1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деца за љубење или за губење

Синоличка Трпкова
23 март 2018

Како тргнало човештвото, верувам дека во скоро време ќе биде многу поедноставно да се клонира одошто да се роди човечкото битие.

https://p.dw.com/p/2uqcI
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

Што и колку искусиле денешните средношколци во Америка? Тие се родени околу 2000-та и по неа. Фатиле мал дел од времето на Обама, но живеат во времето на Трамп. Сега се подготвуваат за масовни протести на 24 март. Велат дека се работи за нивните животи, за безбедност во училиштата, за никогаш повеќе да не се повтори масакрот што се случи во гимназијата на Флорида. Тие се директни сведоци на стравот и некои од нив и' погледнале на смртта во очи. Имаат искуство со куршуми што минуваат крај нивните глави, виделе мртви тела и крв слушале писоци и повици за помош. Во 21-ви век среде цивилизација. Имаш 16-17 години, стануваш наутро, доручкуваш, "скролаш” на ФБ, седнуваш во автобус, слушаш музика, се смееш со другарите. Доаѓаш на школо како и секој нормален ден и одненадеж се случува војна. Истите другари со кои си делел клупа ги гледаш пред тебе мртви со прострелни рани. Тоа што дотогаш било само филм или се случувало далеку од тебе - станува твоја реалност. Следниот ден те повикува претседателот на САД на дебата и бара да го чуе твојот глас. А ти му велиш дрско и гласно – "не треба мене да ме слушнете и најмалку денес кога ги погребуваме другарите, туку требаше да ги слушнете нивните писоци вчера!”

USA Schulmassaker von Parkland
Фотографија: picture-alliance/dpa/newscom/G. Rothstein

Средба со смртта

Колку еден средношколец навистина се интересира за политика? И дали реакциите на овие млади луѓе се производ исклучиво на еден настан или се револт и последица на политиките што довеле до него? Зашто ова не е прв училишен масакр во Америка. Еден дел од светот е константно во војна и секојдневно гинат невини деца и млади. Таму грозоморните настани се секојдневие. Стануваш и знаеш дека можеби доручекот (ако воопшто си го имал) ти е последен, а денот – неизвесен, и дека најверојатно ќе се сретнеш или разминеш со смртта. Таа не те изненадува. Секојдневно живееш со неа. Но и останатите луѓе од другите страни на светот не ги изненадува твојата смрт. Зашто тие се навикнати да ја очекуваат токму на тоа место. Онаму каде што не се очекува, таа изгледа многу пострашна и за неа се слуша, зашто е “вест”. Информациите од воените жаришта се само за бројките на настраданите. Тие не се вест, туку се секојдневие и се очекувани, се предвидуваат. А на другиот крај од светот младите се спремаат да маршираат за своите животи. За својата безбедна иднина. Тие се одлучни, имаат причина и аргументи за делување. Фокусирани се и непоколебливи.

Денешниот конфликт на генерации, како и со многу пред нив, повторно е сведен на – се' што вие старите упропастивте, ние младите треба да исправаме. Има вистина во тоа. Едната е дека ние "старите” сме биле комотни. Другата е дека сме “немале” време и можност критички да го следиме и промениме развојoт на настаните. Нашата заедничка иднина е неизвесна. Бројот на безбедни и пристојни за живот општества се намалува, а се намалува и потенцијалот и капацитетот за промена на овој факт. Како родители полесно ни е да ги ослободуваме децата од грижа и одговорност, зашто и ние сами сме збунети, исплашени и затечени од се' што ни се случува. Технолошкиот напредок придонесува и за поголема изолација, но и за брзи информации. Светот денес изгледа како на дланка. Иако знаеме се' за секој дел од него со еден “клик”, сепак нашите искуства за тоа како да менуваме - бледнеат. Зашто и ние како луѓе бледнееме и стануваме копии на некој дамнешен "оригинал”.

Претходни колумни на авторката: 

„Изгубени во преводи”

Виртуелната принцеза Ирена

Нашата историја и нашата покисната сегашност

Девојчето со ѓеврекот

Недокваканите пубертетлии

Љубовта ќе го спасела светот, велат. Но за да се роди љубов потребни се контакти, време, допир, погледи, воздишки, слушање на чукање на срце, броење ѕвезди, пробдеани ноќи, бесконечни разговори. Но како тргнало човештвото, верувам дека во скоро време ќе биде многу поедноставно да се клонира одошто да се роди човечкото битие. А ако тоа навистина се случи, тогаш никому повеќе нема да му бидат потребни никакви искуства. Кога велам искуства, мислам на доживеани, видени, почувствувани, допрени нешта. Кому би му било грижа за нечија воздишка, болка, страдање, смеа, солзи, страст и живот во еден свет на клонирани луѓе, коишто без (водење) љубов ќе бидат “донесени” на свет, а веројатно исто така и “однесени”? И дали еден таков свет има смисла? Заборавањето не може да се спречи, но може да се успори, ако ние како родители вложиме напор да ги врежеме сеќавањата за “оригиналот” кај нашите деца. Сеќавања дека имаме земја за чување и деца за љубење, не за губење. Но прашање е дали ние како родители сме запаметиле нешто од нашите предци. Ја имаме само Дарвиновата теорија за којашто се држиме како давеници за сламка. Сѐ друго како да испарило од нашите глави, за секоја нова генерација одново да страда, да се бори и да менува, а следната - повторно се' одново да заборави.

USA Schulmassaker von Parkland
Фотографија: Getty Images/J. Raedle

Младите средношколци, "милениалци”, се интересен пример за тоа дека ништо не ги интересира се' додека не го искусат ударот врз својата кожа. Што сепак е знак дека искуствата се сѐ уште движечки мотор за солидарна (ре)акција и дека "оригиналот” е присутен во нивната подсвест. Веројатно слично било и со нас кога сме биле млади. Со таа разлика што сме немале виртуелен свет за да избегаме во него, или дури и да се преселиме како во постојано живеалиште. Младите средношколци, сведоци на масакрот во Америка, се пример за тоа како едно крваво искуство може да ги извади од виртуелниот свет и да ги подготви за самоодбрана во реалниот. Куршумите тој ден ја пролеаја, но и ја зовреа крвта, на “недокваканите” и "аполитични” пубертетлии. Последното масовно убиство ги разбуди мислите и срцата на младите “киборди” и ги подготви за да излезат на улица. Тие не сaкаат да се повтори она што се случи. Можеби не ги ни интересира политика, но сакаат нормален и безбеден живот и ќе го бараат. Дали само ќе пркосат или и ќе влијаат врз политиките за поголеми промени – сеуште не знаеме. Некои им се потсмеваат на младоста и наивноста, а некои им се восхитуваат на храброста и одлучноста. Но младите изгледаат  разбудени и присутни во реалноста и свесни за потребата од промена. На нивна возраст, во едно друго време, многу од родителите во трка по кариера и пари, не ни помислуваа каков свет ќе им остават на своите деца.