1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делавекурас: Нема согласност од Грција без решение за името

СН/АТ/миа8 декември 2012

Портпаролот на грчкото МНР ги демантираше информациите дека Грција има намера да се сложи Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ без претходно да се реши прашањето за името.

https://p.dw.com/p/16yV6
Фотографија: AP

„Што се однесува до содржината објавена денеска во некои грчки медиуми, дека Грција има намера да се сложи поранешната југословенска Република Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ без претходно да се реши прашањето за името, треба да биде јасно дека тоа не е точно. Грчката позиција останува стабилна и конзистентна, дека за почеток на пристапните преговори, предуслов е исполнување на сите услови и критериуми утврдени со одлуките на ЕУ. Најважен од овие услови е почитување на соседите и следствено на тоа изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за прашањето за името“, се наведува во денешната изјава на портпаролот на грчкото министерство за надворешни работи Григорис Делавекурас, која ја пренесува македонската новинска агенција МИА.

Покрај тоа Делавекурас истакна дека содржината на последните предлози на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името на Македонија, нема никаква врска со она што е објавено во некои македонски медиуми.

Портпаролот на грчкото МНР додаде дека Грција нема добиено такви предлози и она што е објавено како формула за решавање на името воопшто не е точно.

Македонскиот неделник „Граѓански“ објави дека Нимиц предложил името на земјата да биде „Северна Република Македонија“, додека за придавката „македонски“ и идентитетот Македонци, тој предложил да се користи „од Северна Република Македонија“, а јазикот да биде „официјален јазик на Северна Република Македонија“.