1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Вонредна состојба во Келн: доаѓаат „Делиите“!

БГ
28 септември 2017

Во Келн од вчера владее речиси вонредна состојба поради доаѓањето на околу 5.000 навивачи на фудбалскиот клуб Црвена Ѕвезда од Белград. Во текот на ноќта се уапсени 8 навивачи, меѓу нив и озлогласениот Иван Богданов

https://p.dw.com/p/2krVP
Serbien Krawalle beim Fußballspiel FK Roter Stern Belgrad - FK Partizan Belgrad
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Келнската полиција ангажираше повеќе од 2.000 полицајци, и дополнителна опрема и водени топови во очекување на навивачите на ФК Црвена Ѕвезда од Белград. Црвена Ѕвезда вечерва му гостува на Келн во рамките на групната фаза од фудбалската Лига Европа. Но, стравот од инциденти е голем, особено поради „лошиот глас“ кој ги бие популарните „Делии“, но и навивачите на Келн кои не се познати како многу мирољубиви. Во текот на ноќта биле уапсени осум навивачи на Црвена Ѕвезда во апартман во центарот на Келн. Меѓу нив и, како што го нарекуваат германските медиуми, еден од најозлогласените европски хулигани Иван Богданов познат под прекарот „Иван Грозни“. Богданов стана познат по прекинот на мечот од квалификациите за Европското првенство во 2010 година меѓу Италија и Србија кој требаше да се игра во Ѓенова.
Полицијата апсењето го објасни како „превентивна мерка“, но во попладнево судот во Келн ги ослободи навивачите.
Дополнителен проблем за полицијата е најавата на навивачите на Ц. Ѕвезда кои планираат да маршираат од центарот на градот до стадионот на Келн во текот на попладневните часови. Тоа би можело да предизвика контра-реакција кај навивачите на Келн. Полицијата проценува дека во двете групи има најмалку 500 навивачи подготвени на насилство.
Двата клуба и нивните навивачи имаат и предисторија. До физички пресметки меѓу навивачите дојде на стадионот во Келн.
Пред 27 години двата клуба се сретнаа во осминафиналето на тогашниот Куп Уефа. Ц. Ѕвезда победи во првиот меч во Белград со 2:0, но во реваншот Келн успеа да обезбеди пласман понатаму благодарение на победата од 3:0. Во дата тима тогаш настапуваа голем број репрезентативци и фудбалски ѕвезди. На голот на Келн беше Бодо Илгнер, а на средината на теренот Томас Хеслер и Пјер Литбарски. Тимот на Ц. Ѕвезда го предводеа Драган Стојковиќ, Дејан Савичевиќ и Роберт Просинечки, а во тимот беа и македонските интернационалци Драган Канатларовски и Илија Најдоски.

Serbien Fußball Krawalle
Иван Богданов синоќа беше уапсен од полицијата во Келн, а во меѓувреме е ослободенФотографија: AP

Германскиот печат со внимание ја следи атмосферата пред мечот, а најмногу внимание се посветува на „педигрето“ на белградските навивачи. Келнскиот Штат Ајнцајгер пишува дека „водачите на српските хулигански групи најчесто и се познати на полицијата и често се поврзани со нарко-мафијата, но никогаш не се осудувани на долги затворски казни. Политичарите и високите државни службеници, како нивни заштитници, седат во управите на големите клубови и ги запираат акциите на правосудството“. 

FC Arsenal  - 1. FC Köln Fans Wilde Horde Ultras
Навивачите на Келн минатата недела предизвикаа серија инциденти во Лондон, пред мечот со АрсеналФотографија: picture-alliance/AP/K. Wigglesworth

Нојес Дојчланд уште во насловот на текстот најавува „Водените топови се подготвени“.
„Насилството на фудбалските навивачи во Србија од 1990-те години има долга и тажна традиција. Уште во времето на починатиот автократ Слободан Милошевиќ, заинтересираните политичари и господари на војната ги инструментализираа фудбалските насилници: од хулиганите на Црвена Ѕвезда, воениот злосторник Жељко Ражњатовиќ Аркан регрутираше припадници на својата озлогласена паравојска“.