено, таа се заложи за промени во законот за Дојче веле во делот на застапеноста на жените во контролните и управните тела, кои сега претставуваат „машки клубови“, и во засновањето редовен работен однос со поголем број хонорарни соработници.

И Маргит Штумп од Зелените истакна дека Дојче веле треба да остане „силен глас на демократска и слободарска Германија“.

Натамошна расправа

Bundestag Debatte Deutsche Welle Limbourg
Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, ја следи расправата во БундестаготФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Во суштина, законскиот предлог на АфД предлага промена во составот на надзорните тела на Дојче веле. Според него, германската влада, која сега во Советот има тројца претставници од вкупно 17 членови, не би требало веќе да биде застапена во тоа тело. Наспроти тоа, бројот на претствниците на Бундестагот би требало од двајца да се зголеми на тројца, бара АфД. Партијата притоа се повикува на одлука на Уставниот суд од 2014 година во врска со радиодифузерите во Германија кои се финансираат со радиодифузна такса.

Пратениците од другите партии, кои оценија дека АфД со својот предлог сака да оствари влијание во Дојче веле, го критикуваат ваквото барање. Дојче веле не се финансира од радиодифузна такса, туку од пари од даночните обврзници, потенцираше Мочман, додавајќи дека ДВ емитува за странство, а не во Германија, што е сосема различно.

Пленумот на Бундестагот го проследи предлог-законот на АфД на натмошна расправа во комисиите на парламентот. Водечка улога има Комисијата за култура. Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург и програмската директорка на ДВ, Герда Мојер, ја следеа дебатата од трибината за гости во Бундестагот. „Нѐ радува големата поддршка од речиси сите пратенички групи“, рече Лимбург на крајот на 50-минутната расправа. Според него, во дебатата постојано било потенцирано какво значење во денешно време има слободата на печат и на мислење. Тие се значајни аспекти во работата на Дојче веле, потенцира Лимбург.