1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добар кандидат

4 јуни 2010

Се’ уште е само кандидат, но со голема веројатност Кристијан Вулф ќе биде идниот германски претседател. Дали Кристијан Вулф е добар кандидат, би бил ли добар претседател?

https://p.dw.com/p/Nhne

Кристијан Вулф е добар кандидат за највисоката германска државна функција и ако биде избран ќе биде и добар претседател. Кристијан Вулф е политичар речиси од детските денови, политичар верен на неговата партија, но и не е само тоа. Тој не се профилираше со остри изјави кои поларизираат, ниту пак влегувал во директни конфронтации. Кристијан Вулф е повеќе човек кој бара компромис, без притоа да ги изгуби од вид сопствените цели. Вулф е конзервативен и либерален, цврсто стои зад хрстијанските фундаментални вредности и е првиот, кој во улогата на премиер на покраинска влада во Германија именуваше муслиманка за министерка. Кај сограѓаните тој ужива висок углед. Згора на се’ е и добар говорник. Кристијан Вулф е изделкан од дрвото, од кое би требало да биде изделкан еден сојузен претседател како претставник на целиот народ.

Дека Кристијан Вулф ќе биде избран, во тоа нема сомнение, и покрај високо почитуваниот против кандидат Јоахим Гаук зад кого застанаа Социјалдемократите и Зелените. Владејачките партии ЦДУ, ЦСУ и ФДП располагаат со мнозинство во Сојузното собрание, кое го сочинуваат сите пратеници на Бундестагот и посебно именувани претставници од 16-те покраини. На ова монозинство може и да смета, оти само малкумина од христијанско-либералниот табор, имаат сериозни причини да бидат против него.

Deutsche Welle Peter Stützle
Петер ШтицлеФотографија: DW

Исто така и Урсула фон дер Лајен, за која медиумите за кратко поверуваа дека е потврдена како кандидат на владината коалиција, би била избрана со голема веројатност. Сепак, кај неа постоеше можност, во првиот изборен круг некој од пратениците да и’ испрати опомена. Дел од конзервативните политичари имено не се согласуваат со нејзината модерна слика за семејството, дел од Либералите до денес и‘ забележуваат што во борбата против детската порнографија сакаше да го цензурира интернетот. Значи постоеше можност и покрај јасното мнозинство на хартија, да бидат потребни повеќе изборни кругови - тоа ќе беше бламажа за Ангела Меркел и нејзините.

Кристијан Вулф не само што е добар кандидат за германски претседател, туку и на домашен терен, ја постави покраинската влада во Долна Саксонија толку добро, што со заминувањето нема да остави политички вакуум. По последната изборна победа во 2008 година, претседателството со покраинскиот огранок на ЦДУ Вулф му го предаде на Давид Мекалистер, кој раководи и со пратеничката група во покраинскиот парламент. Тој со голема веројатност ќе биде и новиот премиер во Долна Саксонија. Мекалистер има дарба за политичар и покрај тоа што има само 39 години и и’ е дораснат на функцијата. Урсула фон дер Лајен, напротив ако се повлечеше од извршната власт ќе оставеше видлива празнина во кабинетот на канцеларката. И овој аспект сигурно играл улога пред да се донесе одлуката. Јасно е дека станува збор за политички калкулации на канцеларката и коалиционите партнери, но и покрај тоа решението кое од тоа произлезе, не е најлошото.

Автор на коментарот: Петер Штицле

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска