1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е подготвена за место во Советот за безбедност на ОН

26 септември 2010

Германија е подготвена да преземе поголема одговорност, порача шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле во обраќањето пред Генералното Собрание на ОН, во обид да добие поддршка за место во Советот за безбедност.

https://p.dw.com/p/PMwW
Вестервеле во обраќањето пред Генералното собрание на ОНФотографија: AP

Вестервеле побара промени во структурата на Советот за безбедност, оценувајќи дека ОН повеќе не ја рефлектираат актуелната светска структура. Тој рече дека Германија сака место во Советот за безбедност со цел да работи во правец на „мир и развој“.

„Денешната светска архитектура не е отсликана во ситуација кога Африка и Латинска Америка не се постојано претставени во Советот за безбедност. Азија исто така, со право се чувствува недоволно претставена. Целиот континент, а не само одредени држави се развиваат со огромна брзина. Ние сериозно ги сфаќаме нашите партнерства, без разлика дали сме стари или нови. Германија е исто така подготвена да преземе поголема одговорност“, порача Вестервеле.

Германскиот министер ја потенцираше и улогата на неговата земја во голем број глобални проблеми.

„Германија е третиот најголем донатор за економски развој. Ја надминавме финансиската и економската криза, и сме на добар пат со нашиот робусен економски развој“.

Поддршка од Британија

Во моментов Германија се натпреварува со Канада и Португалија за ротирачкото место во Советот за безбедност, со двегодишен мандат. Одлуката ќе биде донесена во октомври, а на Берлин му се потребни две третини од гласовите на 192-те земји членки во Генералното собрание.

Британскиот вицепремиер Ник Клег, претходно изрази поддршка за германското барање, дополнувајќи дека и Јапонија, Индија, Бразил и еден африкански претставник, исто така треба да добијат постојано место во Советот.

Автор: БГ/ЖА/дв

Редактор: Жана Ацеска