1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали македонскиот јазик ги оптоварува Албанчињата?

23 јануари 2010

Воведувањето македонски јазик за првачињата од етничките заедници го одбележа почетокот на второто полугодие во Македонија. Педагозите имаат поделен став за тоа дали учењето македонски е оптоварување.

https://p.dw.com/p/Ldao
Фотографија: Petr Stojanovski

Одлуката на надлежното министерство за образование, за воведувањето македонски јазик за првачињата од етничките заедници наиде на отпор кај родителите на учениците Албанци во прво одделение, кои според податоците на министерството се околу седум и пол илјади. Неколку невладини организации од Скопје, Тетово и Гостивар поднесоа иницијатива до Уставниот суд за нејзино укинување. Министерот за образование и наука Никола Тодоров повторува дека нема основа за нејзино поништување, со оглед на тоа што децата само фонетички ќе го учат македонскиот јазик, а дека описменувањето ќе почне во четврто одделение.

Ставови на педагозите

Фатби Османи, професор по педагогија и методика на наставата на Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Тетово, коментира: „Од методичко – дидактички аспект не е оправдано воведувањето на македонскиот јазик во наставата за првачињата од етничките заедници. Не е направено доследно испитување во врска со тоа дали може децата – Албанци да го носат товарот на тој предмет, покрај другите, бидејќи со воведувањето на македонскиот јазик кај Албанчињата тој веќе станува трет предмет, покрај мајчиниот – албански и англискиот.“

Grundschulklasse in Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Благица Петковска, професорка по педагогија и методика на наставата на Педагошкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, изнесува поинаков став: „Програмата навистина не оптоварува. Комисијата, задолжена за ова, водеше многу грижа кои содржини ќе бидат застапени, кои активности и методи ќе се применуваат. Комисијата даваше модели и примери како ќе се спроведува тоа. Децата имаат капацитет, тие можат да го изучуваат македонскиот јазик на таа возраст. Подготвена е програма која обрнува внимание на тие моменти. Во неа, како и изготвувањето на националната програма за образование на припадниците на етничките заедници беа вклучени и психолози и педагози. Значи, се’ се имало предвид.“

Учење на македонскиот јазик преку устен, јазично изразен пристап

Петковска, која беше член на Комисијата за изготвување на програмата за изучување на македонскиот јазик и други предмети во наставата од прво до трето одделение за учениците од малцинските етнички заедници, натаму објаснува: „Наставата што ќе се изведува се засновува врз вежби на слушање, потоа децата ќе учат некои песнички, ќе им се читаат некои басни. Ќе се вежбаат формите на изразот, за да може ученикот да користи реченици во најелементарна форма, како и да може да разговара во најнормални комуникациони ситуации.“

Schüler mit Migrationshintergrund und aus Deutschland
Фотографија: dpa/picture-alliance

Агим Полјоска, професор на катедрата за албански јазик на Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, автор на преводни речници на македонски и албански јазик, се согласува со ставот на професорот Османи дека е неприфатливо какво било преоптоварување на првоодделенците – Албанци со изучување три јазици. Но, Полјоска се надоврзува кон објаснувањата на Петковска на следниот начин: „Изучувањето на македонскиот јазик за Албанчињата – првачиња ќе биде преоптоварување, ако се изведува според програма, што ќе биде во спротивност и со нивните психофизички способности и карактеристики. Меѓутоа, ако се работи за нешто што има карактер на учење јазик на еден, да речеме, не стручно граматички начин, туку на еден многу поедноставен начин за комуникација, преку игра и други форми на усвојување на јазикот – тогаш тоа е во ред. Значи, мора да се изнајдат модули, методи и форми точно приспособени на возраста на ученикот. Недостасуваат и учители, кои ќе бидат квалификувани, обучени за изведување таква настава по македонски јазик во првите одделенија за етничките заедници. Но, тогаш, без размислување: во таквата настава ќе можат да се воведат и албанскиот, турскиот и сите други јазици на етничките заедници во Македонија.“

Благица Петковска ги заокружува своите искажувања: „Кога се има предвид усвојувањето на јазикот на оваа возраст во одделенската настава, се има предвид восприемање на јазикот не структурно, каде што се доаѓа до дефиниции, каде што јазикот се разгледува на сите рамништа – на фонетско, граматичко, синтаксичко, лексичко, стилистичко ... Напротив, тука станува збор за изучување на македонскиот јазик во првите одделенија за децата – припадници на другите етникуми преку устен, јазично изразен пристап.“

Првачињата од другите етнички заедници ја следат наставата по македонски јазик

Наспроти бојкотот на споменатата одлука на Министерството за образование во албанскиот етникум, првачињата од турската, ромската, влашката, српската и бошњачката етничка заедница ги следат часовите по македонски јазик без никакви проблеми.

Interkulturelle Schule Bild 3
Фотографија: Ludolf Dahmen

Реџеп Али Чупи, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на етничките заедници во состав на Министерството за образование, посочува: „Првоодделенците од овие пет етнички заедници, кои започнаа да го учат македонскиот јазик, ќе здобијат значајни придобивки и во поглед на нивното полесно интегрирање во општествената средина, откако ќе ги совладаат елементарните основи на македонскиот јазик. Од родителите на првачињата од тие етнички заедници досега нема никаков отпор. Не верувам и дека ќе има, бидејќи и родителите сметаат дека тоа е во корист за нивните деца. Оваа одлука на Министерството за образование ќе придонесе кон интеракцијата меѓу учениците – припадници на другите заедници, кои го говорат македонскиот јазик. Така тие ќе можат да се разбираат и да се дружат полесно меѓу себе.“

Останува допрва да се види каква ќе биде натамошната судбина на таа одлука, но и на самата позиција на министерот за образование Никола Тодоров, со оглед на најновите негативни реакции од врвот на владината Демократска унија за интеграција, искажани вчера преку нејзиниот генерален секретар Абдулаќим Адеми, кој е и потпретседател на Владата.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска