1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ван Ромпој патува во Скопје со иста порака!

13 октомври 2010

Претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпој ќе ја посети Македонија идната недела во рамките на втората балканска турнеја. На средбите со македонскиот политички врв ќе стане збор за претстојниот извештај на ЕК.

https://p.dw.com/p/PdM3
Херман ван РомпојФотографија: AP

Откако првиот пат Херман ван Ромпој ја одмина Македонија, овојпат европскиот претседател в среда (20.10.10) во Скопје ќе разговара со македонскиот државен врв. Пораките на Европската унија, кои тој ги носи, се јасни и недвосмислени - без решение за спорот со името, нема напредок за државата. Брисел нема намера да се вклучи во решавањето на спорот, повторуваат дипломатите задолжени за Македонија во ЕУ. Македонија мора да има доволно зрелост и достоинство да го реши проблемот сама, сметаат тие.

Претстојниот извештај на ЕК - тема на средбите во Скопје

На средбите со Ван Ромпој ќе стане збор за претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, напредок кој оваа година е оквалификуван како „нееднаков“ во Брисел. Законот за антидискриминација, законот за води, законот за енергетика, закон за следење на комуникациите, закочениот политички дијалог летово, огромната невработеност, неповолната бизнис клима, се само дел од негативните точки кои Брисел ги наброи годинава. Нападите на членови на ВМРО ДПМНЕ против евроамбасадорот Ерван Фуере исто така оставија лош впечаток во ЕУ, велат дипломатите.

Извештајот е веќе напишан и затворен. Тој не може веќе да се модифицира до неговото објавување, освен во случај на исклучително важен развој на настаните, како што би бил донесувањето на законот за енергетика. Закон кој, да потсетиме, беше долго време уште еден камен на сопнување помеѓу Скопје, Виена и Брисел. Откако сите страни постигнаа компромис, нејасно е зошто македонската страна се’ уште не го усвоила, се прашуваат во Брисел.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска