1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грција е поподготвена на компромис “

22 јуни 2010

На грчката влада и‘ е од интерес да биде конструктивна во спорот со Македонија и најверојатно поради тоа и Атина е таа која ја иницираше последната директна средба со Груевски, вели за ДВ експертот Јанис Емануилидис.

https://p.dw.com/p/Nziz
Јанис ЕмануилидисФотографија: DW

Експертот од Европскиот политички центар од Брисел, Јанис Емануилидис, за Дојче Веле оцени:

„Од страната на Атина има волја за решение. До скоро се зборуваше дека грчката влада би можела да го искористи прашањето за да создаде национални чувства кои ќе го оттргнат вниманието од економските проблеми. Но, тоа не беше случај. Мислам дека владата на Папандреу се обидува да биде конструктивна на ова поле пред очите на надворешниот свет, дека сакаат компромис, дека не се ’лошото момче’ во ЕУ. Покрај тоа што мораат да го сторат во економијата и финансиите, сакаат да покажат дека на полето на надворешната безбедност се играчи во кои можете да имате доверба. Топката е кај двете страни, но ми се чини дека Атина е подготвена да игра со топката. Од страна на Скопје има помала подготвеност.“

Решавањето на спорот за името на Македонија ќе и донесе датум за преговори, повеќе финансиски средства, поголема стабилност и сигурност во сопствената иднина, додава аналитичарот.

Замор од проширување има, но има и напредок

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Иако постои извесна замореност од проширувањето во ЕУ веќе подолго време, политиката останува жива. Тоа го докажуваат и последните одлуки да се започнат преговори со Исланд и волјата да се затворат со Хрватска

„Има напредок ако ги погледнете заклучоците на Советот. Заморот се‘ уште постои, но се напредува. Има волја да се исполнат обврските кон Западниот Балкан, повеќе од еднаш им е кажано на овие земји дека треба да станат членки. Притисокот врз земјите кандидати се зголемува, затоа што условите се многу постриктни сега отколку што беа за претходните кандидати.“

Сега се разговара за работи за кои до пред извесно време не се ни помислуваше да се дебатира

Осврнувајќи се на економската и финасиската криза во Унијата, Емануилидис истакнува дека таа ќе биде надмината. Унијата секогаш успева да се извлече од кризите и од нив да излезе посилна и поразлична.

„Сегашната финсиска криза е сериозна затоа што ги потресува нејзините основи. Но, ако ја погледнете историјата на ЕУ ќе видите дека таа е полна со кризи од 50-те години до денеска. Секогаш излегувала посилна од кризите. Оваа криза е многу тешка за земјите членки, но имаме сега дебата за теми за кои не ни помислувавме да дебатираме пред една година - за промена на европска економска власт, за санкции, координација на фискалните политики. Не знаеме како ќе заврши, но не верувам дека ќе заврши во ќорсокак, туку ќе заврши со компромис како што е секогаш случај со ЕУ. Не верувам дека ЕУ ќе исчезне, она што може да исчезне е ЕУ каква што ја знаеме денеска.“

Иако од грчко потекло, аналитичарот Емануилидис речиси во текот на целиот разговор за Дојче Веле го користеше уставното име на Македонија како и придавката македонски, но тоа, вели тој, ништо не менува на фактот дека спорот за името е услов без кој нема напредок за Македонија кон ЕУ. Напредок кој е витален.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска