1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската воена морнарица во помош на либиските бегалци

6 март 2011

Бродовите на германската морнарица со либиски бегалци од Тунис тргнаа во правец на Египет. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле инсистира на натамошни санкции против либискиот водач Моамер ел Гадафи.

https://p.dw.com/p/10UBe
Египетски државјани чекаат пред германските бодовиФотографија: AP

Три германски воени бродови ноќеска го напуштиле туниското пристаниште Габес упатувајќи се кон египетското пристаниште Александрија. На палубата на бродовите се преземени повеќе од 400 египетски гастарбајтери, кои поради крвавите битки во Либија пребегаа во Тунис. Патувањето преку Средоземното Море ќе трае три дена. Ангажманот на Бундесверот е во рамките на меѓународната хуманитарна акција за помош при бегалските бранови од Либија.

Вестервеле бара поостри санкции

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле пак побара поостри санкции против либискиот владетел Моамер ел Гадафи, изразувајќи загриженост за она што се случува во Либија. Тој за весникот „Велт ам зонтаг“ изјави дека Советот за безбедност мора повторно да се врати на темата Либија. Според Вестервеле, досегашните санкции не се доволни, мора на пример да се прекине дотокот на пари за Гадафи.

Deutschland Außenminister Guido Westerwelle zu Sanktionen gegen Libyen Pressekonferenz in Berlin
Гидо ВестервелеФотографија: AP

Американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер идната недела ќе допатува во Берлин на разговори околу натамошни санкции. Целта е зголемување на притисокот врз владата во Триполи во максимална можна мерка, соопшти портпарол од Вашингтон.

Огорчени борби во Либија

Во меѓувреме трупите на Гадафи и противниците на режимот водат огорчени борби околу заземањето стратешки важни градови. Многу жртви има пред се‘ во пустинскиот град Завија, западно од главниот град Триполи. Жителите на овој град ги обвинуваат трупите на Гадафи дека во потрагата по бунтовници убивале цивили. Очевидец сведочи за масакрирање на цивили.

DOSSIER komplettes Bild Libyen März 2011
Моамер ел ГадафиФотографија: picture alliance/dpa

Националниот совет, кого го основаа бунтовниците во источниот дел на Либија побара од меѓународната заедница да прогласи забранета зона за летови во Либија. На ваков начин Гадафи треба да биде спречен да го бомбардира сопствениот народ, се вели во опозициските кругови во источниот град Бенгази. Но, тие истовремено одбиваат интервенција на странските трупи на либиска почва.

Во Националниот совет спаѓаат 31 комитет на „ослободените“ градови. Советот првпат се состана вчера на тајно место во Бенгази. Националниот совет беше инициран од поранешниот министер за правда Мустафа Абдул Џалил, кој по избивањето на револтот во Либија се откажа од Гадафи.

Автор: ЖА/АТ/дпа/дпад/ртре/афп/дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема