1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во 2009-та година стопанска рецесија во Германија

Зоран Јордановски12 ноември 2008

Советот од истакнати економски експерти во Германија предупредува дека подемот на германското стопанство, во наредната година целосно ќе запре. Државата мора соодветно да одговори на заканата, порачуваат експертите.

https://p.dw.com/p/Ft4c
Канцеларката Меркел и Берт Рируп, шеф на експертското тело со пет членови, кои во Германија ги нарекуваат и „Петте мудреци“Фотографија: AP

За надминување на рецесијата на германското стопанство во наредната година е нужна пообемна инвестициона програма, па е прифатливо и ново задолжување на државата за подршка на стопанството. Ова се оценки и совети од петтемина економски мудреци - така во Германија го означуваат Советот од еминентни економски експерти, кој по налог на сојузната влада прави анализи на стопанските текови. Мудреците денеска и’ ја врачија својата есенска анализа на Ангела Меркел.

Со падот на економијата ќе се зголеми невработеноста

„Мораме да одговориме на маркантниот пад на стопанскиот пораст“, рече шефот на петчленото експертско тело Бернд Рируп при предавањето на анализата на канцеларката Меркел. За поттикнување на стопанството државата мора повеќе да вложува во инфраструктурата и образованието. Поради настапувачката рецесија, за Советот на мудреците е прифатливо „ако во наредната година бидат проширени јавните нето-инвестиции, а тоа биде финансирано со повисок буџетски дефицит“.

Arbeitsamt: neue Arbeitslosenzahlen durch die Bundesanstalt für Arbeit
Наредната година ќе има поголеми редици пред Службата за вработување во ГерманијаФотографија: AP

Последица на застојот кај стопанскиот пораст ќе биде зголемена невработеност за 35 илјади на годишно ниво и во просек 3,3 милиони луѓе ќе бидат без работа. Но, нема никаква причина за запаѓање во депресија, вели Рируп. Советниците на владата критички гледаат на штотуку договорениот конјунктурен пакет, кој содржи и ослободување од плаќање данок на две години за новонабавени автомобили. Едностраната помош за толку голема бранша, како што е автомобилската индустрија, предизвикува реакции во другите делови на стопанството, па веќе слична помош бараат и шпедитерите, градежната индустрија, производителите на авиони, трговијата и концерните за производство на чипови.

Потребни се построги правила за финансискиот сектор

Петтемина експерти проценуваат дека годинава ќе биде остварен стопански пораст од 1,7 проценти, а догодина стопанството ќе тапка в место. Според нивната дефиниција, мора да се зборува за рецесија, бидејќи падот ќе биде толку голем. Владата, инаку, се надева дека и покрај кризата, стопанството сепак догодина ќе забележи минимален пораст од 0,2 насто.

BdT Deutsche Börse DAX
Активноста на берзите треба подобро да се контролираФотографија: AP

Економистите и’ оддаваат признание на владата на Ангела Меркел за мерките од пакетот за помош на банките, со забелешка дека е потребен подобар концепт за специјалниот фонд, кој решава за распределбата на милијардите евра наменети за банките. Тие гледаат опасност државниот фонд, кој дејствува под закрила на Сојузната емисиона банка, премногу силно и предолго да се меша во дневните бизниси на финансиските концерни. По смирувањето на пазарите државата мора повторно да се повлече, сметаат експертите.

Поради грешките во надзорот на банките, и државата носи вина за финансиската криза. Ако сега не бидат навистина поставени построги правила, „голема е веројатноста актерите на финансиските пазари повторно да се ангажираат во премногу ризични зделки“, оценуваат економските мудреци. Тие со скепса гледаат на претстојниот Светски финансиски самит во Вашингтон. „Нема да биде доволно да се организира голема меѓународна конференција, на која би била востановена повторно некаква нова консултативна институција“, се вели во извештајот на експертите, кој носи наслов „Да се совлада кризата - да се јакнат силите на стопанскиот пораст“.