1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добар ден Европо!

30 ноември 2009

Историски ден, празник, датум што ќе остане запаметен. Македонските граѓани не бираат зборови за да ја опишат радоста што ја чуствуваат денеска кога е потврдена одлуката за укинување на визите.

https://p.dw.com/p/Kkey
Фотографија: dpa/DW Fotomontage: Albrecht Schrader

Шенгенскиот ѕид паѓа. Европа ја крева рампата. Се зголемуваат можностите за луѓето од Македонија. Младите добиваат поголеми шанси за образование во познатите центри, вредните работници можност за професионално доусовршување, на љубопитните им се отвора патот да прошетаат и да го запознаат стариот континент.

„Да не се малтретираме, да бараме визи, да молиме. Ни‘ се отвораат широко вратите и можеш да шеташ каде сакаш, и за работа и за шетање. Ќе можам без проблем да се прошетам, не дека визите многу ограничуваат, но сепак, треба време за да извадиш виза“, велат младите.

Најмногу ќе добие бизнисот

Придобивките се бројни, но се чини најзначајни се за бизнис секторот. Повеќе од половина од вкупната трговска размена на Македонија отпаѓа на земјите од Европската унија. Падот на визите уште повеќе ќе ги приближи европските пазари, oбјаснува за Дојче веле, Стојмирка Тасевска од Стопанската комора на Македонија.

Symbolbild Visum und Visa Warndatei
Укинувањето на визите најмногу ќе им значи на младитеФотографија: picture-alliance/chromorange

Чекањето пред амбасадите беше малтретирање, бројните документи кои беа неопходни за добивање виза - понижување. Оние кои најмногу се мачеа, македонските камионџии, сега најмногу му се радуваат на безвизниот режим вели Билјана Муратовска од здружението на транспортери „Макамтранс“.

70% од Македонците никогаш не посетиле некоја од европските земји

Укинувањето на визите најмногу ќе им значи на младите. Ќе им ја врати самодовербата, ќе им овозможи да се почувствуваат како дел од современиот свет, вели Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум.

„Мислам дека младите на овој начин ќе осознаат што значи европска вредност, што значи почитување на туѓото мислење, што значи вреднување на различностите и на тој начин повторно ќе се вратиме на онаа линија на силна поддршка за ЕУ.“

Потврда за значањето на укинувањето на визите може да се најде и во непопуларниот статистички податок дека дури 70 проценти од Македонците никогаш не посетиле ниту една европска земја. Тие што прошетале, годишно за визи трошеа околу 10 милиони евра.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска