1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците штрајкуваат поради затворањето на радио-телевизијата

ЖА/дв/ртре/дпа13 јуни 2013

Синдикатите за денеска (13.06) повикаа на 24-часовен штрајк во знак на протест против затворањето на државната радио-телевизија. Непопуларната мерка на владата е мета на се‘ поголеми критики.

https://p.dw.com/p/18ogz
Фотографија: reuters

Грција денеска е парализирана од 24-часовен штрајк по повик од синдикатите во приватниот и државниот сектор против затворањето на државните медиуми. Грција е во целосен информативен мрак, бидејќи во штрајкот учествуваат вработените во државните и приватни медиуми. Штрајкуваат и новинарите во печатените изданија – весници и списанија.

Градскиот транспорт исто така е блокиран – не сообраќаат автобуси и тролејбуси, а метрото запре со работа во девет часот по локално време. Авиодиспечерите ќе штрајкуваат до 17 часот по локално време. Вработените во медиумите предупредија дека протестите ќе траат додека Владата не ја повлече одлуката за затворање на грчката национална радио и телевизија ЕРТ. Илјадници атињани се пред зградата на ЕРТ каде од вчера има концерти, а тимови по сопствена иницијатива емитуваат емисии преку интернет.

Затворањето на националната радио-телевизија се‘повеќе ја оптоварува и владината коалиција и може да се прошири во криза. Двата помали коалициони партнери, Демократската левица и Социјалистичката партија, бараат ЕРТ да продолжи со работа и средба со премиерот Самарас заради разјаснување на потегот. Тие уште при обзнанувањето на одлуката на владата, се пожалија дека биле прескокнати во нејзиното донесување.

Владата ја аргументираше одлуката со тоа што ЕРТ наводно е „типичен пример за неверојатно расфрлање со пари“. Мерката е образложена како дел од мерките за штедење, договорени со меѓународните кредитори. Медиумската куќа годишно ја чини владата околу 300 милиони евра. Најавено е отворање на нов национален медиумски сервис со помал број вработени.