1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Должничката криза предизвикува лошо расположение кај Грците

1 јуни 2011

Постојаната несигурност ги доведе Грците до границата на психичката издржливост. Владата со месеци воведува нови мерки за штедење, а дали и како земјата ќе успее да се извлече од банкрот, не може никој да каже.

https://p.dw.com/p/11Qj8
Многу Грци се на работ на егзистенцијата, протести поради мерките на владатаФотографија: DW

Улицата „Солонос“ во центарот на Атина. До пред неколку месеци, таа беше рај за купувачите. Но, од старите продавници со постојани муштерии, бројните модерни бутици и кафулиња не остана многу. Во многу продавници стои закачена табла со текст: „Распродажба поради затворање. Веќе не можеме да ја плаќаме киријата“. Луѓето веќе не купуваат, а кириите се превисоки.

Многумина жители на Атина веќе не го препознаваат својот град. Еден од двата големи синдикати во земјата, ГСЕЕ, проценува дека секој Грк денес во просек има 20 проценти помала плата, отколку на почетокот на должничката криза. Она што останува од платата, луѓето го штедат.

Griechenland Athen Bettler Armut Hunger
Сиромаштија на улиците на грчките градовиФотографија: picture alliance / dpa

Во улицата „Солонос“ е затворена секоја трета продавница. Цанимис Арис, сопственик на мала продавница за фотокопирање има среќа, зашто неговата работа уште не е погодена од кризата. Фотокопиите и пенкалата секогаш се барани, но сепак и тој е фрустриран: „Се работи за психолошки проблем, никој не знае како натаму“, вели тој. Постојаната несигурност е тоа што Грците ги доведе на работ на психолошката издржливост во последниве месеци.

Повеќе од една година владата донесува нови пакети за штедење и упорно нагласува дека напорите се големи, но и неопходни заради спасување на државата. А, дали и кога Грција ќе успее да се извлече, никој не може да каже. Тоа е она што ги фрустрира Грците.

Живот од заштедата

Беате Либхабер кон крајот на 70-те дошла во Грција од германската покраина Рајнланд Пфалц. Веќе 20 години има грчко државјанство. Бившата службеничка на Атинскиот универзитет имаше несреќа да замине во пензија токму во кулминацијата на должничката криза. Додека цела Европа расправа за крупните прашања - што уште Грција може да приватизира или што би донело репрограмирањето на долговите, Беате е преокупирана со конкретни маки: „Со месеци чекам на потврда за пензијата. Поднесов барање кон крајот на септември и оттогаш чекам одговор за висината на пензијата. Денес не се знае што ќе се намали, што не, а досега немам добиено ниту цент“, вели Беате. Моментно таа живее од заштедата, понекогаш и семејството од Германија и‘ испраќа по некое евро.

Драстично опаѓање на профитот

Finanzkrise Griechenland 2011_3
Фотографија: fotolia/DW

Назад во улицата „Солонос“ во Атина. Една од продавниците која опстојува е и големата книжарница. Близината до универзитетот и‘ обезбедува одреден профит. Сопственикот е песимист кога станува збор за иднината на Грција: „Социјалната држава е разградена, што е многу опасно. Невработеноста е голема, засегнати се стотици илјади, претежно млади луѓе. Како невработени добиваат пари некое време, но потоа, тие секнуваат, а што тогаш?“

Неговиот профит лани се намалил за третина. Она што останува на крајот од месецот е премалку за живеење, а премногу за умирање, вели 70-годишниот книжар, кој и самиот мора да работи на касата: „Грчкиот народ не може да издржи дополнителни мерки. Притисокот кој го вршат меѓународните контролори, постојаните штедења, намалувањето на социјалните услуги и се‘ потешката рецесија, сето тоа ги надминува рамките на нашата издржливост. Дотеравме до питачки стап!“

Автор: Штефен Вурцел/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска