1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Расте економијата, но и сиромаштијата

Бенџамин Најт
3 јуни 2017

Стапката на сиромаштија поставува нови рекорди во Германија и покрај тоа што БДП продолжува да расте. Хуманитарните организации бараат подобра редистрибуција, економистите не се согласуваат

https://p.dw.com/p/2YxVl
Deutschland Duisburg Stadtteil Marxloh
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Weihrauch

Неколку хуманитарни организации од Германија бараат „ригорозна промена на курсот“ на владините даночни и финансиски политики за борба против растечката сиромаштија.

Според извештајот именуван „Човековото достоинство е човеково право“, изработен од конзорциум на повеќе хуманитарни организации, стапката на сиромаштија во Германија достигнува ново, рекордно ниво од 15,7% во 2015.

Истовремено се забележува и раст на германскиот БДП за 1,7% во однос на претходната година, поради што организациите упатија барање до владата да преземе „одлучни мерки“ во политиката на пазарот на трудот, социјалните станови, образованието и проширувањето на опфатот на социјалните услуги.

„Економијата креира раст, но со години тој не стигнува до посиромашната популација“, изјави Ерика Биен, заменик претседател на една од организациите, која неодамна го презентираше извештајот во Берлин. „Затоа што тие немаат право на образование – и јас го имав истото искуство. Бев сиромашна, мојата мајка беше сиромашна и затоа ми беше потешко на училиште. Истиот проблем се повторува во последните 50 години“.

Решението за проблемот, според Биен, исто така не е променето: „Класови со помалку ученици во училиштата, вработување на повеќе наставници и обезбедување на поддршка за децата од посиромашните социјални групи“, изјави таа за ДВ.

Infografik Wirtschafts-und Armutsentwicklung englisch
Статистиката ги потврдува грижите за растот на сиромаштијата

Таа вели дека иако растот на брутодомашниот производ може да помогне за креирање на нови работни места, многу од тие работни места се толку лошо платени, што тие предизвикуваат натамошна ерозија на животниот стандард на средната класа. „Исто така, голем број работни позиции се дигитализираат, па така луѓето не се потребни повеќе“, изјави Биен. 

Дефинирање на сиромаштијата

Некои економисти не се согласуваат со ова и не веруваат дека сиромаштијата се зголемува. Кристоф Шредер, истражувач од Институтот за економски истражувања во Келн (ИВ) не се согласува со оценката од извештајот, особено затоа што скорешното зголемување на сиромаштијата се должи „главно на имиграцијата“.

„Од 2005 година, кога беше достигнато највисокото ниво на невработенст во последните десетина години, забележавме стабилност во стапката на сиромаштија“, изјави Шредер за ДВ. „Но доколку го оставите настрана факторот имиграција, речиси нема поместување во зголемувањето на стапката на сиромаштија“.

Многу зависи од тоа како е дефинирана сиромаштијата. Здружението за еднаквост заедно со германската Канцеларија за статистика, велат дека сиромашен е секој кој заработува 60% или помалку од просечниот приход во земјата. Како и да е, ИВ наведува дека ова е премногу тесна дефиниција, аргументирајќи дека треба да бидат земени предвид животните услови на луѓето. Просечната пресметка, според Шредер, е дека „се работи за релативен термин, едноставно за одредница. Ако секој забработува двојно повеќе, тогаш стапката за сиромаштија би била еднакво висока“.

„Секако, ако има висок процент на луѓе со релативно ниски приходи, тогаш тоа е социјален проблем кој треба да биде сфатен сериозно“, додава тој. „Но јас не би го ставал тоа во иста категорија како сиромаштијата. Секогаш постои прашањето: Што ги дефинира минималните животни стандарди - дали навистина е само соодносот со приходот?

Deutschland Obdachlosigkeit
Според Шнајдер, бездомниците често се изоставени од официјалната статистикаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

Релативна или апсолутна сиромаштија

Но Здружението за еднаквост го проблематизира она што неговиот раководител Улрих Шнајдер го нарекува обид „да се сведе сиромаштијата на мизерија“, фокусирајќи се единствено на недостатокот од основни средства како храна, облека и различни нешта кои ги дефинираат животните стандарди, како ТВ. Ова, според Шнајдер, се смета „за напад на инклузивното општество“.

„Сиромаштија е кога луѓето, поради недоволен приход, едноставно не може веќе да бидат дел од општеството... и се принудени да се повлечат, и де факто се маргинализирани...во суб или паралелни општества“, наведува Шнајдер.

Економските институти како ИВ исто така го критикуваат фактот дека одредени социјални групи во општеството, како студентите, често се вклучени во стандардната дефиниција за сиромаштија, иако нивните животни стандарди се релативно високи. Со други зборови, стапката на сиромаштија е вештачки зголемена. Одговорот на Шнајдер на ова е дека „стотици илјади бездомници, и стотици илјади згрижени лица и луѓе со попреченост“ воопшто не се вклучени во статистиката, што значи дека навистина се работи за „потценување на реалната димензија на сиромаштијата во Германија“.