1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласањето во Германија се одвива без проблеми

4 јуни 2011

Отворена врата и црвени рози од градината на македонската амбасада во Берлин ги пречекаа гласачите, кои сакаа за првпат да ја искористат можноста и да делегираат свој претставник во новиот македонски парламент.

https://p.dw.com/p/11UJP
Солиден одглас во БерлинФотографија: DW

Излезеноста до 13 часот изнесуваше 50 проценти, односно од пријавените 218 гласачи, своето право го искористиле 109. Во Минхен излегле над 30 проценти од пријавените 156, додека во Бон, од 151 пријавен до 13 часот својот глас го дале педесет проценти.

Mazedonische Diaspora wählt in Deutschland
Гласање само еднаш - проверка на палецот и во Берлин!Фотографија: DW

Избирачкото место 5011, од изборната единица 7 во Берлин инаку е уредно одбележано уште на влезот во Амбасада. Во таканаречениот „зимски салон“ е гласачката кабина, кутијата и претставниците на ДИК и набљудувчите, кои од 7 часот ги пречекаа најранобудните. Лиле Милинг, претседател на одборот, вели дека до 10 часот излезеноста била 10 проценти. Гласале 23 пријавени граѓани, главно од Берлин. Главниот гласачки бран меѓутоа се очекува во попладневните часови.

„Сите досега што дојдоа имаа уредни и валидни документи и немаше никакви проблеми“, вели Лиле Милинг, според која за излезеноста ДИК бил информиран во 10 и 13 часот, а ќе следи уште една информација во 17.

Гласачите задоволни од организацијата

За гласачите од Берлин и Германија важат востановените законски правила. Прво им се проверува палецот со УВ ламба, за евентуелано да не гласале на друго место, по што се проверуваат документите за идентификација и се споредуваа со избирачкиот список. Дури потоа избирачите ги добиваат листите со кандидатите и дополнително беа прскани со спреј пред да заминат во кабината за гласање.

Mazedonische Diaspora wählt in Deutschland
Стојмир е задоволен од организацијата на изборите.Фотографија: DW

Потоа муабетеа во дворот за гласањето.

„Ние многу порано дојдовме. Организацијата е многу добра. Мило ми е што дијаспората и ние кои сме во странство можеме да гласаме“, вели Стојмир, а Цане дополнува:

„Мислам дека организираноста е во ред. И одбележјата се
во ред. И персоналот добро работи. Реално гледано - се` е нормално!“

Гласањето завршува во 19 часот, по што Комисијата ќе ја отвори кутијата и ќе ги преброи гласовите, по што ќе биде информирана и ДИК. Потоа, материјалите се пакуваат, се става печат и преноќуваат во амбасадата. Изутрина, пак, претставник на амбасадата, пакетот со изборниот материјал како доверлива дипломатска пошта ќе му го предаде на раководителот на берлинскиот изборен одбор, кој материјалот ќе го достави до централата на ДИК во Скопје.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Трајче Тосев