1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Германија: 80 години од почетокот на депортациите на Евреите

Фолкер Витинг
19 октомври 2021

Сеќавање на нацистичките транспорти на смртта: Пред 80 години првите германски Евреи биле депортирани во смрт од перонот 17 во Берлин. „Такво нешто никогаш не смее да се повтори“, предупреди германскиот претседател.

https://p.dw.com/p/41qQL
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајмајер и неговата сопруга Елке Биденбендер положија цвеке на споменикот на перонот 17
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајмајер и неговата сопруга Елке Биденбендер положија цвеке на споменикот на перонот 17Фотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

На овој сончев есенски ден, Франк-Валтер Штајнмаер полага бела роза на перонот 17 во Берлин. За надеж и против заборав на милионите жртви од нацистичкото злосторничко владеење. Пред точно 80 години, нацистите ги депортираа првите Евреи од таа железничка станица во Берлин-Груневалд во неизвесност, обесправување, страдање и смрт.

Веќе една деценија, на секој 18 октомври на перонот 17 им се оддава почит на жртвите: „За да не бидат конечно заборавени, за да се запамети нивната судбина, страдањата и смртта на жртвите, како и злосторствата на џелатите и нивните помошници, имаме време и места за тоа, како овој ден денеска и ова место овде “, порача германскиот претседател.

Франц и Петра Михалски седат во првиот ред, облечени целосно во црно. Тие со години наназад не го пропуштаат овој спомен ден. Тие се почесни гости, современи сведоци, жртви на Шоа. „На овој ден мислиме на пријателите и роднините. Луѓе кои ги знаевме, и оние кои успеаја да побегнат и оние кои беа депортирани. А, исто така, и на оние кои претходно извршија самоубиство", вели Петра Михалски. Таа зборува и во името на нејзиниот сопруг, 87-годишниот Франц Михалски, кој веќе не може да говори толку добро поради преживеаниот мозочен удар. Како момче, тој успеал да се сокрие од нацистички злосторници и избегнал сигурна смрт во последен момент.

Франц и Петра Михалски со германскиот претседател Штајнмајер
Франц и Петра Михалски со германскиот претседател ШтајнмајерФотографија: Volker Witting/DW

Во вагони за транспорт на говеда до концентрациониот логор

Систематското депортирање на Евреите од Германија на истокот на Европа започна во есента 1941 година, неколку месеци пред конференцијата Ванзе, на која педантно и ладнокрвно беше испланирано систематското убиство на Евреите.

Во официјалните документи на нацистите за депортациите, еуфемистички се говори за „преселени“, „евакуирани“ или „превезени“. Но во реалноста, луѓето беа превезени до смрт со возовите на железницата на германскиот Рајх, во гета, работни и концентрациони логори на нацистите. Отпрвин тие беа транспортирани со вагони на железницата, исфрлени од употреба; подоцна во целосно пренатрупани вагони за транспорт на говеда.

Првиот транспорт од Берлин ја напушти железничката станица Груневалд на 18 октомври 1941 година; од перонот 17, вкупно 1089 деца, жени и мажи беа депортирани во Лицманштат (полски: Лоѓ). До крајот на нацистичкиот терор, повеќе од 50.000 Евреи беа депортирани од три железнички станици во Берлин и станаа жртви на нацистичката злосторничка власт.

„Никогаш не смее да се повтори“

Тој е нешто како современа сведок-институција. Франц Михалски го преживеа холокаустот, со бегството од нацистите. Сѐ додека може, сака да известува за своите искуства. Во училишта, на конференции, на интервјуа. Дојче веле се сретна со брачната двојка во нивниот стан во Берлин-Фриденау. Сопругата Петра зборуваше во името на двајцата.

Во преполнети возови Евреите беа транспортирани во концентрациони логори- како овде во Аушвиц во 1944 година
Во преполнети возови Евреите беа транспортирани во концентрациони логори - како овде, во Аушвиц, во 1944 годинаФотографија: Yad Vashem Photo Archives

Франц Михалски е син на еврејска мајка и татко католик. Неговата мајка Лили конвертирала во католичката вера уште пред бракот. Но и покрај тоа, кога нивниот син Франц се роди во Бреслау (полски: Вроцлав) во 1934 година, тој - според циничната расна доктрина на нацистите - беше дете од „мешан брак“.

Семејството е богато. Меѓутоа, наскоро, тие зачестено стануваат жртви на дискриминација: на работа, во продавница, во градинка. И тогаш, точно на денот на десеттиот роденден на Франц Михалски, тајната нацистичка државна полиција (Гестапо) дошла пред вратата на нивниот дом, за да го уапси и депортира семејството. Но тие успеале да избегаат во последна минута. Тоа е почеток на долгата одисеја низ Чешка, Австрија, Саксонија до Берлин, која семејството ја преживеа со среќа и благодарение многу помагачи.

Тивките помагачи и херои

За време на интервјуто, Франц Михалски одеднаш брзо станува. Ја вади од полицата книгата која самиот ја напишал. За неговата приказна, неговиот опстанок: „Кога Гестапо заѕвони на вратата“. Тој брзо врти на 89-та страница. Многу поважно за него отколку да зборува за неговата книга е листата на оваа страница. Над неа пишува: „Моите тивки херои“. Шест имиња кои никогаш нема да ги заборави. Шест луѓе кои го спасија неговиот и животот и неговото семејство во бегство.

Меѓу нив е и Ерна Шарф, дадилката на Михалски. Понекогаш таа ги прима Франц и неговиот брат дома. Герда Мец, колешка на таткото на Михалски, тајно организира патувања за семејството. Полицаец им кажува дека Гестапо наскоро ќе упадне во нивниот стан. Благодарение на него, семејството Михалски навреме успеало да избега.

Франц и Петра Михалски- борци против заборавот
Франц и Петра Михалски - борци против заборавотФотографија: Volker Witting/DW

Во 2012 година Меморијалниот центар на холокаустот во Ерусалим, Јад Вашем, постхумно им оддаде признание на Ерна Шарф и Герда Мец како „Праведни меѓу народите“. За тоа се погрижи и Франц Михалски. „Не мора да имаш студирано. Мора да имаш топло срце. Мора да имаш човекољубие. И мора да бидеш мудар, тогаш можеш да им помогнеш на другите. Нашите помошници го направија тоа. Тоа е една од причините зошто едноставно треба да одиме до перонот 17 - за да им оддадеме почит на тивките помагачи“, вели Петра Михалски.

Да му се застане на патот на антисемитизмот

„Сакаме да му се спротивставиме на антисемитизмот“, велат Петра и Франц Михалски. А потоа раскажуваат за еден од нејзините внуци кој бил жртва на антисемитски напад пред четири години само поради неговата еврејска вера. Поради ваквите случаи, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на перонот 17 упати јасна опомена: „Антисемитизмот никогаш веќе не смее да има место во нашето општество. Никогаш повеќе антисемитистичкото размислување и дејствување не смеат да останат без спротивставување и јавни реакции".

Петра и Франци Михалски често слушале вакви или слични говори. И тие внимателно следеа како бројот на антисемитски напади се зголеми во последниве месеци и години. Со блага резигнираност, тие забележуваат: „Тоа (дискриминацијата и нацистичкиот терор) никогаш не треба да се повтори, во што ние меѓутоа не веруваме. Бидејќи, откако постои човештвото, тоа се случувало секогаш одново!"